Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Минато кое се враќа како трагедија или комедија?

Дали овој пат ќе видиме нешто поинаку (можеби подобро?) од Мицкоски и неговата „тотемска партија“ – се сомневам

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Па, добро, кога на мирни и демократски избори ќе биде „масовно“ изгласана ултра-гига-турбо-конзервирана партија, драги мои, и тоа е некаков концепт на живот. Добро, добија глас најживописните ликови како од некој „Кустуричин“ филм, што дополнително би значело дека еден животен круг се затвара, а се отвара некој друг. Додуша, во тој круг многу полесно се паѓа, одошто се излегува, ама кој сега ментално да се заморува со такви финеси (освен ако не констатираме дека нашето мило главче е само за потстрижување?).

Додека ги типкам овие букви и реченици, гледам низ прозор; надвор е пролет, мајски ружи во својот сјај и останати пријатни благодети од будењето на пролетта. Природата, пак, си работи вообичаено во овој дел на светот воопшто незаинтересирана за оној партикуларно-политички свет. А во тој партикуларно-политички свет, за мене, еден детаљ го зачеша мојот нос, а притоа претставува огромна енигма, драг мој господине Вотсон (!): кои се тие еден милион дваесет и девет илјади и осумстотини деведесет и пет гласачи кои воопшто не излегле на избори? Еве и со бројки: 1.029.895 граѓани кои воопшто не се појавиле на избирачките места. Кои се тие луѓе, какви се, имаат ли семејства, деца, покрив над главите, што мислат, што сонуваат, каде живеат, на кого се надеваат, дали нешто мислат за „гордата“ ни Гордана, а што мислат за оној разочаран, а така драг и брилијантен политичар Стево?

Во едната половина од Македонија живо и откачено како во филмот на Мел Гибсон „Лудиот Макс“, а во другата половина мирно како на гробишта. Нешто тука не е како што треба, нели така мислите? Или поинаку да го формулирам ова прашање: што значи кога еден милион гласачи се пасивизирани, резигнирани и комплетно исклучени од заедницата и политичкиот живот? Веројатно ова прашање е за симпозиум, а ние да се вратиме на она што беше пред два дена во оној политички дел од земјата.

Па, добро, море, што е ова врескање, паѓање во транс и душевен амок? После седумгодишна власт, социјалдемократите го изгубија мнозинството на двојните избори: претседателски и парламентарни. И сосема е природно да мнозинството од граѓани, без разлика дали биле квалификувани или неквалификувани, ќе може да одлучуваат за правецот и движењето на земјата во која живеат. И тоа е сосема нормално во некоја „нормална“ демократија. А тоа што мнозинството граѓани моментално одлучи дека земјата ќе ја движи ВМРО-ДПМНЕ (секое мнозинство е „моментално“ и никогаш не е засекогаш), тоа е работа на избор.

Проблемот настанува, барем што се однесува до мене, затоа што уште денес Мицкоски ја апсолутизира својата позиција. И себе се претставува за единствен легитимен претставник на „народот“. Тоа не само што е ноторна лага, туку претставува и ноторна невистина.

Е, сега, дали ќе се позиционираат да го гуш(н)ат секој јавен глас „во“ и „надвор“ од Собранието, медиумите итн., тоа останува да видиме. Како што останува да видиме со кои политички партии ќе ја конституира новата десна и конзервативна Влада. Исто така останува да видиме дали секој критички тон ќе го делигитимираат, дали ќе продолжат да го нарекуваат „ненароден“, „одроден“, „платенички“, ваков или таков, и тоа останува да видиме. И останува да видиме дали таквите гласови ќе ги туркаат отаде јавниот дискурс.

Ако сè ова го повторат за кое денес пишувам, како што беше пракса во минатото, тогаш ќе значи дека Мицкоски влегува во нелибералната или и-либералната политика на Виктор Орбан. Затоа што сите кои нешто сме прочитале во животот, знаеме дека демократијата или е либерална или не е демократија.

Друга лоша околност од претстојните избори е и таа која ни покажува дека социјалдемократите опасно се „разлупаа“ на овие избори; на овие избори го „освоија“ најлошиот резултат од претходно, добија сè на сè 18 пратеници. Дали на површина излезе внатрепартиска „класна војна“ која тлеела сите овие години, дали е причина отцепувањето на Максим Димитриевски со неговата фамозна „ЗНАМ“, дали, пак, социјалдемократите се преморени од деценијата на борби во опозиција и на власт, дали имаат утка во кадрирањата, лидершипот, најтесното раководство, за тоа ќе си размислуваат во деновите и месеците кои се пред нив. Многу непристојно од мене би било, како некој „аутиран“ поддржувач и симпатизер на СДСМ сега да лицитирам и арбитрирам околу тоа.

За граѓаните, пак, навистина е лоша околност што ВМРО-ДПМНЕ повторно приграби сè: пари, ресурси, институции. Тоа, за една партија е премногу моќ која може да застрани во екстрем додека вие речете „Северна Дакота“.

Дали, пак, овој пат ќе видиме нешто поинаку (можеби подобро?) од Мицкоски и неговата „тотемска партија“ – се сомневам. Дали ги имаат научено своите партиски искуства од минатото? Верувам денес – да; ама исто така знам дека кога човек ќе приграби сè, таквиот знае да биде вистински Ајатолах, а еднаш веќе живеевме под такви бизарни и опскурни луѓе. Не од мака е речено: оние кои не учат од минатото, на таквите ќе им се врати в сурат или како трагедија или како комедија. (Фронтлајн)

Moже да ве интересира