Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Лазаревски, Агенција за филм: Годинава ќе снимиме 3 или 4 играни филмови, се бориме да го повратиме стариот буџет

Што добива, а што губи Агенцијата за филм со финансирање на малцинските копродукции? Какви се продукциските циклуси на филмови? Треба ли Агенцијата за филм да финансира и ТВ серии? Доволен ли е сегашниот буџет за продукција на филмови и нивно пласирање на светската мапа на фестивали и филмски маркети? Одговорите ги побаравме од директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски

Стојан СИНАДИНОВ

Фотографии: Драгана БАСЕКИЌ

Изминатата 2023 година беше преполна со премиери на домашни и копродукциски долгометражни играни филмови. Од друга страна, пак, Агенцијата за филм беше мета на критики од разни страни, кои ги поставуваа прашањата зошто изминатата година не е снимен ниту еден долгометражен игран филм (или мнозински домашни копродукции); и зошто на мартовскиот конкурс – првиот од двата што се распишуваат во текот на годината – средствата за долгометражна играна продукција им беа доделени на малцинските копродукции?

На овие и други теми разговаравме со директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, кој веднаш на почетокот го демантира тврдењето дека минатата година не е снимен ниту еден долгометражен игран филм.

Поточно, во октомври 2023 година започна снимањето на играниот филм „Диџеј Ахмет“, дебитантско долгометражно остварување на Георги М. Унковски, беа снимени два кратки филмови, а и неколку копродукции беа снимени кај нас.

Филмските работници можеби не беа ангажирани со полн капацитет од почетокот на 2023 година, но сепак имаа ангажмани, посочува Лазаревски.

Кога станува збор за финансирањето на домашната кинематографија, доделувањето средства и продукцијата на филмови создаваат своевидна „синусоида“, бидејќи продукциските циклуси на филмови не се во едногодишен временски формат, туку се работи за петгодишно финансирање.

Кога на еден филм ќе му бидат одобрени финансиски средства, неговата продукција конечно треба да биде завршена во рок од пет години. Денот на одлуката кој филм ќе добие финансиски средства од Агенцијата за филм не значи дека истиот ден тој започнува со реализација, или дека ги добил парите. По одлуката на Агенцијата за филм, продуцентот доставува информација до Агенцијата за тоа кога е подготвен да започне со подготвителната фаза на филмскиот проект. Во тој момент продуцентот добива 5 отсто од вкупниот одобрен износ. Продуцентот заедно со ангажираната екипа започнуваа со фазата на поготовка (претпродукција): развој и доработка на проектот, развој на сценариото (можеби тоа ќе се доработува), дополнување на копродукцискиот капацитет со барање дополнителни средства од различни фондови надвор од земјава, што можеби ќе го направат проектот продукциски поквалитетен… Последниве 5-6 години генерално сите филмски проекти не што не се само национални, туку дури и дебитантските филмови се реализирани од неколку копродуценти, Ларазевски ги објаснува постапките и чекорите во финансирањето и продуцирањето на филмовите.

На минатогодишниот мартовски конкурс средствата за долгометражна играна продукција им беа доделени на малцинските копродукции. Лазаревски објаснува дека сумата што Агенцијата за филм ја издвојува за копродукции е пет пати помала од сумата што македонската кинематографија ја добива од копродукции од странство!

Само со пет-шест филмски проекти ние имаме добиено меѓу два и три милиони евра, додека пак вкупната сума што ние ја издвојуваме за малцински копродукции на годишно ниво се движи од 350 до 400 илјади евра. Значи, ние добиваме пет пати повеќе отколку што добиваме од другите фондови, бидејќи нивните буџети се значително побогати! И затоа е нормално ние да продолжиме да им ги отвораме вратите на нашите филмски автори и работници, да добиваат дополнителни средтсва. Доколку престанеме со кофинансирање на малцинските копродукции, македонските автори нема да можат да користат екипи и средства надвор од земјава, потенцира Лазаревски.

Тој објаснува дека финансирањето на филмските проекти е во рамки на повеќегодишни планови. Една од критиките адресирани до Агенцијата за филм за минатата година беше дека искористеноста на буџетските средства е одвај една третина.

Причината за таквата состојба е што Агенцијата за филм како институција има две сметки, што е пракса една деценија наназад, од самото формирање на Агенцијата со Законот за филмска дејност во 2013 година. Едната сметка е тн. буџетска, во која се слеваат финансиските средства што ги изгласува Собранието на РСМ и ни ги доделува. Втората сметка, согласно Законот за филмска дејсност, се финансира од надоместоците што плаќаат операторите врз основа на издадени решенија. Операторите до 31 март тековната година имаат обврска да ги пријават остварени приходи врз основа на дејностите, според кои се пресметува надоместот што треба да го уплатат на Агенцијата за филм. Потоа Агенцијата за филм во текот на април и мај ги обработува податоците, и кон крајот на мај и почетокот на јуни издаваме решенија. Во зависност од тоа за каков тип на оператор се работи, надоместоците се 0,1 отсто од вкупниот приход за телевизиите, 1 отсто за интернет и национален оператор, во зависнот од типот на дејноста што ја обавуваат. Штом ги издадеме решенијата, операторите имаа рок за уплата, кој се движи од 15 до 30 дена. Агенцијата почнува да ја полни таа сметка во јуни и јули, но дополнително за тие што не поднеле пријава до 31 март тековната година, должни сме да бараме информации од Централниот регистар. Централниот регистар обично во текот на јуни-јули ни доставува целосен извештај за правни субјекти кои извршуваат дејности како што се интернет провајдерите и телевизиите, и Агенцијата во тој период изготвува решенија и за нив. Ние започнуваме со полнење на таа сметка во јули и август, и не можеме да имаме реализација на таа сметка кога нема средства на неа. Агенцијата за филм пет-шест месеци во годината не оперира со средства од таа сметка, освен во случаи кога на неа се слеваат средства од оператори чии решенија од претходната година сме ги наплатиле судски или нотарски, детално објаснува Лазаревски.

Што содржи планот за продукција за 2024 година? Лазаревски вели дека согласно одобрениот буџет, Агенцијата годинава располага со околу 3,5 милиони евра. Но, сите тие пари не одат само во продукција на филмови.

Ние сме обврзани да ги плаќаме членарините по основ на котизации во неколку меѓународни институции и фондови. За котизација во Еуроимаж плаќаме 120.000 евра, во програмата Медиа околу 100.000 евра, финансираме меѓународни фестивали и манифестации со околу половина милион евра, потоа учества на нашите филмови на разни меѓународни манифестации кои чинат од 200 до 300 илјади евра… Така, за продукција на домашни филмови – кратки, долгометражни, играни, документарни – располагаме со колу 2,4 милиони евра годишно. Минатата година имавме исплата на два долгометражни играни филмови: едниот влезе во продукција, односно започна со снимање во октомври (споменатиот „Диџеј Ахмет“), а вториот, „17“ на Косара Митиќ – не, бидејќи не дозволија временските услови. Имено, во јули и август температурите беа пеколни, снимањето филм е како работа во фабрика на отворено, сценариото мора да се „штелува“ согласно временските услови – им треба светло, подолг ден – па снимањето беше одложено за претстојната пролет. Нормално е да бидеме во комуникација со режисерот и продуцентот, кои одлучија дека за снимањето во екстериерни услови повеќе им одговара пролетниот период, објаснува Лазаревски.

Каква е, пак, долгорочната слика за македонската кинематографија? Лазаревски тврди дека во наредниот период во фокусот ќе биде снимањето на минимум три или четири македонски долгометражни играни филмови.

Веќе ги имаме потпишано договорите со продуцентите, а за еден филм, дебитантскиот „17“ на Митиќ, средствата се исплатени. Дополнително во претпродукција се филмовите на Срѓан Јаниќиевиќ и Андреј Волкашин – тие се со затворена финансиска конструкција, во нив учествува и Еуроимаж. Проектите на Марјан Гавриловски, Арбен Тачи и Дина Дума имаат исполнети обврски согласно договорите, па во наредната фаза и со нивните продуценти ќе потпишеме договори, посочува Лазаревски.

Од друга страна, сиве овие проекти треба да се пласираат (и) на меѓународната филмска – најчесто фестивалска – сцена.

Агенцијата за филм годинава за првпат ќе има свој штанд на Берлинале, на Европскиот филмски маркет во зданието Мартин Гропиус. Тоа е исклучително битно за промоција на македонската кинематографија, бидејќи за време на Берлиналето сиот филмски свет е сконцентриран таму. На берлинскиот Европски филмски маркет ќе организираме и затворена проекција на филмот „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, најавува Лазаревски. 

Од снимањето на „Убиј ги прво децата“

Тој вели дека напорите на Агенцијата за филм во наредниот период ќе бидат насочени кон враќањето на посакуваниот стар буџет.

Велам да се врати, а не да се зголеми тој буџет што го имавме до пред неколку години. Буџетот во моментов изнесува нешто над 3 милиони евра, а во периодот 2016-2019 година тој буџет се движел меѓу 5 и 6 милиони евра. Секаде во регионот буџетите на филмските агенции и фондови неколкукратно се зголемени: во Србија од 2 на 10 милиони евра, во Хрватска од 4 на 14 милиони, додека ние од 5-6 милиони спаднавме дури и на 2 милиони евра! Генерално капацитетот на нашата кинематографија е во рамките на тој посакуван буџет, а Агенцијата за филм може да отвори и конкурс за финансирање на ТВ серии. Тоа е малку поразлична структура на продуцирање и снимање, но со посакуваниот буџет можеме да постигнеме резултати и во таа сфера, потенцира Лазаревски.

Лазаревски посочува дека по завршувањето на пандемијата со Ковид 19 европските кинематографии сфатија дека имаат потреба од таква содржина.

Доколку го видите буџетот на програмата Медиа, тоа е нешто над 2 милијарди евра. Сите ги зголемуваат буџетите за продукција на филмови и ТВ серии, а ние сме свесни дека заостануваме во продукцијата на ТВ сериите. Затоа ќе се бориме државата да издвои дополнителни средства за ТВ серии, но никако не на сметка на филмската продукција. Целта не ни е да го заборавиме или намалиме финансирањето на филмови, бидејќи се работи за различни продукциски структури. Авторите и продуцентите не треба да почуствуваат загуба во филмската продукција, а дополнително треба да ги поддржиме во телевизиската продукција, заклучува Лазаревски. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира