„Сите досегашни пријави кон АФРСМ се или ‘анонимни’ или се потпишани од страна на најплатениот режисер од буџетски пари, Милчо Манчевски. Не е тајна дека до ден денес ДКСК не отвори ниту еден предмет и анализа за тоа како се потрошени 950.000 евра народни пари и како и зошто се правени трансфери на неговите фирми во Њујорк, САД.“
„Ако веќе трета година по ред сме присутни како дел од официјалната селекција на престижната Венеција, ако Кан има интерес за нашите автори, ако нема речиси филм што не освоил награди по светските фестивали, тоа секако не инцидент или пак среќна околност“.
„Задоволни филмаџии ќе значи уште поголем успех на нашата кинематографија. Како АФРСМ немаме немаме ингеренции за решение на прашањето за нивниот статус, но силно ги поддржуваме во оваа намера.“
Домашната кинематографија последниве години во континуитет е присутна на најважните филмски фестивали во светот од каде што не се ретки ниту наградите. Во официјалната програмска селекција на Филмскиот фестивал во Венеција две години за ред има филм во македонска продукција, а редовни гости сме и на Кан, Берлин, Санденс… Несомено таа е силен атрибут на културната дипломатија особено во мигови кога стремиме кон европскиот пат.
Препознавањето, селекцијата и поддршката на филмските проекти е процес кој внимателно минува низ професионалните инстанци во Агенцијата за филм. Успехот на македонската седма уметност, статусот на филмските работници, како и „медиумските бранувања“ за оваа институција беа повод и дел од темите за интервју со директорот Бојан Лазаревски.
Лазаревски за кого Владата изгласа доверба за продолжување на неговата раководна дејност е економист по професија. Иако за јавноста можеби е збунувачки дека тој не доаѓа на ова место од филмскиот сектор, малкумина знаат дека неговото искуство со оваа институција го стекна по многугодишно присуство како член на Управниот одбор, што е највисокото одлучувачко тело на Агенцијата. Искуството со правилна проценка на буџетите кое од особена важност во оваа дејност, особено ако се земат во предвид минималните расположливи средства, му помогна да го одржи квалитетот и квантитетот на продукцијата што започна со неговиот претходник.
НоваТВ: Домашната кинематографија поддржана од Агенцијата за филм на РСМ ги живее своите историски мигови на континуиран успех, но истовремено оваа институција во јавноста често се спомнува во некакви истраги на ДКСК, Транспаренси интеренешнл и слично. Во изминативе години не сме сведочеле на никакви докази за извесни неправилности а сепак притисокот не престанува. За што станува збор?
Лазаревски: Со институцијата Агенција за филм на РСМ раководам веќе четврта година и како човек кој и претходно бил на високо професионални и одговорни позиции, тврдам дека сиот овој притисок на кој сме изложени од страна на институции или организации со разноразни пријави и истраги се апсолутно неосновани. Овој обид за моја лична компромитација како и дискредитација на работата на институцијата го сметам за подмолен и барам јавно извинување од страна на претседателката на ДКСК. Не дозволувам никој да го валка мојот образ, уште повеќе што сета мое лично и професионално искуство досега го вложив во афирмација на институцијата и кинематографијата за што говорат извонредни резултати.
НоваТВ: Од страна на ДКСК се спомнува извештајот на Државниот завод за ревизија, и некои други забелeшки, за што всушност станува збор?
Лазаревски: Да, се спомнува извештајот на државниот завод за ревизија кој е за период за 2021 година, истата година кога сум именуван. Во извештајот во ниту еден сегмент не се споменува дека раководното лице извршило каква било злоупотреба и незаконско работење. Да не заборавиме дека 2021 година е пост-ковид година, каде најголемиот дел од институциите се соочуваа со огромни предизвици и доцнење во реализација на своите обврски. Најголем дел од забелешките се потполно исти со забелешките во претходните два извештаи на државниот завод. Затоа сметам дека наместо да бидам пофален од страна на ДКСК, за отстранување на 80 проценти од забелешките во законски утврдениот рок од 90 дена, беше поднесена иницијатива за моја смена. Со извртување на фактите, подметнување на непостоечки докази, и лажирање на факти дека сум потпишал договор со странско лице за изработка на стратегија, а всушност тој договор е потпишан од претходниот директор, и низа други инсинуации се подгрева атмосфера која треба да ме компромитира и се одвлекува вниманието од вистинската фактичка ситуација. Затоа уште еднаш повторувам дека барам за јавно извинување од страна на претседателката или ќе бидам принуден тоа да го барам по правен пат.
НоваТВ: Се отвора прашањето зошто институцијата која е надлежна за мониторирање, спречување на корупција е постојано свртена кон Агенцијата за филм на РСМ, под чии пријави постапува?
Лазаревски: Сите досегашни пријави се или „анонимни“ или се потпишани од страна на најплатениот режисер од буџетски пари, Милчо Манчевски. Не е тајна дека до ден денес ДКСК не отвори ниту еден предмет и анализа за тоа како се потрошени 950.000 евра народни пари и како и зошто се правени трансфери на негови фирми во Њујорк, САД. И покрај јавното ветување дека ДКСК ќе постапи по пријавите што се доставени до нив и по јавно допрен глас, до ден денес нема никаква постапка за оваа продукциска куќа, додека тие се занимаваат со речиси сите пријави на Манчевски. Затоа не можам а да не се сомневам дека ова е оркестриран напад диригиран од еден ист центар. Од ова може да се заклучи дека апсолутно желбата се одвлече вниманието од успехот на македонските филмаџии од помладата генерации е голема. Оваа негова фрустрација и постојана потреба да докажува дека нему му се резервирани милионски буџети, ги става младите филмаџии во заложништво а нам ни одзема скапоцено време за тековната работа на Агенцијата.
Таа пракса нема да продолжи наспроти притисокот што го врши кон Агенцијата со најразлични беспредметни пријави. Се надевам дека институциите брзо ќе си ја завршат работата, а нему порачувам оваа огромна деструктивна енергија да ја насочи во правна одбрана за кривичната пријава која ја доби за евидентни финансиски нерегуларности направени од неговата продуцентска куќа.
НоваТВ: Филмската уметност е највлијателниот културен амбасадор. Се чини дека во оваа „дипломатија“ бележиме значителен скок за што говорат фактите: селекција на фестивалите од А категорија, награди, светски копродукции. На што се должи успехот на македонската кинематографија?
Лазаревски: Ако веќе трета година по ред сме присутни како дел од официјалната селекција на престижната Венеција, ако Кан има интерес за нашите автори, ако нема речиси филм што не освоил награди по светските фестивали, тоа секако не инцидент или пак среќна околност. Кинематографиите на малите земји или пак како што на пример европските фондови ги карактеризираат како „земји со мал продукциски капацитет“, може да постигне ваква видливост и да одржи континуитет, тоа говори за систем. А тој систем е создаден со максимална посветеност и професионалност од страна на Агенцијата за филм. Предизвикот е голем ако се погледнат сите фактори, како намален буџет за филм, но сатисфакцијата дека филмот ја презентира нашата земја рамо до рамо со силните европски кинематографии е огромна.
НоваТВ: Во Вашето професионално портфолио стои работа во банкарскиот сектор. Колку и на кој начин е ова соодветно со менаџирање на една филмска институција?
Лазаревски: Филмската дејност, функционирањето на институцијата и методологиите на АФРСМ ми беа добро познати уште пред доаѓање на раководната позиција. Во својство на член на Управниот одбор се стекнав со големо искуство во работата. Тоа беше токму во оној период кога кинематографијата излезе од сенката и почна да ги бележи најголемите успеси. Многу мои колеги кои се на чело на Филмски центри или Агенции за филм низ Европа исто така не се од филмската фела. Филмаџиите најчесто се насочени на креативниот процес и на продукцијата на филмовите а менаџирањето на оваа институција е сосема од поинаква природа. Искуството пак во банкарскиот сектор многу ми помогна во менаџирање на буџетот со кој располага Агенцијата за филм и секогаш претставува умешност да се постигне максимум со минимум, што воопшто не е лесно.
НоваТВ: Велите менаџирање на буџетот, што точно тоа значи и дали овие средства се наменети само за поддршка на филмските проекти и филмските фестивали по важечките годишни конкурси?
Лазаревски: Годишните конкурси за поддршка на проектите и филмските фестивали се наша примарна дејност, но буџетот е наменет и за плаќање на најразлични котизации во европските фондови и асоцијации, за одржување на институцијата, за промоција и афирмација на кинематографијата преку публикации или професионални средби на филмските фестивали итн.
НоваТВ: Дали расположливиот буџет е доволен за сето ова?
Лазаревски: Напорот кој се вложува да се одржи трендот на оваа годишна продукција на долгометражни, документарни и краткометражни, анимирани и играни филмови е огромен. Рестриктивните економски мерки како по правило секогаш прва ја погодуваат културата а со тоа и филмот. Ако стремиме кон Европа каде што филмската уметност е најреспектирана во насока на афирмација на националната култура, секако треба да имаме слух дека треба да се поддржи што е можно повеќе.
Филмаџиите преку своето Здружение ДФРМ повеќе пати се обидоа да го свртат вниманието за нивниот нерешен социјално-економски статус. Освен хонорарниот ангажман на филмски проекти тие не се вработени никаде, за разлика од оние во драмската дејност кои имаат вработувања во матичните театри на пример. Каков е Вашиот став?
Лазаревски: Ова е горлив проблем за кој треба брзо да се најде решение. Задоволни филмаџии ќе значи уште поголем успех на нашата кинематографија. Како АФРСМ немаме ингеренции за решение на ова прашање но силно ги поддржуваме во оваа намера. Доколку државата изнајде начин да се реши нивниот статус, а не станува збор за повеќе од стотина луѓе, тоа ќе биде и мотив повеќе за идните генерации на филмаџии. Кадровскиот капацитет во продукцијата е многу важен а забележлива е дефицитарност на филмски работници од најразлични сектори. Филмот како колективна уметност не зависи само од режисерот, сценаристот или продуцентот туку од целата филмска екипа. Се надевам дека решението за статусот на филмски работници ќе биде наскоро препознаено од надлежните.
НоваТВ: На што ќе биде ставен фокусот на работата на АФРСМ во наредниот период?
Лазаревски: Унапредување и модернизирање на дејноста, Законот за филм, зголемување на буџетот и најважно од се очекуваме реализација на уште многу успешни филмови кои ќе го обиколат светот и ќе ја надградуваат нашата филмска историја.
Разговарала: Ана ВАСИЛЕВСКА (НоваТВ)