Проповед за Претседателот и изборите

Фотографија: DW/ P. Stojanovski
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

На 8 мај зад параванот ќе бидеме сами, ние, секој поединечно, гласачкото ливче и Севишниот. При заокружувањето имајте предвид дека на државава и треба Претседател кој што ќе биде, или ќе продолжи да биде активен колку што може и храбар колку што може да се претпостави; Претседател кој ќе го отвори, или ќе продолжи да го отвора општеството кон демократски и прогресивен развој; Претседател кој ќе овозможи, или ќе продолжи да овозможува иднина, а неговите граѓани ќе бидат, или ќе продолжат да бидат рамноправни не само дома, туку и во глобалната заедница.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Како засилува интензитетот на кампањата за претседателските избори, така се повеќе слушаме муабети и квалификации на темата „професори“. Професор доаѓа од латинскиот profes, или pro-frateri, што значи „да истапи напред и јавно да обзнани“, или „јавно и слободно да говори за вистината“. Во англискиот професор го поврзуваат и со profess, што значи „да проповеда во религијата“, или „да преземе завет на достоинственост и интегритет во професијата, односно групацијата“. Оттаму, да се биде професор однапред ве обврзува на достоинственост, на искреност, на чесност, но и на јавно говорење и застапување за послабиот, за правата на луѓето околу нас, оние права кои тие не можат да ги уживаат.

Додипломските студии ги поминав на Правниот факултет во Скопје. Пред да продолжам натаму, да ги замолам читателите да не ми го земаат ова за зло. Правниот факултет бил мирудија во секој процес во поновата историја на државата, а во последните 30 години, од прогласувањето на независноста, речиси и да немало период во кој во немало професор кој бил носител на некоја јавна функција. Сите нив ги паметиме по тоа колку биле лоши, или добри. Колку во времето на вршењето на функцијата биле послушни(ци), колку успешно ја извршувале функцијата, колку успешно си издавале дозволи, на блиски, да речеме за одредени вносни трговски зафати, какви возила имале, каде направиле некаква тепачка, кому успешно врзале шамар, каде неказнето поминале за некаков сообраќаен прекршок итн.

Меѓу годинешниве кандидати има барем тројца поранешни студенти од Правниот факултет, сите и самите професори. За среќа, ниту еден од нив, не е од оние „октроирани“ професори кои на факултетот ги донеле родителите професори, по можност на сопствената катедра. Едната од нив, е професорка, сега во пензија на истиот тој Правен факултет.

Толку многу споменување на Факултетот, толку многу „проповедање“ и се потсетив на моите студентски денови. Се потсетив на неколкумина професори кои сум ги слушал, сум полагал испит кај нив, сум им се воодушевувал, или пак сум ги обвинувал дека „едноставно не ги бидува“. Ме потсети на многу анегдоти од студентските денови, или пак на оние кои тие ги раскажувале за деновите пред тоа. Овие подоцнежните беа исто толку бројни, колку и моите доживувања, зашто едноставно, во карактерот на професорот е да зборува пред публика.

Да почнеме од почеток. Пред запишувањето на факултет, со една група средношколци од тогашното економско-правно училиште „Васил Антевски-Дрен“ бевме во посета на факултетот во обид да се запознаеме подобро со постапката за прием. Не пречека тогашниот декан со пораката „Добро дојдовте во овој храм на правната наука.“ Неколку години подоцна, деканот стана политички кандидат и говореше за демократија, еднаквост, човекови права, а откако замина во пензија се активираше во одбрана на заробената држава. Деканот и една од денешните кандидатки во текот на академската кариера делеа катедра, меѓутоа за себе никогаш не споделија убав збор. Сепак, уверен сум дека денес обајцата се горди на заробената државата. Деканот затоа што ја бранеше, а кандидатката затоа што ја воспева.

Во третата година од студиите, поради настапот на ораторската вечер имав можност да соработувам во поинаков капацитет со двајца други професори, обајцата поранешни кандидати. Едниот имаше зачудувачки добар глас и беше одличен пејач, а вториот беше прекрасен оратор. Низ говорите и анегдотите на ораторот запознав еден, сега веќе пријател, соработник и колега, а поранешен генерален директор на националниот радиодифузен сервис. Професорот не зборуваше во суперлатив за својот поранешен студент, ама се сеќаваше на него. На крајот на натпреварот, на самата прослава, додека кандидатот пејач не забавуваше, кандидатот оратор на неколкумина од учесниците, кои седевме најблизу до него, ни рече: „Ете, сега и за вас ќе имам приказна која ќе ја раскажувам. Знаете, ние професорите ги паметиме сите студенти. Меѓутоа, не секогаш имаме нешто што можеме да го раскажуваме за вас.

Отсекогаш сум велел дека студентските денови не се мерило за човековиот квалитет. Впрочем, нели „човекот се учи, додека е жив“. Кога го запознав поранешниот студент и генерален, сега веќе професор и самиот, добив дополнителна потврда за тоа. Додека тврдењето дека ако нема приказна за студентот, нема ниту сеќавање ми се потврди кога јас бев професор. Во тој периодот, главната цел ми беше да се обидам да бидам како еден од оние кои заслужиле да бидат „мои“ професори. Неговите предавања ги посетував најредовно. Впрочем на тие предавања можеше да научите повеќе од само правна теорија во областа и да видите како реалниот живот ги слика законските одредби низ кривичните дела на луѓето. Професорот беше вистинска слика за поимот, интелектуалец, колумнист, полиглот, чесен, достоинствен, со неприкосновен интегритет и неуморен борец за правда и правата на другите. Дури и со кревко здравје и пречки во говорот, во последните години од својот живот, сепак беше редовен во држењето на јавни лекции на сите носители на јавна функција. Последен пат држеше лекција пред Уставниот суд во онаа срамна епизода која ги овозможи помилувањата на еден друг професор и беше повод за Шарената револуција.

Ѓорѓи Марјановиќ го запознав како дете. Имав слушано безброј приказни за него, впрочем во семејството имав еден адвокат кој, иако беше еден од најдобрите во својата професија, имал долг стаж на полагање на испитот кај професорот. Патем, адвокатот имаше среќа професорот да му биде и венчален кум. Професорот Марјановиќ често милуваше да раскажува анегдоти од животот. На пример: онаа за еден негов студент, подоцна професор, но и кандидат, кој имал „конгенитални аномалии на магистерскиот труд, кои ни со хируршка интервенција не можат да се отстранат“; или онаа за професорката „која очигледно се фатила на орото без да и се кадри нозете“ бидејќи 14 години упорно работела на својот магистерски труд; или онаа за професорот кој во Скопје и на универзитетот дошол во казнена експедиција од поранешната држава, а својата упорност во одржувањето на неатрактивни предавања ја аргументирал со присуството на барем тројца (Tres facit collegium.). Професорот бил Хрват и сѐ уште говорел на хрватски, или, ако некои така милуваат, на хрватско-српски јазик. Кога на еден час имало само еден студент и професорот, а професорот ја употребил латинската максима, студентот со право го прашал зошто вели така кога во амфитеатарот има само двајца. На тоа професорот одговорил „Аааа, не, не, не колега. Севишниот е насекаде!“ На следното предавање немало живи сведоци за да разбереме каква била реакцијата на професорот и дали тој предавањето го преобразил во дијалог со Бог.

Иако хируршки прецизно го опишува македонското општество Ѓорѓи Марјановиќ не беше доктор на медицина, а можел да биде. Ако Ви се читаат повеќе анегдоти, побарајте ја неговата сотија „Стручен труд“. Четиво за минатите времиња, напишано по независноста, а како создадено да биде применето на секој временски период од нашата државност. Во мојот примерок од сотијата пишува „На Андреја, со родителска љубов!“. Често ја земам в’ раце, колку за да препознам некоја „нова“ случка од епски пропорции. Последниот пат, се потсетив како професорот раскажува за дарбата на неговите колеги и воопшто на Правниот факултет „за изнаоѓање на сé нови и нови „изми“, притоа кажувајќи „Виц и ‘изам’ никогаш не успеав да измислам“. Ете, така сфатив дека едната од кандидатките очигледно била поуспешна од професорот Марјановиќ, не поради својата ерудиција, туку поради способноста во два наврати да измисли некој нов „изам“. Во обата наврати преку сопственото дејствување како кандидатка. Првиот пат, во минатото работејќи за себе и семејството, а вториот во 2019 воспевајќи ја заробената држава.

На Претседателските избори оваа година има седум кандидати. Познавам шест од седумте кандидати. Со двајца од кандидатите сум имал можност да соработувам поблиску. Првиот го запознав во 2001 година. Тогаш на ТВ екраните заедно со Ѓорѓи Трендафилов ни влеваше доверба дека воениот конфликт нема да прерасне во војна која ќе не разнебити во целост. По конференциите за печатот знаеше да помине во канцелариите на тогашното Одделение за европски интеграции во Владата. Ми беше чест да го запознам, ми остави впечаток дека е едноставен и скромен, некому кому може да му се верува. Кога го сретнав повторо, десетина години подоцна го имав истото чувство. Патем речено, сѐ уште го имам. Вториот го запознав, во 2011, преку еден негов професор, а мој драг пријател. Бев слушнал дека е извонредно талентиран хирург, а добив впечаток дека е извонредно свесен за државата во која живееме, за богатството што го прави мултиетничноста и за потребите на сите. Кога повторно се сретнавме во јуни 2016, имавме непланиран ручек заедно со една наша заедничка пријателка, поранешна амбасадорка на Холандија, а говоревме за државата. Јас сакав побрзи решенија, тој заговараше промисленост, нешто во што ме увери подоцна кога соработувавме и кога увидов дека промисленоста не само што ја прави државава подобра, туку и ја претставува во најдобро светло пред сојузниците. За едната од кандидатките, веќе утврдивме дека ми била професорка, а со останатите тројца сум имал средби на конференции, семинари, јавни настани или телевизиски настапи.

Не сум повеќе професор, ниту сум бил професор никому од нив, ама си реков да ги земам претседателските избори како испит за кандидатите. Ги ислушав сите, ама мислам дека има такви кои не се подготвени да продолжат понатаму. Ингеренциите на Претседателот не се за да ја развива зелената економија, ниту да ја подобрува комуналната хигиена. Секако, не се за да укинува ратификувани меѓународни договори, да одлучува за членството во сојузи или да го прекројува Уставот. На сите кандидати би им препорачал да ја препрочитаат Божиќната порака која во 1957 година на своите граѓани им ја упатила Кралицата Елизабета Втора. Тоа е одлична, куса лекција за тоа како изгледа и кои се надлежностите на вистинскиот лидер и шеф на државата. Во неа, Нејзиното Величество вели: „Не можам да ве водам во битка. Не ви давам закони, ниту делам правда, но можам да сторам нешто друго. Можам да ви го дадам моето срце и мојата посветеност на овие стари острови и на сите народи на нашето братство на народи.“ Ајде сега заменети ги зборовите „стари острови“ со каков сакате поетски опис за државава, но зачувајте го братството, нашето братство на народите кои живеат тука и, Ве молам, зачувајте го своето достоинство во јавните обраќања. Вам ќе ви треба и по завршувањето на кампањата, а на сите нас секако ни треба малку повеќе и малку повисоко ниво на политичка култура.

Она „Tres facit collegium“, оваа година, на сите граѓани ќе ни биде најблиско на 24 април и на 8 мај. Тогаш, зад параванот ќе бидеме сами, ние, секој поединечно, гласачкото ливче и Севишниот. При заокружувањето имајте предвид дека на државава и треба Претседател кој што ќе биде, или ќе продолжи да биде активен колку што може и храбар колку што може да се претпостави; Претседател кој ќе го отвори, или ќе продолжи да го отвора општеството кон демократски и прогресивен развој; Претседател кој ќе овозможи, или ќе продолжи да овозможува иднина, а неговите граѓани ќе бидат, или ќе продолжат да бидат рамноправни не само дома, туку и во глобалната заедница. За изборот нема да има сведоци, освен, ако не ја броиме нашата, односно вашата совест и Севишниот. Но, најдобар показател за правилно направениот избор ќе биде ако во текот на петгодишниот мандат има се помалку побожни кои ќе ја следат кумановската „Да се крсту с’с леву руку.“

Треба да знаете
Moже да ве интересира