Пет лица се уапсени во Северна Македонија и Грција како дел од заедничка разузнавачка операција насочена против мрежа на поединци кои подготвувале терористички план за напад или атентат врз одредено лице во Грција, наводно дејствувајќи во име на ирански државјанин, пишува денеска грчки Катимерини.
Маж од Северна Македонија е уапсен во Грција и екстрадиран во својата матична земја во врска со овој заговор, додека четворица негови сонародници се уапсени во Скопје, се наведува во соопштението на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), што го пренесува Катимерини,
Агенцијата не откри кој бил, или кои биле, целите во Грција.
Од АНБ соопштија дека планот наводно бил осмислен под раководство на иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех, кој се поврзува со други актери што дејствуваат во име на иранските безбедносни и разузнавачки служби, вклучително и неговата поврзаност со нарко-босот Наџи Шарифи Зиндашти.
Во текот на истрагата биле откриени тајни средби на инволвираните лица во трети земји, вклучително и во Иран, а исто така биле потврдени и нивните контакти со ирански државјанин, кој наводно одиграл клучна улога во планирањето на нападот, велат од АНБ.
Во координација и размена со странски партнерски служби беше разоткриен нивниот modus operandi, за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција. Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно истиот е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби.
Ваквите конекции, како и фактот дека изминатиот период повеќе земји се соочија со терористички закани и напади од страна на ирански прокси актери, е во корелација со обидите на иранските разузнавачки служби за нивно затскривање преку криминални прокси мрежи во трети земји, вклучително и Македонија.
Заедничката истрага помеѓу АНБ и грчката разузнавачка служба ЕИП (EYP) започнала на почетокот на 2026 година.

