Два дена барале питон во тоалет, а деветгодишно дете го додало со ВИ

ВИ генерирана фотографија од дете во Италија

Фотографија од питон што наводно излегува од тоалетна школка предизвикала речиси дводневна тревога во италијанското гратче Кастелфидардо, во близина на Анкона. Пожарникари и карабинери се вклучиле во потрагата, пред да се открие дека змијата никогаш не постоела — деветгодишно дете ја додало на фотографијата со вештачка интелигенција.

Сè започнало додека детето било на гости кај другарка. Во еден момент отишло во бањата, а потоа им покажало на возрасните фотографија со змија во тоалетната школка, тврдејќи дека слушнало чуден звук и го забележало животното.

Вознемирените возрасни повикале помош. Пожарникарите пристигнале и ја прегледале бањата и домот, но не нашле никаква трага од питон. Бидејќи фотографијата изгледала уверливо, се разгледувала можноста животното да избегало низ отворениот прозорец.

Случајот го презеле и карабинерите од службата за заштита на шумите и дивиот свет. При проверките ја побарале оригиналната фотографија од телефонот со кој била направена.

Тогаш пристигнало признанието: детето употребило апликација со вештачка интелигенција за да го вметне питонот во фотографијата од вистинската бања. Она што започнало како детска шега прераснало во интервенција на службите и вест што ја пренесувале локалните медиуми.

Според италијанската јавна телевизија РАИ, фотографијата била прифаќана како вистинска околу 48 часа. Во меѓувреме, се појавиле и претпоставки дека змијата се повлекла во одводот, што дополнително ја одржувало вознемиреноста.

Паоло Клини од Политехничкиот универзитет на Марке посочил дека сликата имала сомнителни детали, меѓу кои заматени рабови околу змијата. Сепак, тие не биле доволни веднаш да се препознае измамата. Тој повикал на поголема едукација за содржините создадени со ВИ и на проверка на фотографиите пред нивното споделување.

Необичен детаљ е што градоначалникот на Кастелфидардо, Роберто Аскани, само неколку дена претходно организирал настан посветен токму на вештачката интелигенција. Набргу потоа, гратчето добило практичен пример како една дигитално изменета фотографија може да предизвика вистинска тревога.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?