Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со негласање на Уставните измени, рескираме трајно да останеме на промаја

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Не бегаме во филозофија, психологија и уметност, туку бегаме таму за да го составиме нашето растурено ‘јас’ во целина“. – Ана Иснин

Како што политичарите не знаат, така проповедачите знаат дека реалноста не може да ја одвоиме од реалноста. Слободно може да измислиме нов свет само како би успеале подобро да го видиме и подобро да го разбереме. Откако постои човекот, секогаш постои импулс за подобар живот. Да речеме миграцијата, во основа, е сон за некоја ветена земја и подобар живот. За некое подобро и поправедно општество, благосостојба и слобода на телото и духот.

Имено, пред некоја ден, германскиот Бундестаг донесе посебна Резолуција за поддршка на членството во ЕУ и признание за македонскиот јазик, идентитет, култура и посебност. Германија пред сите земји во Европа, има за цел да воспостави уметнички и интелектуален дијалог со „рабовите на Европа“, односно со нас. Таквиот дијалог со години го иницира Германија, земја која во моментот има клучна улога во зачувување на заедништвото за она кое го нарекуваме Европска унија. И дека Европа не е Европската унија тоа денес е општо место, ама не е зијан на тоа стално да се потсетуваме. Исто како што молитвата нè потсетува дека постои некоја „виша сила“ од нас самите.

Од друга страна, нас демократијата нè повикува на одговорност да промислуваме и креираме општество во кое сакаме да живееме. Овој текст всушност е кратка, колумнистичка размисла за Европа и за тоа што во суштина е таа и што би можела да биде. И каде сме ние во целата оваа приказна. Кога велам „ние“, мислам на мене и тебе, читателу.

Европа и Европската унија имаат милион мани, ама ние треба и понатаму да ја афирмираме таа идеја за Европа. Прво, да се зборува за Европа е многу тешко. Да се зборува позитивно за Европа е многу тешко затоа што кај мнозинството граѓани идејата за Европа е материјализирана низ институциите на Европската Унија, низ една голема бирократизирана мастодонска тврдина, така што овој другиот аспект, според мене најважниот – идејата за Европа, филозофијата на Европа и нејзиниот логос – останува некаде тргнат на страна. И тоа денес е нејзиниот најголем проблем. Што значи дека поради својата „идејна пермисивност“, таа денес ја нема релевантноста која би требало да ја има.

Да не бидам екстра досаден со овие (пара)филозофирања, ќе се обидам со „директно и в глава“: нашата земја, значи една од земјите на постјугословенскиот „истрауматизиран рај“, ако денес не ги прифати Уставните измени во македонското Собрание, и ако сите ние ја изгубиме оваа историска шанса, рескираме трајно да останеме „In between“. И рескираме засекогаш да останеме на некоја промаја.

Не сме ние на промаја затоа што се наоѓаме на исклучително важно географско место, затоа што не се наоѓаме. Не сме ние на промаја затоа што сме априори важни, затоа што не сме важни. Ние сме на промаја затоа што се создаваат предуслови големите на овие простори да си играат разни сценарија. И уште мислам дека не сме во позиција да се коцкаме со Уставните измени, или поточно, ние сме во позиција за која мораме да се одредиме. Или ја прифаќаме Европа и нејзината помош – вклучително и пакетот Уставни измени – или рескираме трајно да останеме „помеѓу“.

Уште попластично: дали сакаме да биде дел од некој свет или не сакаме.

И ако сакаме да бидеме дел од некој свет, тогаш мора јасно да се одредиме која дел од светот сакаме да бидеме. И тоа мора да дојде од нас, тоа мора да биде генерирано од нас самите, а не како некоја наметната форма. Иако ме ужаснува Европскиот новоговор кој е одвратен, бирократизиран, ултимативен, но и покрај тоа, јас мислам дека треба да се заговара Европа како идеја, а не како апарат, бидејќи таа и покрај сè, денес претставува најсоврешна наднационална држава во историјата на целото човештво.

Во политологијата, Херфред Мунклер е силно име во Германија. Човекот предава политичка теорија во Берлин на универзитетот Хумболд. Мунклер пишува дека „секое царство поминува во две фази: ширење и консолидација, со тоа што фазата консолидација е ‘поцивилизирана’.“ Во текот на фазата „ширење“, империјата воспоставува воена и економска надмоќ, додека во фазата „цивилизирање“ ја зацврстува моќта на политички и идеолошки план. Натаму, Мунклер вели: „Европа ќе ја преземе улогата на големо царство на Западот, на идентичен начин како што САД ја презеде Британската империја“. Во своите анализи, Мунклер во есејот со наслов „Европски империјален предизвик“, во последните реченици вака ни вели:

„Надворешните граници на ЕУ не се исто што и границите на шенгенските подрачја, ниту тоа се границите од еврозоната. Тој модел нужно и дополнително ќе се развие, така што надворешните граници ќе станат стабилни и еластични. Тоа ќе го опфати и остварувањето на влијанието на периферијата од ЕУ, на начин што ќе имаат поголема сродност со барањата на империјата отколку со барањата на внатрешниот државен систем. Затоа што европската иднина не може да се одржи без преземање елементи од империјалниот модел.“

Сега се поставува прашањето: кои се тие земји што ја сочинуваат периферијата на Европа? Ние. Како угледниот теоретичар на политологијата ја објаснува политиката на Европа кон периферијата, односно кон нас? Како политика на империјален модел која е сродна со „вредностите на империјата“, отколку што треба да биде сродна со политиките кон внатрешниот државен систем.

Нашиот проблем, пак, ако не ги изгласаме Уставните измени во Собранието (поради оваа или онаа причина, сосема сеедно), навистина е лоша околност за нас. Нашиот влез во Европа е навистина најдобра можна опција што ни преостанува. Затоа што алтернативата на тоа не е никаков антиимперијален, слободарски или еманципаторски проект.

Алтернативата на Европа е јакнење на нашите национализми, слабеење на демократијата, јакнење на авторитарните тенденции, уште по екстремна корупција, и на крајот, нова војна.

Точно е кога нашите политичари велат дека ние ѝ требаме на Европа како што Европа ни треба нам. Со тоа, тие зборуваат една вистина. Додуша, тие не ја објаснуваат докрај таа заемна „потреба од потребност“. Ние на ЕУ сме им потребни како оние кои таа империја ќе ја прошират – оти ако империјата, според Мунклер, не се шири, таа се собира и пропаѓа. Ширењето на империјата нема алтернатива.

Нам ЕУ ни е потребна и како господар кој ќе биде хуман и просветен. Затоа што таа историска цел за нас нема цена.

Конечно, Северна Македонија не се соочува само со своите конфликти и внатрешни слабости, туку се соочува и со т.н. европски замор од проширување. Што е еуфемизам за недоверба кон проектот „Европа обединува“. Граѓаните во самата Европа имаат кон неа сè поголема скепса.

Северна Македонија, пак, влегувањето во Европа го гледа како хепиенд од својата историја. Од друга страна, граѓаните кои денес се во Европа, ја гледаат и како „музеј на напуштени европски вредности“ (В. Иванчиќ).

Оние, пак, кои нас нè гледаат како варвари, згодно е да ги потсетиме… Велат, тогаш кога царството беше уморно, а Римјаните премногу декадентни за да можат да одберат што е добро за себе, варварите беа последните што веруваа во големината на Рим. На извесен начин тоа од нив направи „последни Римјани“. (Frontline)

Зачлени се на нашиот е-билтен