Зошто Индија е туристичка дестинација на 2027 година?

Американскиот магазин „Travel + Leisure“ ја избра Индија за дестинација на годината, издвојувајќи ги нејзините природни убавини, културното наследство и помалку познатите места кои сè повеќе го привлекуваат вниманието на патниците.

Од тропските острови во Арапското Море и снежните врвови на Хималаите до живописните градови и историските палати, Индија нуди искуства што значително се разликуваат од вообичаените туристички маршрути.

Главната уредничка на магазинот, Џеки Гифорд, во образложението на изборот се навраќа на своето прво патување во Индија, кога имала само три години. Таа ги издвојува боите, храната, традиционалната облека, динамичниот сообраќај и гостопримството како дел од впечатокот што земјата го остава кај посетителите.

Според магазинот, токму разновидноста на Индија е причината што таа е избрана за дестинација на 2027 година.

Тропски острови до кои не може да стигне секој турист

Меѓу посебно издвоените дестинации е архипелагот Лакшадвип, сместен покрај југозападниот брег на Индија.

Архипелагот има 36 острови, од кои околу десет се населени, додека само мал број се достапни за туристички посети. За пристап е потребна посебна дозвола од локалната администрација.

Со тиркизните води, коралните гребени и песочните плажи, Лакшадвип претставува поинакво лице на Индија, далеку од големите метрополи и најпосетуваните туристички атракции.

Индиската „мала Швајцарија“ скриена меѓу планините

Во изборот се најде и Каџијар, планинска област во индиската држава Химачал Прадеш, која често ја нарекуваат „мала Швајцарија“.

Опкружена со густи шуми, зелени ливади и планински предели, оваа дестинација привлекува посетители кои сакаат природа и одмор подалеку од градските метежи.

Магазинот ги издвојува и пештерите од песочник во околината на Мавсинрам, место познато по исклучително обилните дождови и влажната клима.

Удаипур – индиската „Венеција на Истокот“

Посебно место во изборот има Удаипур, град во државата Раџастан, познат по своите езера и раскошни палати.

Поради архитектурата и водените површини што го опкружуваат, Удаипур често го носи прекарот „Венеција на Истокот“.

Меѓу најпознатите знаменитости се Градската палата и палатата на езерото Пичола, која денес функционира како луксузен хотел.

Градот е препознатлив и по традиционалната уметност, локалните пазари и историското наследство.

Не само Таџ Махал: Ново внимание за помалку познатите населби

Покрај природните знаменитости, изборот ги опфаќа и урбаните средини.

Магазинот ги посочува малите населби во Мумбај, како и Хумајунпур, кварт во Њу Делхи кој во изборот на „Time Out“ за 2026 година го освои 16. место меѓу најинтересните населби во светот.

Овие места нудат поинакво туристичко искуство, со локална гастрономија, мали продавници, уличен живот и културни влијанија што ретко се наоѓаат во класичните туристички програми.

Изборот на Индија за 2027 година доаѓа по Бразил, кој ја носеше титулата за 2026 година, Тајланд за 2025 и Костарика за 2024 година.

Со новото признание, Индија добива дополнително меѓународно внимание како земја што на патниците им нуди многу повеќе од најпознатите историски споменици – од изолирани острови до планински села и големи градови со различни културни традиции.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?