ЕУ не ни ја заборава воздржаноста во ОН за европската резолуција за Украина и е загрижена заради промоцијата на „Српски свет“ во земјата.
Ова е еден од заклучоците во Извештајот на Европскиот парламент, што остана „невидлив“ од големата прашина што се крена откако од документот беа отстранети термините „македонски јазик“ и македонски идентитет“.
Во извештајот се нагласува дека земјава како партнер усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, во огромното мнозинство случаи одигра конструктивна улога во регионот, но дека воздржување од поддршка на Резолуцијата ЕС-11/7 на Генералното собрание на ОН од 24 февруари 2025 година за Украина и коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од САД „укажува на неочекуван и жален пресврт во нејзиното усогласување на надворешната политика“.
Документот посочува и дека во услови на геополитичките промени и војната во Украина, кога дезинформациите и погрешните информации имаат силно влијание врз сите европски земји, и политички и економски, и државава останува цел на „операции со странско злонамерно влијание, вклучително и напорите за разбивање на општественото ткиво на земјата и претворање во оружје на анти-ЕУ расположението, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и имаат значително влијание“.
Дополнително се изразува загриженост затоа што „некои претставници на Владата“ го застапуваат и промовираат т.н. проект „српски свет“ и се осудува „учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“, а се „потсетува на потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС)“, како начин за „справување со тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западниот Балкан“.
Во документот се нагласува и дека секоја земја кандидат за членство „се очекува да ги почитува демократските вредности, владеењето на правото и човековите права и да се придржува до правото на ЕУ“, па се повикува на обезбедување на функционални демократски институции, медиумски слободи и спречување на говорот на омраза, почитување на основните и малцинските права, продолжување на социо-еконмските реформи, енергетското и транспортно поврзување и заштита на животната средина и биодиверизитетот.