Секоја будала може да биде крал ако верува дека е!

Често се вели дека силата не може да ја тргне мислата, но за да биде тоа точно потребно е мислата да постои. Таму кај што неразумните мислења стојат на местото на идеите, силaта може сѐ

Пишува: Бранко ТРИЧКОВСКИ

Сите се опседнати со претстава на општествениот живот што ја создаваат мистерии, окултни својства, митови, идоли, чудовишта, секој верува дека моќта мистериозно се крие во еден од општествените слоеви во кој сам нема пристап, затоа што речиси никој не сфаќа дека таа не се наоѓа никаде, така што секаде владее чувството на тој вртоглав страв што секогаш го создава губитокот на допирот со стварноста.

Дури и во Македонија.

Во Македонија – посебно.

Кој тука не е зашеметен и уплашен.

Или обнадежен дека на 9 мај ќе може да ја наплати среќката на вселенската лотарија. И дека ќе се спаси од соседите во кои гледа колективни чудовишта кои ги покренува дијаболична настраност.

Ние сме тука шампиони.

Често се вели дека силата не може да ја тргне мислата, но за да биде тоа точно потребно е мислата да постои. Таму кај што неразумните мислења стојат на местото на идеите, силaта може сѐ.

Македонија е без мисла.

Таа е протерана од медиумскиот терор на идиотите и од партиските шупелки за опчинување на простиот народ и за упростување на народот кој не доволно прост.

И дава отпор.

Отворен е просторот на силата.

Во таква ситуација, секоја скромност, секој слабак, може да се смета за крал и во голема мерка да биде крал врз основа на своето уверување.

Така пишувапе Симон Вејл, а Сузан Сонтаг го реинтерпретираше тоа во ставот дека она што некој е, е идејата која ја има за себе. Ако некој мисли дека е привлечен, тогаш е таков, убав, талентиран, паметен, водач.

Земете го на пример Мицко.

Или Силјановска.

Да не правиме муабет за Коцарев и Ковачки.

И врз основа на претставата за себе, во околностите што ги опишавме, а кои ги дефинира отсуството  на мисла и одлепеноста на општеството и на луѓето од стварноста, можат да направат секакви пичвајси.

Видовте што се случи на самитот на ЕПП кога Мицко на Урсула и на сите што „коленичеа“ во Скопје, научија македонски, носеа галички народни носии, јадеа шкембе чорба без да повраќаат, пееја „нешто ќе те питам бабо“,  молејќи ги за уставните промени и за продолжување на преговорите со Европската унија, им рече дека тој никогаш нема да коленичи и да биде измеќар и дека ќе води европска политика, по што морале да интервенираат медицинските екипи кај сите демохристијани кои попаѓале од столчињата.

Тој ќе водел европска политика, ама по свое!

Каква несреќа од човек.

И од народ.

Успехот е одење од неуспех во неуспех без да го загубиш ентузијазмот.

Винстон Черчил сигурно не мислел на вмро-дпмне кога го рекол ова, но затоа ние можеме да кажеме дека нашата злосторничка инсталација многу фино се вклопува во оваа дефиниција.

Сто и триесет години од пораз во пораз, а ентузијазмот им е како пенис во ерекција; не можат да ја спуштат со ништо друго освен со жилет.

Хахаха!

Можеби и на овие избори ќе останат верни на дефиницијата за себе. Анкетите им даваат предност, но две прашања ме мачат: прво,  дали таа предност беше вредна за штетата врз Македонија и влогот што го потрошија во изминативе седум години. На толку бес, гнев, омраза, невидени лаги, седум години кампања по која македонското општество изгледа како поле со пченка низ која поминало големо стадо слонови, да стигнеш до 20 отсто!?

Освен, се разбира, ако тие страшни последици врз македонската нација и држава не беа приоритетна цел во однос на рејтингот и на власта.

Како што мислам јас.

И второ, дали воопшто ќе успеат да формираат влада дури и ако бидат релативни победници.

И трето, дали власта, ако ја освојат, може да не биде власт за сласт туку инструмент за продлабочување на таа континуирана деструкција.

Која поголемиот дел од општеството одбива да ја разбере. А јас тоа го сметам за клуч не само за изборите туку и за иднината на Македонија. Мнозинството одбива да мисли дека ова може да биде крај.

Зошто?

Сензибилитетот е хумус на интелектот.

Затоа чистиот вморон, па и обичниот Македонец, се тенки во тој поглед.

Хумусот што го претставува сензибилитетот го заменуваат со хумус од слануток.

И од дебатни емисии.

Вмороните имаат моќ да намирисаат нешто што ќе ги задоволи.

Каква било штета врз државата и нацијата.

Мирисот на скапаното општество.

Или власта и начините како да се дојде до власта.

И методите за забрзување на тој процес.

Мирисот е најголема чулна област во мозокот и воедно најпримитивна.

Многу моќна, но не и артикулирана.

Мирисањето пружа сознание за осетот измиен од мисли (за разлика од слушањето или гледањето).

Затоа комитите го обожаваат.

Имаат нешто кучешко во себе.

Нема мислење, само мирисање.

Пол Гудман во Белешките од 1955 вели дека „да се знае објективната вистина, тоа е прилично залудно и во најголем дел феномен на повлекување од контактите.“

Се наоѓам себеси во оваа мисла.

Затоа што во потрагата по вистината освен што доживеав врвни сатисфакции, морав да се соочам со бројни губитоци и жртви. Губитокот на контактите, за кои пишува Гудман, поради дистанцата што ја бараше  потрагата по вистината, се едни од нив.

Не ми е жал затоа што и денеска мислам дека недостапноста на вистина е клучен елемент на историските беспаќа на македонскиот народ.

И за изборите важи истото: крајот може да се избегне или спречи не со додворување на народот, туку со вистината за него и за ситуацијата во која се наоѓа, особено за тоа што го чека ако продолжи да ѝ се препушта на комоцијата на леснотијата, на брзиот заборав, на отсуството на најминимално здрави и одржливи критериуми, ако продолжи да ужива во теророт на телевизиите и другите медиуми кои го обесчовечуваат, ако мисли дека вмро ќе ја преуреди Европа по мерка на Македонија.

И дека ако му го начука, ќе му биде фино?!

Хахаха!

Сите ќе ве качам на возот кој ќе ве однесе по ѓаволите и ќе ви мавнам со бело марамче.

(FRONTLINE)

Треба да знаете
Moже да ве интересира