Со свечена програма исполнета со музика и традиција, синоќа беа одбележани 30 години од формирањето на Општина Чучер Сандево како самостојна единица на локалната самоуправа.
На свеченоста беа поканети сите досегашни градоначалници, како и поранешните и сегашните членови на Советот на Општината. Поради оправдани причини, на настанот не присуствуваше поранешниот градоначалник Јован Пејковски. Пред присутните се обратија првиот градоначалник на општината, Воислав Киранџиќ, и поранешниот градоначалник Сашко Комненовиќ. Во своите обраќања тие се осврнаа на почетоците, предизвиците и развојот на Чучер Сандево во изминатите три децении.
Свое обраќање имаше и актуелниот градоначалник Зоран Бајовски, кој изрази благодарност до сите што учествувале во создавањето и унапредувањето на локалната самоуправа.
„Овие 30 години се заедничко дело на сите досегашни градоначалници и советници, претседатели на Советот а посебно првиот претседател Живко Смоковски, но пред сè на вработените во општинската администрација, кои со своето знаење и посветеност го обезбедувале континуитетот во работата на локалната самоуправа. На сите нив им должиме искрена благодарност и почит за вложениот труд“, истакна Бајовски.
Во рамките на свеченоста им беа доделени признанија на пензионираните вработени во општинската администрација, во знак на благодарност за нивниот долгогодишен придонес и посветеност на граѓаните и општината.

Програмата беше збогатена со песни во изведба на заедничкиот хор на ООУ „Александар Урдаревски“ и ООУ „Св. Кирил и Методиј“. КУД „Плетеница“ се претстави со играорни сплетови, преку кои беа прикажани богатството на локалната традиција и значењето на нејзиното пренесување на новите генерации.

Пред присутните беше прикажан и краток видеоматеријал за природните убавини, археолошките локалитети, како и богатото културно и духовно наследство на Чучер Сандево. Преку него беше претставена општината како простор со богата историја, препознатлив идентитет и значајни можности за иден развој.
Во завршниот дел, градоначалникот Бајовски нагласи дека следното поглавје треба да се темели врз одговорна работа, подобра инфраструктура и создавање услови младите да ја градат својата иднина во Чучер Сандево.
„Благодарен сум на сегашниот состав на Советот на чело со претседателката Ирена Поповска и на вработените во општинската администрација за нивната секојдневна посветеност. Нашата заедничка цел е Чучер Сандево да биде убава и современа општина во која младите ќе ја гледаат својата иднина, а оние што заминале во странство ќе имаат причина да се вратат и своето знаење и искуство да ги вложат дома“, порача Бајовски.
Свеченоста испрати јасна порака дека развојот на Чучер Сандево е заедничка обврска и дека иднината на општината ќе продолжи да се гради преку меѓусебна почит, соработка и одговорност кон новите генерации со цел промоција и претставување на општината во вистинското светло.

