Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Блокирани коридори: Промената на приоритетите во транспортот за Северна Македонија, ги збуни соседите и ЕУ


Неспособноста на владата да одлучи дали нејзин приоритет е да го надгради коридорот север-југ или да изгради нов коридор исток-запад, ги збунува и нејзините соседи и ЕУ, пишува Балкан инсајт.

Тоа е стара дебата за Северна Македонија: Инвестирање во завршувањето на Коридорот 8 исток-запад, кој би отворил нови трговски и деловни патишта – или да даде приоритет на надградба на постоечкиот Коридор 10 север-југ, што може веднаш да биде од корист за економијата, но и да ја остави зависна земјава од само еден транспортен пат.

Тоа е и дилемата со која се соочува новата влада во Скопје, избрана претходно оваа година. Првично, навести дека ја претпочита втората опција, пред да се врати на мантрата дека и двата коридори се подеднакво важни.

Паневропскиот коридор 8 исток-запад – работа на која во Северна Македонија долго време се одложува – на крајот треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бар, албанското пристаниште Драч и главниот град на Северна Македонија, Скопје, пред да тргне на исток преку главниот град на Бугарија, Софија до Варна и Бургас на Црното Море.

Поразвиениот север-југ Коридор 10, од ​​друга страна, започнува во Солун во Грција а поминува низ Северна Македонија пред да тргне на север преку Србија, Хрватска и Словенија до Австрија.

Претходно оваа година, новоизбраната влада во Северна Македонија тврдеше дека железничката линија, која е дел од паневропскиот Коридор 8, европската TEN-T сеопфатна транспортна регулатива и коридорот за мобилност на НАТО, е премногу скапа и ризикува да заврши на ќорсокак на границата, обвинувајќи ја Бугарија дека не работи подеднакво напорно на својот дел од линијата.

Новиот министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, го критикуваше проектот, тврдејќи дека делот што веќе се гради во Северна Македонија е прескап, чинејќи најмалку 20 милиони евра по километар.

Тој, исто така, ја обвини Бугарија дека нема проект за својата страна на границата или заеднички проект за гранично поврзување, за што би бил потребен тунел, а Бугарија пак тврдеше дека изградба на пругата од нејзина страна е речиси завршена.

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој ја презеде власта во мај, летово предложи пренасочување на средствата од Коридорот 8 на дел од Коридорот 10. ЕУ побрза да одговори дека такво преместување на средствата не е дозволено.

Финансиската поддршка за Коридорот 8, кој има за цел да го поврзе албанското пристаниште Драч, преку Северна Македонија, со бугарското црноморско пристаниште Бургас, вклучува грант од ЕУ, како и средства од Европската инвестициска банка и Европската банка за Реконструкција и развој, ЕБОР.

Мицкоски навести дека би било економски попаметно да се надгради квалитетот на постојната железничка пруга, која е дел од Коридорот 10, која води од грчкото пристаниште Солун преку Скопје до Србија и ЕУ.

По состанокот во Брисел во октомври , Министерството за транспорт на Северна Македонија го промени својот тон, а Европската комисија соопшти дека двете земји се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8.

Сепак изградбата тече многу бавно.

Зачлени се на нашиот е-билтен