Унковски: Горан беше повеќе од драмски автор со којшто работам, тој беше дел од мене на некој начин

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ „Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас!“ „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ „Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. “

Ова се само дел од цитатите од делата на Горан Стефановски (Битола, 27 април 1952 – Кантербери, Обединето Кралство, 27 ноември 2018) што секојдневно се присутни во нашиот културен простор. И повеќе од пет години по неговото физичко заминување, речиси нема ден без цитат од Горан Стефановски – на социјалните мрежи, во колумните, од неодамна и по билбордите и телевизиските реклами на еден од телекомуникациските оператори… Постојано ја забележуваме безвремената актуелност на неговото творештво. Но, не еднаш се запрашуваме дали и колку вистински го познававме/познаваме Горан Стефановски. Сигурно не околку колку што го познаваа оние што му беа најблиски и најдраги соработници и пријатели.

Затоа, на денот на неговото раѓање објавуваме разговор за него со човекот што му беше еден од најблиските соработници и најголемите, вистински пријатели. Режисерот што го режираше и неговото театарско деби, за потоа нераскинливо да биде врзан за творештвото на Горан Стефановски и за неговиот живот – Слободан Унковски-Унко.

Разговорот го водеше Иван Антоновски*, кој повеќе години наназад е посветен на проучување и афирмирање на делото на Стефановски.

Тој беше и е еден од најзначајните автори на современата македонска книжевност. Личност што предизвика историски пресврт во македонската драма… Во неа ги внесе првите постмодернистички импулси. Ја однесе Македонија на странските театарски сцени. Но, кој беше и кој е Горан за Вас, за човекот што му беше најверен и најголем соработник неколку децении?

Многу е тешко да се одговори на ова прашање.. Горан беше голем чекор напред во македонската драма. Како зрело доба на нашата книжевност, со неговото појавување, како некој што е пред сè драмски ориентиран. Неговите „Конзервирани импресии“ се сосема нешто друго, но тој е еден автентичен автор којшто пишува во драмска форма, сеедно дали за театар или за телевизија или за филм. Некој што мислеше понапред од нашето општество и од нашиот народ. Тој ги препознаваше проблемите и ситуациите пред да настанат. Додека останатите не бевме ни свесни дека тие проблеми и ситуации лебдат и дека повторно ќе се појават… Имав голема среќа што со таков човек можев да работам толку долго, од 1972 година.

Како се случи Вашата прва средба со таков човек? Во тој период, кога Горан сè уште не бил познат. За потоа, долг период македонската култура да биде препознатлива и по двоецот Стефановски-Унковски. Како се случи таа хемија меѓу драмски автор и режисер? Дали преку „Јане Задрогаз“? За од неа да произлезе вашето истовремено и професионално, и пријателско заедничко живеење…

Се запознавме многу млади. Јас имав 22 години. Горан имаше 18. И јас бев тукушто дипломиран на драмска режија и почнав да работам во Драмскиот театар една претстава што се викаше „Ништо“. Се појави директорот на театарот, Ристо Стефановски, чичкото на Горан и рече: „Внук ми Горан се спрема да оди на Академија, би сакал да дојде да гледа проби…“ И така се појави Горан. На проби, на „Ништо“. Кога почна да доаѓа на проби, видовме дека е едно многу интелигентно и паметно дете. Уште во првиот момент многу срдечно го прифативме и беше постојано присутен во Драмски. Тогаш се појавија собраните дела на Марко Цепенков и си рековме дека тука имаме материјал за некоја претстава. Горан напиша едно кратко сценарио за коешто разговаравме. Од тоа кратко сценарио се разви „Јане Задрогаз“. Следната година, почнавме да се обидуваме „Јане Задрогаз“ да биде на сцена, со ансамблот на Драмскиот театар. Со една многу озбилна поделба на улоги, со најпознатите глумци во тој момент…

Значи, така се случи оној „Јане Задрогаз“ во кој ги имаме сигналите на постмодернизмот во македонската драма…

Не, затоа што по 20 дена, глумците рекоа дека ништо не им се допаѓа и дека не сакаат да работат. И сите отидоа на филмско снимање. Горан и јас паднавме болни, зашто тоа беше голем неуспех за нас. Веќе дигнавме раце од текстот, кога директорот на театарот, Ристо, повторно ни рече: „Дајте допрајте го текстот, па повторно да се обидеме“. Следната година, со Горан работевме.. Тој го допишал текстот, го напиша „Јане Задрогаз“ што го знаете и денес. И дојдовме со нова поделба, сосема со нови глумци. Успеавме и претставата беше на „Битеф“, во Париз, во Каракас, секаде… Беше голем успех и голема промоција на Горан, но и на македонската драма… Така, Горан и јас се препознавме и мислам дека на Горан до крај, кога пишуваше нешто, му значеше што мислам јас за текстот, независно што можеби нема јас да го режирам – до крај остана таа релација и имавме многу отворени разговори со него и за други наши претстави што не беа врзани авторски со нас.

И вашите заеднички проекти потврдуваат дека сте имале заеднички јазик чијшто најпрепознатлив дијалект беше токму оној на театарот… Иако не може да се заобиколи и оној на тв-серијата, особено поради „Бушава азбука“.

Секогаш се разбиравме… Дури и тогаш кога се допишувавме на далечина, кога живеевме во различни држави. Се допишувавме и на разни измислени јазици. Пишувавме на измислен бугарски, на измислен албански, на измислен српски итн. Иако, српскиот, да речеме го знаевме и тој и јас. И беше многу смешно, бидејќи зборовите беа комплетно измислени за да личат дека се од тие јазици, а практично не беа. Мислам дека таа преписка кај Горан некаде е сочувана, бидејќи за разлика од мене, Горан чуваше сè. А би било интересно да се погледнат тие преписки, поради играта со јазикот, бидејќи македонскиот, се разбира,  го владеевме. Особено Горан – совршено. Иако мислам дека неговата сопруга, Пат, којашто дојде од Англија го знаеше подобро и од него и од мене, па затоа таа ги преведува неговите текстови на англиски.

Среде сето ваше разбирање, до каде она што беше и е театарска претстава на Горан на сцената во Ваша режија е само текстот и замислата на Горан, а од каде почнува она што е интервенција на режисерот. Оној поради кого „Чернодрински се враќа дома“ започнува со посвета: „На Унко“.

Јас сум работел десетина текстови на Горан. Првите изведби на тие текстови биле во моја режија, што е голема предност и чест меѓутоа многу луѓе ги работеле Горановите текстови и многу успешно. Со отворање и на други аспекти во истата материја, што за мене е секогаш интересно. Меѓутоа базата доаѓа од Стефановски. Мислам тој ја поставува основата. Драмата е таа што ја прави основата! Се разбира, има модерни читања со коишто се преуредува структурата на драмата, се прават разни интервенции итн., но тоа не можам да го коментирам. Затоа што тоа е возможно, меѓутоа мислам дека Горан дава една многу прецизна структура и сè се знае зошто е и како е. И практично е многу важно да се следи, да се почитува. Како што, да речеме Чехов, јас не го кратам нигде, на ниедно место, така и за Горан може да се рече дека сум скратил само неколку реченици, само на некои места, коишто Горан пак си ги ставил во своето печатено издание. Сериозно добрата драма каква што е онаа на Горан дава озбилен темел на целиот иден потфат. Но, се разбира, театарот е во состојба да расипе. Како што може да унапреди, може и да расипе разни работи. Сум видел разни промашувања во таа смисла… Меѓутоа, знаете како, тоа е уметноста – не може сè да успее.

Тешко е во кратки црти да се раскаже цел живот… Затоа и не би го очекувале тоа, туку само фрагментарност. Имаше ли некое недоразбирање или несогласување меѓу вас кога се поставуваа драмите на сцена? Можеби поради нешто што режисерот го гледа во текстот, а драмскиот писател вели дека го нема…

Не, никогаш не сме се скарале. Со него сме разговарале многу сериозно. Тој ми ги читал текстовите кога ќе ги напише. Не ми ги давал во рака. Иако на почетоците ми ги даваше на рака. Ќе ги напишеше на обична машина за пишување, во времињата кога немаше компјутер, ќе ми ги дадеше, па мене ми треба неколку дена да го прочитам. А тоа време за него беше тешко, зашто сакаше веднаш да чуе мислење. Но, потоа, во следните творечки фази, тој не само што ги читаше текстовите, туку и не ми ги даваше в рака. А тоа беше голема привилегија, бидејќи точно го одразуваше карактерот што го чита во тој момент.

Сме имале моменти на зачуденост кога нешто ќе направам јас, а коешто тој не го очекувал сосема или да речеме кога нешто нема да му се допадне воопшто. На пример, мислам дека мојата претстава „Демонот од Дебар Маало“ не беше тоа што тој го очекуваше. И беше малку разочаран, морам да кажам, меѓутоа, од друга страна, го знам и во моментите кога бил многу многу воодушевен, кога сме седеле позади сцена додека имало овации, сме се гушкале, сме си честитале и сме се радувале на успехот. Горан беше повеќе од драмски автор со којшто работам. Тој беше дел од мене на некој начин. А со себе не може да се карате. Мислам, може да полемизирате, да размислувате, да ги испитувате работите, меѓутоа не и да се карате.

Очигледно е дека Горан беше приврзан за Вашата режија. Но, колку беше задоволен од оние режисерски интервенции на други режисери што следуваа по ’93, ’94 година –  период што беше како меѓник меѓу вашата интензивна соработка и годините кога почнаа сѐ повеќе и повеќе други режисери да соработуваат со Горан на сцената? Какво беше неговото видување за режијата?

Горан беше автор што сакаа сите да го режираат и имаше повеќе претстави направени од врвни режисери, како на пример, Паоло Маџели, но и македонските, како на пример, Љубиша Георгиевски. Но, Горан беше многу отворен, не беше заробен во првобитниот концепт или изглед на претстава за тоа да го бара понатаму. Напротив, гледавме разни верзии на изведби еден ист негов текст, во поново време и од Александар Поповски. Морам да кажам дека Горан беше помлад од мене и во начинот на мислење, бидејќи среќаваше други луѓе со истата материја. Јас некако, кога ќе поставам еден негов текст, тоа е завршено, одам понатаму, а тој можеше да се врати на истиот текст со нов режисер, со друг ансамбл, со друг театар и да види сосема нова верзија, сосема нов квалитет. Мислам дека само еден негов текст сум работел двапати. „Тетовирани души“, во Белград и во Москва. А другите текстови сум ги работел по еднаш, додека има и такви, не малку, што не сум ги режирал, бидејќи Горан, навистина имаше многу драмски текстови…

Ете, споменавте,  „Тетовирани души“ ја имате режирано и во Москва. Драмите на Горан се играа и се играат ширум Европа. Може ли да го споделите со нас тоа искуство – како ги разбираа(т) драмскиот текст на Горан и неговите пораки во тие, барем географски далечни, т.н. големи култури? Има(ше) ли предизвици за да се постави драма на Горан на тие големи сцени?

Во Москва имав една одлична актерска екипа затоа што „Мала брона“ тогаш беше еден од водечките театри во Русија. Главната улога ја играше Сергеј Тарамаев, млад глумец, во подем, сега многу познат. Но, главниот проблем беше што дејството на драмата се случува во Америка. Целата драма на Горан е сместена во Америка и беше прашање како во сред Москва, тој период ’86-’87 година да направиме Америка. Театарот најде реквизити од разни амерички извори, до кутии цигари, сè што требаше. Меѓутоа, во начинот на мислење, Америка сè уште беше нешто што е опасно, нешто што е далеку. Тогаш Горбачов веќе беше претседател, меѓутоа не беа до крај сè уште отворени односите. коишто гледаме сега, пак се затворија. Како и да е… Тоа беше главниот проблем. Меѓутоа се надмина многу брзо и практично тоа дека дејството се случува во Америка беше само еден аспект, бидејќи многу е побитно што се случува меѓу тие ликови. „Тетовирани души“ е една одлична драма, има многу аспекти коишто си играат во врска со прашањето на идентитетот, но на еден многу духовит и култивиран начин, бидејќи идентитетот е нешто што бара повеќе време да го продискутираме меѓутоа не е така едноставен и не е така тврдо поставен како што моментално кај нас се водат едни опасни дискусии околу тоа што е идентитет. Едни го бранат, други пак мислат дека не треба да се брани, а практично тоа е нешто што не може никој да ти го земе, според мене. И мислам дека овие пораки, уште тогаш беа разбрани и на големите сцени надвор од Македонија.

ТВ емисија на Иван Џепароски за поставката на „Тетовирани души“ во Москва (Радиотелевизија Скопје, 1987)

Но, колку пак кај нас, сите умееа и умеат, вистински да го разберат Горан? Дали некогаш го цитираме и интерпретираме погрешно? Почнувајќи од „Јане Задрогаз“ па натаму, беше ли секогаш разбран во своето време и од театарска перспектива и од перспектива на публиката, и од перспектива на општеството? Дали кај Горан често ни се случуваше некое задоцнето разбирање или одложено разбирање на неговото творештво, како што се чини сепак се случува и со „Јане Задрогаз“, барем од книжевна перспектива. Вие сте и сведок на тоа каква била вистинската рецепција, колку знаевме да го читаме, да го препознаваме она што Горан го има во својот драмски текст, особено кога се случуваше неговата премиера…

Веќе реков – Горан ги артикулираше проблемите коишто ние не можевме ниту да ги дефинираме докрај. Тој успеваше да ги артикулира и да понуди размислување и аспекти на тие проблеми и да нè протресе, да нè направи свесни за постоењето не само на проблемите, туку и на значењата, квалитетите, историјата,,. И во таа смисла, апсолутно беше разбран. Неговиот јазик и стил на пишување, неговите фабули врзани со крајно разбирливи ситуации беа апсолутно прифатени од луѓето и имаше една огромна публика. На пример, сето она што се дискутира денеска со македонско-бугарскиот спор за јазикот. Тоа беше многу одамна отворено во неговата драма „Лет во место“. Да се потсетиме, во таа драма има дискусија на српски, грчки, бугарски, турски страни кои отвораат разни аспекти од тогашниот однос на некои фактори на тие нации кон Македонија. Да не ме разбере никој погрешно, немам навистина ништо против ниедна нација. Сум работел скоро секаде во сите тие земји, со голема радост и со успех, меѓутоа сакам да кажам дека тој ги допира историските факти и толкува, а тоа им беше потребно на луѓето за да разберат и да ги гледаат неговите претстави.

Како автор, Горан е дел од нашиот колективен, културен идентитет. Но, Горан и пишуваше за идентитетските прашања, споменавте и Вие. Се чини, токму овие прашања, преку неговите дела, како цитати што веќе стануваат и современ фолклор, постојано се присутни во нашиот културен простор… Го разбравме ли до крај и за тие прашања?

Горан е би рекол еден од првите, ако не и прв македонски драмски автор,  што говори за македонските теми на еден современ начин, не ги локализира, не ги затвора тука. На пример, особено го ценам Коле Чашуле, меѓутоа, неговите драми се сепак некако затворени. Тука се! И тоа е логично, бидејќи таа генерација имаше друга задача. Горан беше ослободен од таа првобитна задача да го потврди националното и само со големи букви да каже Македонија, Македонци, итн. Горан имаше дистанца да може да биде критичен спрема својата нација и спрема својот народ, а притоа да отвори разни ризници што сме ги заборавиле, разни библиотеки, теми, имиња и други работи што постојат.

Но, тој често беше напаѓан додека работеше, за тоа дека недоволно се изјаснува по политички прашања, иако целокупното негово творештво го допира прашањето на македонскиот идентитет. Сите негови драми допираат разни аспекти на нашето постоење, на нашиот идентитет, на нашата смисла, на нашата македонска нација. Горан фантастично ги чувствуваше проблемите за да ги артикулира во фабула којашто можеме да ја гледаме и којашто нè тера да размислуваме. Така што, за жал, ние можеби не умееме да ги чуваме тие светилници на тој идентитет, како што е Горан. Но, мораме да сфатиме дека е нужно да внимаваме на тие луѓе што ги имаме. Горан го преведе нашето битие, нè преведе нас, нè артикулираше и практично неговите драми во таа смисла се најдобар доказ на нашето постоење, на нашиот идентитет. Не се работи само за јазикот, туку се работи за традиција, за симболи, за начин на мислење, за комуникација, за минато, за историја итн. Без намера да се зема од некого нешто и без намера да се присвојува нешто што не е наше. Горан беше одличен познавач на македонските состојби, одличен познавач на македонската историја и традиција. Кога пишуваше драма со одредена тема, неговата работна маса беше преполна со литература којашто се однесува на таа тема… За драмата „Огнени јазици“, која се бави со македонската писменост имаше цел куп на книги и се разбира консултации со разни истражувачи по одредени теми итн… Мислам дека затоа беше и во Нитра, за да истражува… Одеше сегде кајшто требаше да отиде, за на лице место да ги види работите и да ги напише.

Горан велеше дека идентитетот не е нешто апстрактно, туку дека идентитетот е и работа…

Да, треба да се сфати – идентитетот не е нешто апстрактно. Горан е идентитетот, Блаже Конески е идентитетот! Да не ги редам сите имиња, ги знаеме… Тоа е тој идентитет за којшто зборуваме. Тоа е Македонија! Не е Македонија некоја фина зграда каде што седиме, туку идентитетот е она што е усно и писмено наше наследство и знаење за себе. Знаењето за себе е идентитетот! А не само удирањето в гради, говорењето за политика. Идентитетот е познавањето на себеси, на својата историја, на својот народ, на своето семејно стебло… Горан е точно тоа! Тој е еден од нашите камен-темелници. Не е затоа што јас сум негов пријател или затоа што сум работел негови текстови, туку затоа што навистина е така!

Но, секоја нова генерација, како поинаку да го чита Горан. Имате ли и Вие таков впечаток? Или пак, секоја генерација чита различни дела од Горан?

Мислам дека секоја генерација ќе си најде свои интереси, свои текстови и свои теми кај Горан Стефановски. Не мора да значи дека она што било важно за мене, пред 20, 30, 50 години, дека е важно сега. Горан е навистина еден универзален автор и допира разни теми и разни подрачја. И мислам дека е прашање само на избор, на препознавање… На дефинирање на сопственото прашање – на одговор на сопственото прашање „Кој сум јас?“ за да може да се влезе во творештвото на Горан… Тој има толкав опсег на теми и на интереси што навистина е отворена една платформа за култивирање на идеите што денешнава генерација ги чувствува, иако можеби во некои моменти не е во состојба да ги дефинира, бидејќи тешко се дефинира состојбата во која се наоѓате. Од дистанца е многу полесно. Верувам дека секоја генерација ќе најде свој текст… Дали тоа ќе биде „Јане Задрогаз“, „Чернодрински се враќа дома“ или ќе биде „Hi-Fi“ или некој сосема друг текст на Горан, тоа е веќе прашање на избор.

Ако треба да издвоите една драма од Горан со којашто би ја опишале моменталната состојба во театарот, во културата и во општеството, за која би се одлучиле?

Искрено, не знам! Немам однапред подготвен одговор. „Дупло дно“ како наслов најмногу одговара. Меѓутоа како фабула, можеби не. „Лет во место“ исто така многу одговара….. Не знам што да кажам. „Црна дупка“ можеби. Таа е една од драмите на Горан што не сум ги работел. Многу ми се допаѓа, ама не знам да ја сработам, просто не знам. Мислам знам дека ќе звучи смешно, ама така е. Има некои драми коишто знам да ги сработам и знам да ги сработам одлично. А „Црна дупка“ повеќе пати сум ја ставил на дискусија со разни театри, меѓутоа не сум ја сработил, бидејќи нешто не сум знаел што треба таму да направам. Ама Горан знаеше да ја напише и да, можеби „Црна дупка“ е синоим за нашава сеопшта сегашност.

Во денешницата, потојано зборуваме за препрочитување, превреднување, валоризација… Затоа, за крај: со препрочитување и превреднување, па нека е и во преносна, метафорична смисла, можете ли да издвоите што е она највредно што ни го остави Горан, според Вас?

Не сум тој што треба да процени тоа. Јас сум премногу блиску до таа материја и премногу сум блиску до Горан и до тоа што го сработил, премногу сум дел од некои разни аспекти на неговото творештво… Треба време, треба дистанца една да се процени. Но, секој случај, мислам дека Македонија имаше една голема среќа што имаше еден таков автор. Тоа е една голема предност за нашата култура и за нашиот театар и мислам дека на некој начин Горан отвори еден пат по кој може да се движат понатаму некои нови драмски автори, некои нови писатели. И се надевам дека автопатот што го отвори Горан Стефановски ќе послужи за полесно артикулирање на состојбите, идеите и темите што младите писатели би имале да ги кажат. Горан е исклучително значајна појава и се разбира како за сè во Македонија, до крај тоа го разбравме откако физички си отиде.

*М-р Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. По повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски, издавачката куќа „Полица“ во 2022 година ја објави неговата книга „Идентитетот е приказна“, прво дело во кое детално се анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски.

Првично, разговорот е воден по повод 70-годишноната од раѓањето на Горан Стефановски, во рамките на 50. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ. Ова е првообјава на разговорот.

Рацин.мк неодамна во неколку продолженија го објави текстот на Антоновски, кој е резултат на неговото истражување за семејните корени на Горан Стефановски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира