Стотици мажи излегоа на протест во Швајцарија пред парламентот во Берн, барајќи поголема вклученост на мажите во борбата против насилството врз жените. На собирот, одржан на 14 ноември, учесниците порачаа дека мажите не смеат да молчат кога се случува мизогинија и насилство, туку мора активно да се спротивстават на нив.
Протестот под мотото „Мажи против насилството врз жените“ беше организиран од поширока коалиција во која учествуваа и швајцарската Социјалдемократска партија и Комитетот на мажи против насилството врз жените.
Организаторите повикаа мажите да покажат солидарност со жртвите, да преземат одговорност за сопственото однесување и да не ги игнорираат насилниците во својата околина.
„Ние мажите сме дел од проблемот – проблемот е насилството врз жените и квир-заедницата. Затоа е важно да застанеме и да кажеме дека повеќе не сакаме да бидеме дел од проблемот, туку сакаме да бидеме дел од решението“, изјави Кристоф Гостели, еден од организаторите на протестот.
Собирот се одржа во услови на зголемена загриженост за ширењето мизогини содржини на интернет, особено меѓу тинејџерите и младите мажи. Посебно внимание привлекуваат онлајн заедниците и инфлуенсерите кои промовираат доминација на мажите и непријателство кон феминизмот.
Истражување објавено во јуни, спроведено од Универзитетот во Цирих и организацијата MenCare, покажало дека половина од анкетираните мажи на возраст од 18 до 24 години имаат рестриктивни ставови за машкоста, засновани на доминација. Дел од нив сметаат дека „вистинските мажи“ сè повеќе се маргинализирани во општеството.
Истражувачите повикале на поширока општествена дебата за моделите на машкост што поттикнуваат насилство, почнувајќи од образованието.
И швајцарскиот министер за правда Беат Јанс неодамна предупреди дека мажите се сторители на четири петтини од насилните кривични дела, додека кај силувањата нивниот удел достигнува 99 проценти.
„Не се сите мажи. Но, мораме да признаеме дека речиси секогаш се мажи“, изјави Јанс на 2 ноември, повикувајќи ги мажите да преземат одговорност.
Според организаторите на протестот, повеќе од половина од жените во Швајцарија доживеале сексуално вознемирување, а една од пет жени била изложена на несакани сексуални дејствија.

