Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО Ексклузивно интервју на ЦИВИЛ МЕДИА со Ветон Сурои: Западен Балкан сè уште е во зона на недовршен конфликт

ЦИВИЛ објави нова верзија со титлови на македонски од ексклузивното видео интервју со Ветон Сурои, едено од најистакнатите интелектуалци на Балканот, активен учесник во косовската политика, новинар, основач на влијателни медиуми и експерт со регионален и светски глас.

Ветон Сурои беше меѓу групата етнички Албанци, вклучително и водачите на неколку политички партии и локалниот комитет за човекови права, кои организираа тивки демонстрации на 13 јуни 1991 година во Приштина, главниот град на покраината Косово. Речиси 100.000 етнички Албанци носеа отворен ковчег исполнет со рози на гробиштата во Приштина во демонстрации за мир и против – како што го нарекоа – „насилството спроведено од српските окупаторски сили“. Се известува дека Ветон Сурои во говорот во оваа прилика рекол: „Ние сме тука да го закопаме насилството“. – стои во факсимилот од извештајот на Амнести Интернешнл од 27 јуни 1991 година.

Господин Сурои е извонредна личност и еден од најистакнатите интелектуалци на Балканот. Неговата биографија е богата со регионални и меѓународни достигнувања во областа на политиката, дипломатијата и медиумите.

Во секцијата „Кој е кој?“ на веб страницата на НАТО, меѓу другото, дознаваме дека г-дин Сурои е „основач на првата опозициска група во Косово, локалното поглавје на УЈДИ (Здружение на југословенска демократска иницијатива) во 1989 година, основач на првите независни синдикати на Косово во 1989 година, основач и главен уредник на независниот неделник КОХА (1990), а подоцна и на дневниот весник КОХА Диторе (1997), претседател на втората најсилна политичка партија во Косово (ППК) во периодот 1991-1992 година“.

Г-дин Сурои е еден од водечките членови на преговарачките групи на косовските Албанци, вклучувајќи ги и разговорите во Рамбује и Париз (1999). Добитник е на годишната награда за новинарство на ИФЈ (2000), НЕД награда за демократија и Гунзен награда за слобода на Холандија, и многу други.

Ова интервју го направивме во пресрет на Втората скопска дебата за Европа (17-19 ноември), каде што г. Сурои ќе зборува на дебатата на отворањето „Косово помеѓу геополитичкиот знак и конфликтната реалност“. Настанот е во организација на Дебати за Европа и Контрапункт, а е поддржан од Федералното Министерство за надворешни работи на Германија.

ЏАБИР ДЕРАЛА / ЦИВИЛ МЕДИА: Г-дине Сурои, Ви благодарам за ова интервју и добредојдовте во Цивил Медиа.

ВЕТОН СУРОИ: Ми претставува задоволство.

ЦИВИЛ МЕДИА: Да започнеме со најгорливото прашање, косовско-српските односи. Дали е можен дијалог сега, особено по нападот во Бањска, на 24 септември?

СУРОИ: Па, секогаш е неопходен, особено откако сте имале една таква ескалација на насилство. Неопходно е да се има дијалог. Секако, прашањето е на што треба да се фокусира дијалогот, а треба да се занимава со повеќе прашања и повеќе избори истовремено. Значи, едно од нив има врска со тоа всушност да постои правна одговорност за развојот на настаните во Бањска, затоа што ова беше паравоен напад во кој постои степен на одговорност на српската држава. Треба да има соодветни правни процедури против водачот на паравоената единица, г-дин Радоичиќ, кој призна дека ја предводел единицата. Но, во исто време, треба да има мерки за создавање подобра состојба за луѓето во тој дел на Косово во рамките на политичкиот развој што ги вклучува граѓаните во донесувањето на одлуки.

ЦИВИЛ МЕДИА: Точно. Видовме колку правда може да испорача српската држава за човекот кој самиот се пријави како сторител. Но, што треба да се случи? Се чини дека Европската унија, така да се каже, е ориентирана кон резултати и притиска за повеќе резултати и објавува дека има договори меѓу Република Косово и Република Србија, додека ние гледаме само влошување на состојбата. Што треба всушност да се случи?

СУРОИ: Да, тоа е чуден развој, во кој велите дека има процес на нормализација во тек а потоа ја имате Бањска, што е сосема абнормално. Не дава чувство на нормалност.

Мислам дека Европската унија не ја опишува ситуацијата блиску до реалноста и така тврдејќи дека има договор, додека претседателот Вучиќ вели дека тој не поддржува договор, дека тој поддржува еден дел од договорот, но, дека не го поддржува другиот дел од договорот, мислам дека треба да му веруваме на г-дин Вучиќ наместо на тоа што г-дин Борел го опишува како договор.

ЦИВИЛ МЕДИА: Разбирам. Пред инцидентот во Бањска, дали мислите дека и Брисел исто така сноси некое ниво на одговорност, бидејќи, практично, се гушкаше со Белград и Вучиќ…

СУРОИ: Се разбира.

ЦИВИЛ МЕДИА: … а го стави премиерот на Косово, г-динот Курти, на тенок мраз. Дали имаме некаков дијалог можеби за односот меѓу Приштина и Брисел во однос на подобрување на односот и статусот на Косово?

СУРОИ: Па, мислам дека имаше. Како што кажав, мора да веруваме кога г-дин Вучиќ, претседателот Вучиќ ќе каже дека не го поддржува договорот. Мора да признаеме дека тој не го поддржува договорот. И кога тој ќе рече дека ги прифаќа точките пет, шест и седум, но не еден, два, три и четири, мора да прифатиме дека тоа е неговата позиција. Не треба да посакаме да исчезне неговата позиција, затоа што така не се водат преговори.

Значи, ако претседателот Вучиќ рече дека нема никаков договор, мора да веруваме дека нема никаков договор и дека треба да се постигне договор. Мислам дека поради еден ваков вид на прилично абнормално однесување со кое се постапува кон договорот, логичната последица од тоа е дека српската држава може понатаму  да ја тестира отпорноста и отпорот на Западот, на Европската унија и на НАТО. Не заборавајте дека во мај оваа година имаше насилен напад врз НАТО војници во различни општини на северот против НАТО, против новинари, итн. А 19 НАТО војници беа повредени во овие напади. Значи, ова е тестирање за тоа колку НАТО ќе реагира, за тоа колку меки точки има НАТО. И мислам дека Србија мошне добро тестираше за свои потреби колку отпор има и во НАТО и во ЕУ. А Бањска беше логичен заклучок што не заврши толку добро за таа политичка опција.

ЦИВИЛ МЕДИА: Сепак, во однос на инцидентот во Бањска или местото на нападот… Експертите укажуваат на силно руско влијание во целата работа. Какво е руското влијание врз срско-косовските односи и Западен Балкан, воопшто?

СУРОИ: Русија не сега, туку со години негува јасен пристап – „ниска инвестиција, а високи приноси“. И така, не мора да прави повеќе од она што го прават расипувачите во Западен Балкан, од г-дин Додик, до овде, до она што го видовме во Северна Македонија со нападот на парламентот, со она што го видовме во Црна Гора. Значи, има играчи кои би го направиле тоа гратис или за мали надоместоци.

Дали ова оди во прилог на Русија? Се разбира дека да, бидејќи го сака Западен Балкан како нерешен конфликт и понатамошно поттикнување на идентитетски прашања.

Тоа е повторување на линијата на фрикција меѓу евроатлантската заедница и евроазиската заедница што е присутна сега, односно, линијата на фрикција во војната меѓу Украина и Русија, односно, руската инвазија на Украина. И затоа делови од Западен Балкан се едноставно терен за повторување на овој вид на линија на фрикција.

ЦИВИЛ МЕДИА: Точно, навистина. Тоа е добро усвоена стратегија на руската политика – секој недостаток на Запад е предност за руската страна. Толку едноставно, но истовремено и не толку едноставно. Во однос на политиката во Република Косово, дали премиерот Курти може да повлече подобри потези во однос на српско-косовскиот дијалог? Особено земајќи предвид една од вашите неодамнешни изјави, ако добро парафразирам, дека гледаме борба меѓу две тврдоглавости во оваа приказна. Дали постои некакво подобрување таму, дали гледаме некаква перспектива на повидок од косовска перспектива?

СУРОИ: Па, мојата аналогија за тврдоглавост беше дека постои натпревар меѓу тврдоглавата реалност каква што е и описот што Европската унија го дава на оваа реалност, или на реалност кон која се стреми. И мислам дека тврдоглавоста на реалноста победува и оттука живееме во недовршен конфликт и мораме да го видиме ова во таа светлина. И така, прашањето не е само за нормализирање и само обид да се смислат некои политики на интеграција во Европската унија, бидејќи тоа сè уште не е во картите, но, исто така и за тоа како да се интегрира крајот на конфликтот во него. А крајот на конфликтот, или завршувањето на конфликтите, првично се прави со признавање дека конфликтите не се завршени или дека други се поттикнуваат или отвораат.

Еден едноставен пример е Црна Гора, членка на НАТО која беше многу блиску до интеграција во Европската унија, или многу понапред во интеграцијата, која одеднаш има внатрешен идентитетски конфликт поттикнат од надвор.

Да не заборавиме дека Северна Македонија, која постојано се соочува со препреки, по внатрешната регулатива која произлезе по 2001 година, наеднаш се појавува друг проблем, а тоа е како ќе ја перципираат соседите. И тогаш, штом ќе го реши тоа со еден сосед, има друг сосед кој вели – добро, имаш историски книги што сакам да ги разгледам… И така, ова е чуден континуитет во редефинирање на идентитетските прашања што, искрено, нема да ја реши ситуацијата околу тоа дали овие земји ќе станат демократии кои функционираат и се способни да се интегрираат во Европската унија или не.

ЦИВИЛ МЕДИА: Добра основа за размислување и всушност проширување на перспективите во однос на тврдоглавоста на Балканот. Дијалогот и српско-косовските тензии, имаат големо влијание врз соседството, особено во Северна Македонија. Какви се перспективите за ситуацијата на Балканот, особено безбедносната ситуација, а особено имајќи предвид дека имаме и војна во Украина, го имаме интересот на Кремљ да се меша во внатрешните работи и слично? Дали имате регионална перспектива гледајќи од перспектива на Северна Македонија?

СУРОИ: Во изминатите 10 или 15 години, ја имавме оваа мантра за четири европски слободи воспоставена на Западен Балкан, дека ако земјите од Западен Балкан ги усвојат четирите европски слободи, слобода на движење, на инвестиции, на капитал итн., дека тогаш ќе го биде. Но, четирите слободи се производ на историска трансформација на Западна Европа по Втората светска војна. А за да се дојде до овие четири слободи, треба да има петта слобода која треба да се реши, а тоа е слободата од стравот.

Западен Балкан сé уште е во зона на недовршен конфликт. Луѓето од Западен Балкан треба да бидат во ситуација во која секојдневно ќе се будат без чувство дека овој регион можеби не е многу стабилен или дека можеби до следната година ќе има војна во соседство. И ова е нешто што не дозволува другите слободи да напредуваат.

Значи, нам ни се потребни и Европската унија и НАТО и земјите од Западен Балкан да го решат ова прашање денес. А тоа е како да се создаде безбедносен чадор за Западен Балкан, за да луѓето од Западен Балкан се чувствуваат сигурни за сопствената безбедност, дека она што се случува во Украина и Русија, она што се случува во Газа, нема да се рефлектира на Западен Балкан, дека ова е регион кој одлучил да живее во мир и затоа ќе ги усвои четирите слободи, а ги има инструментите, чадорот што обезбедува тие да не одат повторно во насилство.

ЦИВИЛ МЕДИА: Но, многумина ќе кажат дека Србија, всушност, води хибридна војна против Косово и во тој однос не гледам, барем лично, каква било можност за продолжување на вистински дијалог кој ќе има позитивни ефекти и не гледам можност за слобода од стравот, како што спомнавте.

СУРОИ: Не. Па, треба на директен начин да ја решаваме ситуацијата. И така прашањето е следно: Четири од шесте земји од Западен Балкан живеат во зона на незавршен конфликт или каде се поттикнуваат идентитетски прашања. И така, имавме триаголник, кој беше Косово, Србија, Босна и Херцеговина.

Бидејќи додека Косово и Србија живеат во незавршен конфликт и нецелосни држави, бидејќи ги немаат дефинирано своите меѓусебна односи, Босна и Херцеговина живее во мировен договор кој не е легитимен уставен поредок. И затоа има континуиран недовршен конфликт во Босна и Херцеговина кој континуирано се поттикнува. И така, на овие три, на овој триаголник, во изминатите години беше додадена и Црна Гора за идентитетот на луѓето во Црна Гора.

А ова е редефинирање од внатре во оваа земја што на крајот во одреден момент ќе дојде и до решавање – дали ова е земја која сака да биде во НАТО, сака да биде во Европската унија, сака да соработува со своите соседи – или сака да биде дел од српскиот свет.

Значи, ако е ваква ситуацијата, каква што е сега, и додадено кон тоа – имаме постојани прашања за идентитетот на луѓето во Северна Македонија, едните или другите. И да се додаде кон ова, во Албанија, која во изминатите месеци или година се обиде да се создаде себеси, или во рамките на раководството, да се осврне себеси како центар на дефинирање што треба да мислат или прават Албанците или како да се однесуваат. Тогаш имаме проблем што не води кон ослободување од страв.

Затоа мораме да го решиме ова прашање од аспект – ајде луѓето да се сакаат и да соработуваат итн., но од горе, да кажеме ОК, ова е регион кој е од посебен интерес за западната алијанса, за Западот, тој е дел од Западот. Треба да има механизми за заштита на кои земјите се согласија и тоа несомнено е чадор на НАТО. Како тоа ќе се уредува во земјите е прашање за кое треба да се расправа.

Постојат опции како да се направи тоа. Постојат начини како да се направи тоа. Но, треба да има историска одлука за тоа каде е ова место. Не можете, не можеме постојано да се прашуваме. Знаете, описите, ова е раскрсницата помеѓу Истокот и Западот…. Не! Ова не е раскрсницата на Истокот и Западот. Раскрсницата на Истокот и Западот е Истанбул.

ЦИВИЛ МЕДИА: Тоа е точно. Апсолутно точно.

СУРОИ: Значи, ова е Запад и сите култури се добредојдени во него и во текот на овој век ќе ги видиме не само источните и западните култури како што ги знаеме во однос на исламот и разните јазици…Ќе го видиме Далечениот Исток, ќе видиме луѓе од Индискиот потконтинентот кои живеат овде, бидејќи нема да има многу луѓе кои ќе сакаат да работат овде. И така, веќе гледаме како доаѓаат Бангладешци и Пакистанци и луѓе од Индија, а некои од нив ќе останат таму.

Луѓето кои г-дин Рама ги покани да одат во Италија од Африка, некои од нив ќе останат таму. Некои од луѓето од Авганистан ќе останат таму. Мораме да разбереме дека, како Европа, во одреден момент ќе бидеме мултикултурни како што е Берлин.

Мислам, тоа е нешто многу природно за нас. Ние сме родени мултикултурни. Не е ништо ново. Само што мора да го прошириме нашиот поглед кон нештата, во однос на тоа дека ќе има луѓе од различни бои и многу повеќе различни цивилизации од кои сме живееле.

ЦИВИЛ МЕДИА: Во тој, а и во поширок контекст… И не е трик прашање, ве уверувам – Кое е вашето мислење за српскиот претседател г-дин Вучиќ? Дали може да му се верува на кое било ниво?

СУРОИ: Па, прашањето не е дали треба да му се верува, прашањето е – треба да ги сфатиме неговите зборови такви какви што се.

Значи, ако тој рече – немам договор – ние мора да кажеме, нема договор.

Ако тој рече – никогаш нема да го признаам Косово – ние треба да кажеме, ОК, тој никогаш нема го признае Косово.

Ако тој рече – не ја сметам Србија за дел од Западот – па, ние добро треба да кажеме, ОК, немој.

Ако тој рече –  сакаме да видиме иднина со Кина и Русија – треба тоа да го прифатиме како што е и да не кажеме, знаете, овој човек го прави ова од оваа или друга причина.

Не треба да навлегуваме во причините, тоа е негово легитимно право и Србија има легитимно право да има претседател кој не сака да биде во Западот.

Значи, на српскиот народ е дали тоа е нивна опција. И за жал ова е процес на взаемно хранење во кој ако претседателот постојано вели – се потпираме на Русија – тогаш денес има повеќе луѓе кои и веруваат на Русија во Србија отколку што му веруваат на Западот, отколку што ѝ веруваат на Европската унија, отколку што им веруваат на САД… И се разбира, ова е нешто што треба да се решава.

Не можете да ја криете главата, мислам на колективниот Запад, така да се каже, да ги кријат главите во песокот и да кажат – се е во ред, едноставно, географски Србија е на Запад.

Не, таа не е. Географијата е многу важна, но треба да ја признаете географијата како фактор.

ЦИВИЛ МЕДИА: Во тој контекст, за да преминеме на последното прашање, кое е прилично широко и општо, но сепак верувам дека еден од најпаметните умови на Балканот би можел да одговори на ова прашање – да речеме – на изводлив начин. Каде оди Европа?

СУРОИ: Тоа е добро прашање. Европа е во една фаза во која е дизајнирана од она што не е. А дизајнирана е од она што не е – од Русија.

Значи, дефиницијата за Европа е влегување во оваа фаза во која е многу нормално Украина да биде источната граница на Европа, или евроатлантската заедница и евроазиската заедница во изминатите 10 години, исто така, се осмислува или дизајнира на начин на кој Блискиот Исток го гледа тоа.

Ако погледнете во рамките на овој век или во следните 20 години, прашањето за Блискиот Исток е всушност прашање дали истиот ќе биде продолжение на своевидно европско крило за стабилност или ќе биде деструктивна сила за следните 20 години.

Сега тоа го гледаме од перспектива на Газа. Но, да не заборавиме дека пред 10 години имаше сириска војна и дека голем дел од бегалците беа прифатени од Германија. Потоа, тоа создадоа нова политичка клима во Европа која во одредена фаза беше потолерантна, кога Ангела Меркел умееше да каже– донесете еден милион Сиријци во Германија, нема проблем, ќе го средиме ова. Апсорпциониот капацитет на Германија е таков, економски.

Меѓутоа, истовремено имавте луѓе кои беа погодени. Одеднаш АФД во Германија е втора политичка сила, многу над социјалдемократите, кои традиционално беа прва или втора сила во Германија. Значи, она што овој конфликт, во Газа ќе произведува, меѓу другото, е начинот на кој Европа ќе се перцепира себеси во однос на Блискиот Исток. А тоа не е голем успех. Напротив.

Европа е таа што всушност сè уште не се разбира себеси.

Значи, бидејќи оваа Европа е проект, наместо фиксна држава со свои граници или фиксни планови, токму во рамките на овој проект – всушност, интегрирањето на Западен Балкан може да биде едно од неговите најголеми достигнувања, бидејќи тоа е толку лесно да се направи. А, фактот што Европската унија, или проектот Европа нема стигнато до точка на интеграции, не ја покажува виталноста да се спротивставува на Западен Балкан, туку неспособноста на Европа реално да ги реши овие прашања и да ги смета за дел од своите.

ЦИВИЛ МЕДИА: Ви благодарам многу за ова интервју г-дин Сурои.

СУРОИ: Благодарам.

Разговорот го водеше: Џабир Дерала
Камера, монтажа и фотографија: Ариан Мехмети
Транскрипција и превод од англиски: Наташа Цветковска

Објавено во оригинал на CIVIL.TODAY

Треба да знаете
Moже да ве интересира