Не ги фрлајте старите лампиони, годинава се враќа новогодишната елка од детството

Доаѓа периодот кога се кити новогодишната елка, светилките ги осветлуваат прозорците, песни ги исполнуваат домовите и се враќа по некој спомен од детството. Кутијата со стари лампиони, заборавена во подрумот или затскриена зад поновите новогодишни украси, време е да се отвори оваа година. Во неа можеби сè уште ја има стаклената птица што внимателно ја закачувавме, шарената топка што секогаш стоеше напред и малиот Дедо Мраз без кој елката не беше целосна. Сега е вистински момент повторно да си го најдат местото меѓу гранките и вашата елка да биде украсена по последен тренд.

Во празничните предлози за испраќање на 2026 се издвојуваат токму таквите украси: собирани со години, различни еден од друг и поврзани со луѓе и моменти што ги паметиме. Старата кутија со лампиони добива нова причина да се пренесе од подрумот во дневната соба.

Повторно место за лампионите на баба и дедо

Стаклени птици, мали Дедо Мразовци, овошје и лампиони со рачно насликани детали повторно се појавуваат во сезонските колекции. Канадската компанија за декорација „Декор Вероно“ го издвојува враќањето на стаклените украси како еден од трендовите годинава, со инспирација од елките на нашите баби и дедовци.

Нивните сјајни површини и ситни детали ја фаќаат светлината меѓу гранките. Неколку такви парчиња можат да се комбинираат со мат лампиони, кадифени ленти и топли бели светилки, па и старата колекција да добие свеж изглед.

Највпечатливите украси може да се постават на повидливите гранки, каде што нивните облици и бои ќе дојдат до израз.

Секоја година по еден спомен

Украс донесен од патување, хартиена ѕвезда направена од дете и лампион наследен од родителите можат да стојат на иста елка. Токму ваквото украсување го издвојува платформата за дизајн „Гласет“, колекција што постепено расте и го следи животот на семејството.

Така, додека ја украсуваме елката, се потсетуваме кој го избрал некој лампион, кога сме го купиле и чии мали раце ја направиле хартиената фигура што сè уште ја чуваме.

За различните украси да изгледаат поврзано, „Гласет“ предлага осветлувањето да биде еднообразно. Омилените парчиња заслужуваат место на висина на погледот, каде што лесно ќе се забележат.

Ретро украсите повторно се бараат

Интересот за ваквото украсување се гледа и во податоците на трговската платформа Faire. Пребарувањата за винтиџ украси таму пораснале за 58 отсто во однос на претходната година, а за персонализирани украси за 122 отсто.

Овие бројки се однесуваат на пребарувањата на трговците на платформата и покажуваат какви производи бараат за своите празнични понуди. Расте и интересот за светкавите гирланди, кои многумина ги паметат од елките во детството.

Голема панделка за нов изглед

На старите лампиони годинава може да им се придружи голема панделка. Во сезонските предлози се издвојуваат кадифени и шарени ленти, поставени на врвот или распоредени меѓу гранките.

За поразигран изглед се комбинираат живописни стаклени украси и тенки светкави нишки. Бордо, темнозелените и златните детали, пак, можат да ја поврзат старата колекција со потопла празнична палета.

Промената може да почне со отворање на кутијата што со години ја преместуваме од една полица на друга. Меѓу хартијата во која се завиткани лампионите можеби нè чека токму украсот што и нашите деца еден ден ќе го паметат.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?