Студија на МАНУ и Еко свест: Енергетската транзиција ќе нè ослободи од јагленот, загадениот воздух и од увозот на струја

Замена на јагленот со чиста енергија, особено од сонцето кое го имаме во изобилие е една од главните заложби кон кои цели земјава на полето на енергетиката. Транзицијата на секторот кој се смета за еден од најголемите загадувачи на воздухот и емитери на стакленички гасови е приоритет поставен во повеќе стратешки документи, со кои Северна Македонија се приклучува кон напорите на Европската Унија за јаглеродно неутрален континент до 2050 година.

Освен исфрлањето на фосилните горива транзицијата треба да ни донесе и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, подобрување на енергетската ефикасност, намалување на влијанието на климатските промени, подобрување на состојбата со квалитетот на воздухот особено во урбаните средини, како и намалување на енергетската сиромаштија.

Зелената енергетска транзиција во земјава ќе значи коренити промени особено за два региони, Битолскиот и Кичевскиот, каде се лоцирани најголемите енергетски капацитети што користат фосилни горива. Македонија неодамна на COP28, климатскиот самит во Дубаи ја претстави инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција со цел успешна транзиција кон ниско-јаглеродна економија и праведна транзиција на енергетскиот сектор. Целта е да се алоцираат средства од меѓународни финансиски институции со кои ќе се замени јагленот како енергенс, ќе се инсталираат 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година, ќе се инвестира во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и ќе се предвидат праведни преодни мерки за поддршка на двата региони погодени од оваа транзиција.

Средствата за првите проекти се најавени преку Климатскиот инвестициски фонд, од каде се обезбедени 85 милиони долари. Кои и какви проекти ќе бидат реализирани, според Елена Николовска од Еко свест, треба да зависи од потребите на локалното население. Таа смета  дека еден од најголемите предизвици во постигнувањето на енергетската транзиција и реализација на проектите ќе биде комуникацијата со локалното население, што е евидентно и од планирањето на регионалните депонии за отпад.

Таа посочува дека консултацијата на локалното население, локалните организации и експерти, со потполна вклученост и информираност на општината е неопходно за проектите да не наидат на отпор кај населението. На граѓаните треба да им биде оставено доволно време да разберат какви проекти ќе се реализираат во нивната заедница и што ќе значат тие за нив.

„Потребно е во секоја општина да има канцеларија во која граѓаните ќе можат да добијат информација како може да инсталираат фотоволтаични панели на својата куќа, колку ќе треба да инвестираат и дали и од каде ќе добијат субвенции. Транзицијата не треба да биде процес што постојано е испреплетен со пречки, да не подлежи на мито и корупција, а процедурите треба да се едноставни. Политиките на Владата треба да им овозможат на домаќинствата да инсталираат обновливи извори на енергија со капацитет што им одговара, да ја враќаат струјата назад во системот и да добијат надомест за тоа, како и компаниите“, вели Николовска.

Еко свест и МАНУ со поддршка на The Nature Conservancy изработија студија со мапа која покажува дека земјава има капацитет само на деградирани подрачја да изгради фотонапонски и ветерни централи кои ќе произведат двојно повеќе електрична енергија од тоа што сега троши целата земја. Според Александар Дединец, автор на студијата, енергетските проекти важни за зелената транзиција ќе можат да се реализираат на точно одредени локации кои нема да бидат во колизија или да ги загрозат биодиверзитетот и природните живеалиштата, како и плодното земјоделско земјиште.

„Во Македонија на најповолни локации можат да се изградат околу 60.000 мегавати соларни централи. Доколку ги исклучиме заштитените подрачја и подрачјата каде што во моментов се ископуваат минерални суровини, останува деградирано земјиште на кое може да се изградат околу 11.000 мегавати обновливи извори на енергија. За споредба, Македонија сега троши околу 8.000 гигават часови енергија, а со потенцијалот во обновливите извори може да да се произведе двојно повеќе енергија од целата наша сегашна потрошувачка“, вели Дединец.

Во изработката на мапата учествуваа експерти, институции и инвеститори а најдобрите локации се избрани врз основа на над десет критериуми. Дединец вели дека мапата е јавна и достапна за сите кои се заинтересирани да инвестираат.

„Енергетската транзиција ни оди во прилог од повеќе причини. Таа ќе допринесе не само да се ослободиме од фосилните горива, туку и да ја намалиме увозната зависност, максимално да ја зголемиме енергетската ефикасност, да ги намалиме емисиите на јаглерод и да го подобриме квалитетот на воздухот“, посочува тој.

Преземено од агенцијата МЕТА

Треба да знаете
Moже да ве интересира