Обединета Европа наспроти европска географија на етнички тврдини

Пред македонското општество е можноста да докаже дека е мудро, и дека нема да наседне на обиди за злоупотреба на „етничкото“ за политички цели, колку и да наседнуваат други, а меѓу нив и соседни општества.

Тони ПОПОВСКИ

Живееме во време на повеќекратна криза. Постепено излегуваме од пандемијата, но, иако посакуваме, не можеме да влеземе во период на ефективно закрепнување поради енергетската и безбедносна криза предизвикана од агресијата на Руската Федерација врз Украина. Сведоци сме на најголемиот воен конфликт на европска почва после втората светска војна и трагичните последици од него. Притоа, изложени сме на хибридни дејствија и реални безбедносни закани од прелевање на овој конфликт во поблиското опкружување. Да бидат состојбите уште покомплексни, климатските промени ги зголемуваат ризиците од природни закани, сушни периоди, поплави и шумски пожари, надоврзано и со ризици од катаклизмички настани како земјотресот во Турција и Сирија.

Во едни вакви „историски“ моменти, неопходна е умна и практична државна стратегија, со цел да се пресретнат ризиците.

Нашиот одговор на предизвиците поврзани со климатските промени е предодреден со успехот во спроведувањето на политиките за отпорен урбанизам, планирање на просторот  и заштита на животната средина. Овие политики придонесуваат за поширока социо-економска трансформација во Европската Унија (т.н. Зелен Договор) и другите европски и глобални демократии, и колку порано се приклучиме кон овој тренд толку поуспешно и побргу ќе се развиваме. Во адресирањето на овие предизвици, потпрени сме на нашите традиционални развојни партнери, и треба да ја продолжиме соработката бидејќи истата ни овозможува поотпорно политичко, социо-економско и еколошко опкружување. Споредено со претходното, мој впечаток е дека во моментов многу повеќе потфрламе како општество во пресретнување на политичките и безбедносни закани. Има неколку клучни причини и негативни фактори на влијание кои придонесуваат да бидеме политички неотпорни, а со тоа и ранливи. Впрочем, на овие фактори неотпорен е Западниот Балкан како целина но за жал и неколку негови соседи кои се држави членки на Европската Унија.

Првиот критичен фактор е завесата од чад создадена од актери на нашата домашна политичка сцена кои од една страна имаат сопствени и автентични за едно демократско уредување, мотиви да владеат, но од друга страна нивната политичката понуда е во сѐ понагласен контраст со стратешките определби за целосна евроатлантска интеграција на државата. Последица е поларизацијата на два „политички народи“ во македонскиот камп. Едниот е приврзаник на идејата за „Обединета Европа“ и неговите предводници се обидуваат да навигираат, помалку или повеќе успешно, но под тешки околности, за да се достигне таа цел, а вториот преферира европска географија на етнички тврдини, како алтернатива на првите. Оваа поларизација е присутна и во рамки на Европската Унија, но барем засега доминантна е определбата да се продолжи со обединувачкиот проект, заснован на автентичните европските вредности, и покрај штетата која ја нанесе Брегзит (чии мотиви во моментов се преиспитуваат во британското општество) и се закануваат да ја нанесат евроскептичните политички проекти на Орбан, триото Мелони, Скалвини, Берлускони, и националниот фронт на Марин Ле Пен, со свои рефлексии во национал – популизмот на дел од  другите политички лидери во државите членки на Унијата. Навигацијата на европските лидери кои се посветени на обединувачкиот европски проект е исто така помалку или повеќе успешна, повторно поради тешките и комплексни околности, но и забеганоста на дел од нив во популистичко бранење на партикуларните „национални“ интереси.

Кај вториот модел, константа е дека „етничкото“ се употребува како средство за остварување на целите на политичкиот проект за создавање и следствено оградување на големиот етнички – национален свет (во тек е крвава демонстрација на неговата примена во Украина), наспроти првиот модел кој се залага за обединување во етничкиот диверзитет и создавање на првенствено мировен, европски политички идентитет.

Оваа феноменологија каде  „етничкото“ на европско тло повторно се злоупотребува е ретроградна и опасна. Поврзано со првата и втората светска војна, рано предупредување испратил Макс Вебер, брилијантен германски филозоф, застапувајќи гледиште дека етничките групи се künstlich (вештачки, т.е. општествен конструкт) бидејќи тие се засноваат на субјективно верување во заедничката Gemeinschaft (заедница). Вебер потенцира дека ова верување во заедничката Gemeinschaft не ја создаде групата, туку групата го создаде верувањето, и дека формирањето група произлегува од нагонот за монополизирање на моќта и статусот. Во тоа време преовладува натуралистичко верување дека социо-културните и разликите во однесувањето меѓу народите произлегуваат од наследените особини и тенденции кои пак произлегуваат од заедничкото потекло, тогаш наречено „раса“. Вебер не беше слушнат од германското општество, за да потоа во име на „ариевската раса“ се случи нацистичкиот пир. Слично на Вебер, Џувал Ноа Харари, израелски историчар и филозоф, во своето дело „21 лекција за 21 век“ напишано во 2018 година, посветува едно поглавје на национализмот како глобален предизвик.  Притоа укажува дека  национализмот, етноцентричната религијата и етноцентричната култура го делат човештвото во непријателски настроени кампови и ја отежнуваат глобалната соработка. Харари потенцира дека проблемот настанува кога бенингниот патриотизам се придвижува кон шовинистички ултра-национализам, создавајќи плодна почва за насилни конфликти. Нецели четири години потоа започна војната во Украина.

Вториот критичен фактор на кој накусо би се осврнал,  е хроничното неоптоломејство, карактеристично за споредбено помалите нации на Балканот, кое не убедува дека светот се врти околу нас. Повторно Харари оваа опасна заблуда за „божјиот древен народ кој живее во светата етничка тврдина“ умешно ја илустрира: „Национализмот не маѓепсува со приказните за хероизмот, не расплакува со сеќавањата на несреќите од минатото, и го распалува нашиот бес потсетувајќи не на неправдите поради кои нашата нација страдала, и стануваме апсорбирани во овој национален еп дотаму да започнуваме да оценуваме сѐ што се случува во светот врз основа на влијанието врз нашата нација, и притоа не се ниту обидуваме да се запрашаме што е тоа што ја прави нашата нација толку битна“. 

 И покрај овие два, според мене критични фактори, како и низа други кои ги обликуваат комплексните околности во кои живееме, периодот пред нас е можност македонското општество да докаже дека е мудро, и дека нема да наседне на обиди за злоупотреба на „етничкото“ за политички цели, колку и да наседнуваат други, а меѓу нив и соседни општества.

Треба да знаете
Moже да ве интересира