Неподнослива леснотија на омразата: Кој ви забранува да бидете луѓе, Бугарите, Србите, ЕУ, кој?

Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА

Ете Мирко го нема, ќе остане сета историја што ја остави за нас, а вас кој следен ќе ве спречува да бидете цивилизирани луѓе, што вие ќе оставите зад себе освен гнасните плуканици?

Одамна, некаде во годините по осамостојувањето на Македонија, во тој еуфоричен налет предизвикан од независност на државата, во еден скопски локал падна муабет за сега веќе, неограничените можности за творење на наши, автентични уметнички креации – од музика, до филм. Новинарството исто така, доживеа своја пролет, која нели сега веќе не беше во прегратките на Централниот комитет.

Некако, дотогаш провејуваше некој став дека нашата културна сцена е инфериорна пред онаа од останатите југословенски републики, дека е ограничена, потисната, диктирана од Белград, итн.

Дали ова беше навистина така, не можам со сигурност да тврдам со оглед на тоа што бев премногу млада за да сведочам, иако не гледав навистина некоја пречка за нашите кои сака да создаваат. Бендовите кои имаа потенција да креираат и претходно, го продолжија континуитетот. Не се забележа некоја фрапантна разлика во квалитетот на тоа што се произведуваше претходно, и сега во слободната земја.

Секако, мораше да се изживее и оној нагласен патриотизам во се и сешто, да покажеме дека сме Македонци по секоја цена. Поминаа и овие сипаници, но секогаш кога нешто ќе запнеше, и на културната и на политичката сцена, имавме дежурни виновници. Србите, Бугарите, Албанците, Грците, сите наши соседи можеа да се посочат при секој и банален неуспех, како во оној во спортските резулати на пример.

Кога се освестивме од овој хипнотички наратив, и ни стана јасно дека самите си ја кроиме судбината за секој неуспех или успех, прстот почна да се вперува кон внатрешни виновници и меѓусебни обвинувања. Ова толку добро ни легна, што сега поделбите, најпрво етнички, па партиски, па социјални, па културолошки, родови, ни станаа мејнстрим национален симбол. Исклучивост, а не заедништво. Тука заглавивме, и ескалиравме дотаму што демократските алатки за слобода на говор ги разбравме како  одлична можност за омраза и лечење на сите фрустрации и инхибиции кон се што е вредно и подобро од нас самите.

Оваа супериорна деструкција веќе одамна се граничи и со здравиот разум.

Ми се згадило многу пати, но последново ситење со смртта на Мирко Попов ја прели чашата. Нема да ги коментирам оние самопрогласени медиуми, што се истрчаа за мизерни кликови да обелоденуваат наслови за негова хоспитализација, и наводни причини за истата. Овој канцер на општеството, е предмет на платени регулаторни медумски тела кои изгледа дишат на апарати.

Но, објавите на Цветин Чилиманов, Миленко Неделковски и ним сличните ќе ми одзвонуваат долго во глава.

Добро се познаваме, нели?

Станува збор токму за оние профили опишани погоре. Овие испрдоци на општеството се резулатат на таа погрешно разбрана демократија и самостојна држава. Ова се тие неуспешни, креативно кастрирани поединци кои се дежурни кучиња кога треба да се плука по се што е прогресивно, бидејќи дпмновската дијагноза е памфлет што така природно по пат на гравитација го собира овој отпад околу себе, за да го рециклира како патриоти во кои ќе се препознае Македонецот без личен идентитет. Пардон мај френч, Македонецот на кого сите му се виновни за личниот неуспех, па удирањето во градите од Вергина се достојна замена за сопствен идентитет. Некако по автоматизам се чувствува важен, иако во животот не напишал берем еден стих.

Ете Мирко го нема, ќе остане сета историја што ја остави за нас, а вас кој следен ќе ве спречува да бидете цивилизирани луѓе, што вие ќе оставите зад себе освен гнасните плуканици? (НоваТВ)

Треба да знаете
Moже да ве интересира