Основниот суд во Охрид му одреди 30 дена притвор на Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара. Судот ја изрече мерката по предлог на охридското обвинителство, кое во понеделникот поднесе обвинение за три кривични дела.
Корабоски се товари за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според обвинителството, тој при вршење семејно насилство ја затворил партнерката против нејзина волја, физички ја нападнал и ја повредил.
СВР Охрид првично поднесе кривична пријава за тешка телесна повреда. Пред да го поднесе обвинението, јавниот обвинител ја испитал Сара во присуство на претставници на социјалните служби и било извршено вештачење за видот и карактерот на нејзините повреди.
По првото приведување, судот му забрани на Корабоски да ѝ се приближува на Сара на помалку од 50 метри, му го одзеде пасошот и му наложи редовно да се јавува во судот. Полицијата повторно го приведе на 16 ноември, повикувајќи се на нови околности во предистражната постапка.

