Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бигум за МИА: Дансја е тука за да подадеме рака и да разговараме како можеме да ви помогнеме да станете членка на ЕУ

Пратеничката од данскиот Фолкетингет Марианне Бигум во интервју за МИА ја истакнува поддршката што оваа земја ни ја дава на патот кон Европската унија, нагласувајќи дека тие сакаат да им се придружиме во ЕУ и оти се тука да ни помогнат на секој чекор од патот. Но, исто така данската пратеничка посочува и дека жали што тој процес за нас е долг и, вели, ја разбира фрустрацијата.

Таа заедно со неколкумина други пратеници беше во Скопје на средби во Собранието, со други официјални претставници и чинители од граѓанското општество. 

-Ние сме тука да подадеме рака и да разговараме за тоа како можеме да и помогнеме на Македонија да стане членка на Европската унија. Тоа е единствената точка на нашата агенда, односно како можеме да помогнеме и да го олесниме овој процес, вели Бигум.

Пратеничката Бигум исто така рече дека во однос на евроинтеграциите тие засега се фокусирани кон исполнување на Копенхашките критериуми.

-Немаме разговарано за потребата од институционални реформи во ЕУ или нови недоречености во законите, или други нови нешта. Значи ова не е на нашата агенда и единствената цел на Парламентот и на делегатите на оваа посета е како да ѝ помогнеме на Македонија да стане дел од ЕУ, рече Бигум.

Пратеничката Бигум во интервјуто за МИА вели дека во фокусот на нејзиниот интерес и работа е зелената транзиција во ЕУ и во Данска, но и на глобално ниво. Како инженер за животна средина, Бигум работела многу со отпад и ресурси и нагласува дека начинот на кој ги користиме ресурсите на планетата е неодржлив.

-Мојата работа се фокусира на тоа како да се вратиме на одржлив пат и да развиеме зелени бизнис можности, нови зелени работни места и поинклузивен начин на живот каде што имаме повеќе време да зборуваме едни со други, отколку само постојано да работиме, да трошиме пари и да ги користиме ресурсите на планетата, потенцира данската пратеничка.

Во интервјуто за МИА зборуваме и за односот кон жените во политиката во Данска и колку се тие почитувани од своите колеги. 

Пратеничке Бигум, која е целта на посетата на данската делегација на Северна Македонија? 

-Ние сме тука да подадеме рака и да разговараме за тоа како можеме да и помогнеме на Македонија да стане членка на Европската унија. Тоа е единствената точка на нашата агенда, односно како можеме да помогнеме и да го олесниме овој процес.

Имавте средби со вашите колеги во Собранието. Какви пораки разменивте? 

-Разговаравме околу потребата за уставни промени заради отворање на преговорите со ЕУ, и како се третира оваа тема. Слушнавме, разбираме и го знаевме тоа уште пред да дојдеме, дека постои голема фрустрација околу овој процес што трае предолго, како и товарот што го има врз македонскиот народ. Разменивме мислења околу ова и нашиот став не е различен, целосно го разбираме тоа.

Северна Македонија во моментов има „внатрешна борба“ за иднината на земјата во однос на европската интеграција. Неопходни се уставни измени. Какво е вашето мислење во однос на оваа ситуација? 

-Она што го слушнав овде е дека постои општ консензус оти иднината на земјата е во ЕУ. Ова е исто така став и на нашиот Парламент. Темата за членството на Македонија во ЕУ е високо на нашата политичка агенда и тоа е нешто на што работиме и зборуваме веќе долго време. Мојата партија е партнер со вашата партија ДОМ и ние работиме на олеснување на овој процес. Секако дека постојат решенија и има иднина, и немам двојби дека ова е патот напред. Слушнав дека некои луѓе имаат сомнежи околу тоа дали навистина сакаме Македонија да биде дел од ЕУ но тоа никогаш не сум го слушнал во данскиот Парламент и дискусиите што сме ги имале таму. Она што го дискутираме е како да го олесниме процесот, како да ја поддржиме Македонија во потребните измени со цел да се отворат преговорите, околу институционалните реформи. Тука сме да кажеме дека сме дојдени како пријатели и дека едвај чекаме Македонија да стане дел од ЕУ, и дека сме тука да ве поддржиме во секој чекор од тој пат.

Дали планираните реформи во ЕУ ќе може да им помогнат на земјите како Северна Македонија да пристапат во Унијата? 

-Она што ние го зборуваме во Данска се Копенхашките критериуми, и на тоа се фокусираме, како и прашањето за уставните промени потребни за да се започнат преговорите. Немаме разговарано за потребата од институционални реформи во ЕУ, или нови недоречености во законите, или други нови нешта. Значи ова не е на нашата агенда, и единствената цел на Парламентот и на делегатите на оваа посета е како да ѝ помогнеме на Македонија да стане дел од ЕУ.

Која е вашата порака до граѓаните? 

-Мојата јасна порака е дека сакаме да ни се придружите. Навистина сакаме да станете членка, да ни се придружите во Европската унија и дека сме тука да ви помогнеме на секој чекор од патот, и дека работиме на тоа. Но и дека не сте сами, и дека ве слушаме и ја гледаме фрустрацијата. Навистина ми е жал дека ова е толку долг процес, се согласувам и ја разбирам фрустрацијата. И јас би се чувствувала исто. Ние сме посветени уште повеќе да се осигураме дека процесот се движи без проблеми, и затоа сме тука, од данскиот Парламент, во официјална посета на вашата земја.

Член сте на данската The Green Left партија. На што најмногу се фокусирате во вашата работа? 

-Голем дел од мојата работа е околу зелената транзиција, во ЕУ и Данска, но и на глобално ниво. Јас сум инженер за животна средина. Сум работела многу со отпад и ресурси, и гледам дека начинот на кој ги користиме ресурсите на планетата е неодржлив. Мојата работа се фокусира на тоа како да се вратиме на одржлив пат и да развиеме зелени бизнис можности, нови зелени работни места и поинклузивен начин на живот каде што имаме повеќе време да зборуваме едни со други, отколку само постојано да работиме, да трошиме пари и да ги користиме ресурсите на планетата.

Како Данска се справува со предизвиците (кризите) кои се појавија по војната во Украина и Ковид 19 во светот? Тука да ја споменам енеретската криза, кризата со храната и се што повлекува со нив. 

-И ние, како сите Европејци, го почувствуваме растот на цените на струја и храна што особено им штети на луѓето кои немаат многу пари. Ова е проблем кој сè уште го гледаме во зима. Се спремаме на повеќе начини, но главно преку енергетската ефикасност, со тоа што работиме на тоа да користиме колку што можеме помалку електрична енергија, и инвестираме во зелена енергија. Исто така гледаме дека во Данска има голема дебата околу цените на храната и дискусии околу промена на нашата исхрана за таа повеќе да се заснова на растенија. Тоа е добро за животната средина, но исто така и за вашето здравје. Како ќерка на месар, навистина сакам месо, но сакам и зеленчук.

Како жена пратеник, како се третирани жените во политиката во Данска и колку се тие застапени во политиката?

-Многу сум горда. Бев избрана минатата година и тогаш за прв пат во данската историја жените функционери сочинуваа повеќе од 40 проценти. Ова беа првите избори во Данска кога всушност го срушивме „стаклениот плафон“. Многу сум горда на тоа. Имаме уште работа во однос на еднаквоста во Данска. Во политиката мислам дека е добро кога сме подеднакво застапени. Сите ние застапуваме луѓе, различни искуства, ставови, затоа ни треба многу застапеност, а има многу добри колешки со кои можам да работам и тоа ми дава надеж за иднината. Мислам дека имаме многу добри колеги мажи, така што не сум го искусила тоа толку многу во Парламентот, општо гледано постои еден многу добар однос. Всушност, се среќаваме со поголем степен на говор на омраза, во вестите, на социјалните мрежи, дека нашата агенда е нешто што за некого е црвено знаме. И во Данска е навистина проблем општиот тон, начинот на кој ве ценат поинаку од мажите, се доведуваат во прашање вашите квалитети и начинот на кој вашиот пол се користи против вас во оваа дебата, и тоа ги тера жените да не сакаат да се занимаваат со политика бидејќи е тешко. Тешко е кога ќе кажете нешто на социјалните мрежи или во вестите, а потоа ќе ве стигне поплава од омраза. Тоа е недостојно за една демократија.

Новинар: Елизабета Вељановска Најдеска 

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Аслан Вишко

Треба да знаете
Moже да ве интересира