Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Родителство во услови на сиромаштија

Програмите за родителство во раниот детски развој се докажуваат како ефективни за зајакнување на вештините за поддршка на развојот на децата, особено за оние кои растат во ранливи семејства.

Љуан ИМЕРИ

Повеќето од нас кои сме родители, при растењето на нашите деца, се потпираме врз сопствените инстинкти или лични искуства. Често овие информации и знаења што ги имаме ни помагаат и може да ни бидат од корист, но исто така истите понекогаш не само што не ни помагаат туку несвесно нè водат во погрешна насока. Како родители понекогаш и правиме грешки во воспитувањето на своите деца, не поради недостаток на љубов кон нив, туку поради незнаење на посоодветни форми на воспитување а понекогаш и поради немањето на соодветни услови за достоен живот.

Бројни академски истражувања потврдуваат дека родителите и старателите се најрелевантните актери во поддршката за постигнување позитивен ран развој на децата. Сите сознанија во науката покажуваат дека во првите години од животот, човечкиот мозок се развива со огромна брзина и секое поединечно искуство на детето влијае врз развојот на мозокот и го обликува начинот на кој тоа размислува, чувствува, се однесува и учи во текот на животот. Раното детство е најкритичната фаза во развојот на личноста.

За да го достигнат својот целосен развој, децата мора да бидат постојано поддржани а за да ги стекнат релевантните компетенции и вештини потребни во раните години од животот, на детето му треба добро здравје, соодветна исхрана, чувство на безбедност, учење и грижа. Колку повеќе му се обезбедуваат овие услови на детето толку повеќе може да се гарантира неговиот развој. Соодветната грижа обезбедува позитивни резултати на краток рок (позитивни постигања во училиште, соодветно здравје..) и на долг рок (придонесува за економска продуктивност и одговорно граѓанство во текот на животот).

Врз развојот на детето влијаат многу фактори. Без да се потцени улогата на останатите, сиромаштијата се истакнува како еден од најзначајните и највлијателни фактори. Сите родители сакаат да им го пружат најдоброто на своите деца но често поради ограничените ресурси не се во можност да го направат тоа. Семејствата кои се изложени на ризик од сиромаштија и социјална исклученост често се соочуваат со многу предизвици. Сиромаштијата може да им наштети на децата физички и психички и да влијае негативно на нивната добробитност. Таа им штети на децата и преку негативните ефекти врз нивните семејства. Развојната и животната перспектива на едно од четири деца во нашата земја се засегнати поради изложеност на сиромаштија. Податоците укажуваат дека над 100,000 деца во нашата земја живеат во сиромаштија а исто така според истражувањата, децата ја доживуваат сиромаштијата поинаку од возрасните.

Односот меѓу сиромаштијата и дискриминацијата е исто така сложен. Дискриминацијата придонесува кон сиромаштија а сиромаштијата кон дискриминација. И сѐ така во круг. На долг рок, децата погодени од сиромаштија имаат поголема веројатност да продолжат да живеат во сиромаштија, најмалку до нивната зрелост. Ова преставува своевиден социјален криминал пред кој, речиси сите ние, молчиме!

Образованието на децата е несомнено многу важно во оваа насока, но исто така се повеќе се нагласува и формалното и неформалното образование на самите родители како важен фактор за излегување на децата надвор од кругот на сиромаштијата.

Многу родители се соочуваат со бројни тешкотии да управуваат со своите ресурси или имаат финансиски ограничувања кои ја намалуваат нивната способност да трошат, штедат или инвестираат ресурси во можности за учење, добро здравје и соодветна исхрана на своите деца. Сите овие аспекти влијаат на однесувањето на родителите и на развојот на нивните деца. За жал, секојдневно се повеќе родители се соочуваат со економски притисок поради ограничените приходи.

Секако дека самата висина на приходот има влијание, но многу поважна е способноста на родителите да управуваат со ограничените ресурси и уште поважна е способноста на родителите за да го зголемат својот приход. Се поставува прашањето, што може општеството да направи за да ги зајакне родителите кои се соочуваат со сиромаштија. Општеството е должно нешто да преземе. Во Конвенцијата за правата на децата се наведени обврските на родителите, односно лицата што се грижат за детето, но и обврските на општеството да обезбеди основни услови за постигнување на врвниот приоритет, односно благосостојба на децата.

Родителите од посиромашните слоеви на општеството често имаат чувство дека се оставени сами на себе а нив најмногу им е потребна поддршка и зајакнување. Зајакнувањето може да дојде во повеќе форми. Потребна е поддршка да се вратат на пазарот на трудот, како и обуки и советувања за да ги надминат предизвиците за да подигаат среќни, здрави и успешни деца што ќе станат корисни членови на општеството.

За да гарантираат дека родителите и старателите можат да ги поддржат децата во најрана возраст, владините и невладините организации во многу земји соработуваат во рамки на различни програми со кои се прават соодветни интервенции кои обезбедуваат подобра средина и овозможуваат подобри можности за децата и нивните семејства. Постојат повеќе практики од различни земји од светот кои покажуваат дека едукацијата на родителите преку програмите за родителство во раниот детски развој претставува многу ефикасен пристап преку кои им се обезбедуваат на родителите вештини и знаења за поддршка на развојот на децата и за справување со потребите на нивните семејства. Особено се укажува на потребата да се обезбеди финансиско образование за зајакнување на нивното финансиско одлучување и подобра употреба на ограничените ресурси за да се обезбеди најдобра грижа за нивните деца. Програмите за родителство во раниот детски развој се докажуваат како ефективни за зајакнување на вештините за поддршка на развојот на децата, особено за оние кои растат во ранливи семејства.

Адекватното воспитување на детето во услови на сиромаштија во семејството е особено значајно, бидејќи родителството има влијание врз понатамошниот детски раст и развој, како и нивото на неговите подоцнежни достигнувања и социјална компетентност во зрелоста. И да, родителството се учи. Тоа трае цел живот, се развива, надградува и се менува, но сепак постои. Неопходно е да се поддржи, научи и практикува во неговите најдобри и позитивни форми.

Треба да знаете
Moже да ве интересира