Иранец, наводно вмешан во заговор за убиство на израелски бизнисмен во Атина – заговор што беше спречен од грчките и македонските власти – е идентификуван како Наџи Шарифи Зиндашти. Тој е осомничен нарко-бос, поврзан со иранските тајни служби, а по него трага и ФБИ, објави грчки Катимерини.
Катимерини се повикува на соопштението на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на Северна Македонија, за акцијата на македонската и грчката безбедносна агенција, дека еден македонски државјанин бил уапсен во Грција и екстрадиран во својата земја во врска со овој заговор, додека четворица негови сонародници биле уапсени во Скопје.
Од АНБ наведуваат дека планот наводно бил осмислен од иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех. Тој, според сознанијата, е поврзан со други лица кои дејствуваат во име на иранските безбедносни и разузнавачки служби, вклучително и со Зиндашти, преку кого наводно се обидел да најде соработници во криминалното подземје.
Зиндашти, кој е роден во западен Иран, наводно бил уапсен во 1996 година поради трговија со дрога и осуден на смрт. Тој наводно убил ирански чувар и побегнал во Турција, каде што создал широка мрежа за трговија со дрога, но истовремено, според извештаите, воспоставил и контакти во иранските разузнавачки служби.
Неговите активности се прошириле и надвор од Турција, при што во други земји тој се поврзува со големи пратки хероин, перење пари и судири меѓу криминални банди.
Според истражувањето на „Иран интернешнал“ (Iran International), Зиндашти станал главен нарко-бос благодарение на поддршката од Револуционерната гарда. Неговата мрежа контролирала 20% од вкупното количество хероин во Иран, како и 35% од хероинот што се продавал во главниот град, Техеран. Тој стана озлогласен во Грција поради неговата наводна вмешаност во организирањето и финансирањето на пратка од два тона хероин, транспортирана со товарниот брод „Нур 1“ (Noor 1) од Обединетите Арапски Емирати до Елефсина во летото 2014 година. Во септември 2017 година, во врска со овој случај, беше издаден налог за негово апсење. Се верува дека токму овој случај довел до убиството на 19-годишната ќерка на Зиндашти и нејзиниот возач во Истанбул, во септември 2014 година – чин што се толкува како одмазда, бидејќи некои лица од криминалното подземје сметале дека тој ја изневерил нивната шема.
Зиндашти беше уапсен во Турција во 2018 година, но беше ослободен шест месеци подоцна. Ова предизвика скандал, откако се појавија тврдења дека во случајот се вмешала личност која претходно била соработник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Најзначајниот аспект од неговата криминална кариера е наводното користење на неговата криминална мрежа за убивање ирански дисиденти. Според американските власти, неговата мрежа дејствува во име на иранското Министерство за разузнавање и безбедност, таргетирајќи ги противниците на режимот, новинарите и поранешните функционери. За возврат, властите во Техеран му дозволуваат да продолжи со своите незаконски активности.
Зиндашти се поврзува и со киднапирањето на Хабиб Чааб во 2020 година – иранско-шведски дисидент кој бил грабнат во Истанбул и однесен во Иран, каде што бил затворен, а во мај 2023 година и погубен со бесење.
Неговата мрежа, исто така, се поврзува со убиството на сопственик на телевизиска станица во Истанбул во 2017 година, како и со убиството на еден поранешен ирански функционер и разоткривач на нерегуларности (whistleblower), извршено во истиот град во 2019 година.
Неговите активности наводно се прошириле и во САД, каде што во јануари 2024 година властите покренаа обвиненија против Зиндашти и двајца канадски државјани за обид за убиство на двајца ирански бегалци во Мериленд. Во тој случај, тој наводно соработувал со криминалната организација „Ангели на пеколот“ (Hell’s Angels).
Сепак, во Иран, Зиндашти наводно уживал репутација на филантроп и се поврзувал со фондација која градела училишта. Во јануари 2024 година, САД и Британија воведоа санкции кон неговата мрежа, а истото го стори и Европската Унија во јули 2025 година.

