Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

После изгор лето влегуваме во жешка политичка есен

Се поставува прашањето, дали да губиме драгоцено време и пак да завршиме со широка влада неисчекорени кон ЕУ, или да ја формираме сега и да поминеме низ уставните измени, и отворање на поглавјето за владеење на правото. Да ја релаксираме политичката атмосфера во општеството и да влеземе во избори со натпревар на развојни програми вклучувајќи и програми како да се забрза нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ до 2030 година. 

Тони ПОПОВСКИ

Влеговме во есента со летни температури. Истовремено политичката температура најавува екстремно жешка политичка есен.

Оваа анализа на влез во политичката есен поаѓа од наодите на неколку анкетни истражувања на јавното мислење кои беа направени летово, проценки на неколкумина независни политички аналитичари чие мислење го ценам, разговори и сондажа на мислења во мојот социјален периметар, и сопствени проценки на влијанието на неколку настани кои се случија изминатите 40-тина дена, а кои непосредно влијаат на политичкото расположение на јавноста.

Да тргнеме од последното. На надворешен план евидентно е дека има позитивна динамика по однос на посветеноста на ЕУ да се забрза процесот на проширување паралелно со процесот на внатрешна реформа кој за цел би имал ефикасно фукционирање на „ЕУ30+ (плус)“.

Ако појдеме од нашата стратешка определба за пристапување кон ЕУ како полноправна членка, подобра атмосфера за забрзана интеграција немало од последното големо проширување во 2004-та година. Причините ги имам анализирано во претходни колумни и не би се навраќал на нив.

Моја конзистентна препорака, која ја темелам на низа аргументи вклучувајќи и безбедносни, а последниве се варијабла која се занемарува, е да ги искористиме овие околности и да ја направиме измената на Уставот. На внатрешен план, негативни реакции кај општата и стручната јавност предизвикаа две иницијативи, првата за измена и дополнување на Кривичниот законик и втората за носење на Закон за амнестија. Иако власта се обидува да објасни и да аргументира дека двете иницијативи се неповрзани со иницијативата за уставните измени, сепак тие коинцидираат со остро поларизираните ставови на партиите за уставните измени. Истовремено се случи и размена на меѓусебни обвинувања помеѓу Груевски и Мицкоски, која го подгреа скептицизмот дека законодавните иницијативи сепак имаат некаква поврзаност со уставните измени.

Од една страна, позитивната динамика во ЕУ придонесува за поткревање на рејтингот на СДСМ и владините коалициски партнери. Од друга страна законодавните инцијативи влијаат негативно на рејтингот на СДСМ – која на некој начин остана изолирана во поддршката на законодавните иницијативи (помалите партнери се или воздржани или против, а негативен став за нив искажаа и неколкумина истакнати партиски активисти).

ДУИ има сопствено избирачко тело и рејтингот на партијата барем засега остана негибнат со законодавните иницијативи, а поради „кавгата“ на релација Груевски – Мицковски и зајакнатиот впечатокот за „легендарните“ маневарски вештини на Ахмети (иако од него дематирани во врска со овој случај), овој рејтинг претпоставка е дека има и нараснато.

Од своја страна кавгата „Груевски – Мицкоски“ нанесе повеќе штета врз рејтингот на СДСМ отколку врз ВМРО-ДПМНЕ поради силните шпекулаци во јавноста дека се работи за тактички маневар за ревитализација на Груевски со цел да се разниша или подели ВМРО-ДПМНЕ. Самото спомнување на Груевски во претежно граѓански ориентирани кругови на избирачи сеуште предизвикува одбивност до таа мерка да ја става во втор план и наклонетоста кон одлучно исчекорување кон ЕУ.   

За попрецизни проценки на рејтингот на политичките партии би било пожелно да се спроведе професионално направена анкета, на репрезентативен примерок и со примена на методот „лице в лице“. Во отсуство на таква анкета, моите проценки со излезност од 55% и овој изборен модел, и со распределба на 93 – 94 собраниски мандати во македонскиот политички камп и 26 – 27 во албанскиот камп, упатуваат на  следна состојба со распределба на мандати меѓу политичките партии.

ВМРО ДПМНЕ има рејтинг кој му обезбедува 45 – 47 пратеници. СДСМ е со рејтинг од 25 до 27 пратеници. Наспроти овие две партии, силен тренд на зголемен рејтинг има кај Левица која во моментов тежи минимум 10 пратеници, а која во континуитет најмногу профитира од политичкиот натпревар меѓу првите две партии. Практично се потврдува народната „Двајца се расправаат, а третиот користи“. Преостануваат 10-тина собраниски мандати за кои директно придонесуваат помалите партии, а кои се фрагментирани и многу на број. Ниту една од нив во моментов можеби со исклучок на партијата на Максим Димитриевски (со концентрирани гласови во Куманово) не би го поминала изборниот праг што го прави нужно нивното предизборно коалиционирање. Доколку некои од нив сепак се одлучат за самостоен настап и покрај тоа што нема да влезат во Собранието, поради изборниот модел ќе придонесат за повеќе мандати кај тие што ќе влезат, и тоа најмногу кај ВМРО ДПМНЕ. Од таа причина, коалицискиот потенцијал е значајна варијабла. На свој начин, трите најсилни партии во македонскиот политички камп се соочуваат со овој предизвик. Кај Левица целосно отсуствува, а кај ВМРО – ДПМНЕ безмалку отсуствува коалициски потенцијал. Исклучок би била предизборна коалиција со партијата на Димитриевски.  СДСМ од своја страна има предизвик да ги задржи помалите партии како ЛДП и ДОМ во предизборна коалиција, иако се чини дека самостоен настап или менување на орбитата особено кога има иницијатива за т.н Европски Фронт, би било многу контрапродуктивно за помалите партии.

Во албанскиот политички камп, ДУИ има рејтинг кој му обезбедува 13 – 14 пратеници, следен од Алијанса со 6 пратеници, Беса со 5 пратеници и два до три пратенички мандати за кои конкурираат барем три мали политички партии во моментов.

За крај да се обидеме да идентификуваме два основни сценарија од аспект на време и од аспект на барање на заеднички именител кај потенцијални предизборни и постизборни коалиции.

Од аспект на време, доколку се случат уставните измени поизвесно е дека ќе се оди на избори непосредно потоа иако временската дистанца до редовните избори ќе биде помалку од половина година. Оттаму, позначајно е да се оцени потенцијалот за предизборни и постизборни коалиции. Ако тргнеме од ВМРО – ДПМНЕ, шансите партијата да направи некаква предизборна коалиција надвор од неколку многу мали и во суштина невлијателни партии, се минимални. По однос на постизборна коалиција, постои можност за коалиционирање со партијата на Димитриевски и донекаде со албанската опозиција – доколку се обедини или само со БЕСА. Овие постизборни сценарија упатуваат на максимална поддршка од 53 – 55 пратеници, кои не се доволни за составување на влада. ВМРО – ДПМНЕ во моментов без партнер од албанскиот камп, не би можеле да состават ниту редовна ниту малцинска влада поддржана од Левица, иако тој концепт е многу ризичен. Левица поради анти НАТО и про-руски ставови и нагласен евроскептицизам ги одвраќа потенцијалните партии на Албанците. Од своја страна, постизборна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со БЕСА е неизвесна имајќи во предвид дека БЕСА ја заигра картата на етно-национализмот и многу тешко овие две партии ќе пронајдат заеднички именител, доколку не се определат да направат „тешки“ компромиси. Овие варијабли ги знае ВМРО – ДПМНЕ, па оттаму и надевањето за стабилократска поддршка од Запад (САД и ЕУ) за евентуален политички брак со ДУИ што наликува на сметка без крчмар поради определбата на ДУИ да биде дел од Европскиот Фронт иако во политиката се’ e контингентно, или кон БЕСА да се приклучи Алијансата која истотака (барем засега) е дел од „Европскиот Фронт“.

СДСМ има можност за правење на предизборна коалиција со најголем дел од партиите со кои и во моментов е во коалиција. Европскиот Фронт може предизборно да се фундира со некаков облик на постизборен договор. Ова групирање на партии може да резултира со постизборна поддршка на 52 – 54 пратеници.  Но повторно, за формирање на влада, ќе биде неопходна целата опозиција во албанскиот камп.

Доколку избори има наскоро, па дури и да се во редовен термин, поларизацијата и фрагментацијата на политичката сцена се такви што ќе влеземе во еден период на политичка нестабилност и намалена функционалност на клучните инситуции, за чие решавање ќе требаат медијатори, а ефикасно решение на кус рок е само широка влада. Оттаму се поставува прашањето, дали да губиме драгоцено време и пак да завршиме со широка влада неисчекорени кон ЕУ, или да ја формираме сега и да поминеме низ уставните измени, и отворање на поглавјето за владеење на правото. Да ја релаксираме политичката атмосфера во општеството и да влеземе во избори со натпревар на развојни програми вклучувајќи и програми како да се забрза нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ до 2030 година. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира