Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Хелга Марија Шмид: Зајакнување на владеењето на правото – борба против корупција за поправедно општество

Што е потребно за да се закаже кај лекар на денешно време? Или за стан, работа, возачка дозвола? Дури и во најдобар случај овие работи може да претставуваат товар, но за многумина постојат дополнителни бариери кои поставуваат сериозни и понекогаш животозагрозувачки предизвици. Корупцијата го стимулира организираниот криминал и е вистинска пречка за владините напори за осигурување безбедност, стабилност и просперитет за народот.

Ова не е мал проблем. Во најновиот Глобален барометар за корупција на „Транспаренси Интернешнл“ се вели дека една четвртина од интервјуираните лица изјавиле дека морале да платат мито во последната година. Покрај сите што сакаат да го откријат нивното искуство, знаеме дека постојат многу повеќе кои можеби не сакаат или не можат да ја пријават корупцијата со која се среќаваат. Корупцијата е проблем насекаде, а последиците се далекусежни – со ефекти врз поединци, семејства, заедници, држави и цели региони. Борбата против корупцијата е од витално значење не само за поддршката на слободата и безбедноста на поединците, туку и за отпорноста на општествата и системите на кои се потпираат.

Како најголемата безбедносна организација во светот, ОБСЕ има 57 земји-учеснички ширум Европа, Евроазија и Северна Америка, следењето сеопфатен пристап до безбедност и борба против корупција е важен дел од нашата работа. Работиме и со држави и со граѓански организации за да постигнеме рамнотежа помеѓу правата и привилегиите и да осигураме вистинска еднаквост за сите. Во срцето на овие напори е итната потреба за зајакнување на владеењето на правото како темел на партиципативната демократија и доброто владеење.

Работејќи тесно со националните власти и државните институции, ОБСЕ активно промовира отпорни општества.

Северна Македонија – претседавачот со ОБСЕ за 2023 – води според својот пример за посветеност во борбата против корупцијата. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е активно вклучена во низа важни иницијативи за зајакнување на антикорупциските напори. Во март, Мисијата на ОБСЕ и Државната комисија за спречување корупција ја оцртаа нивната заедничка заложба за директно идентификување и адресирање ризици од корупција, застапување антикорупциски политики кои се базираат на докази и зајакнување на системите за интегритет на државата.

Како резултат на тоа, неделава ја објавивме Проценката за ризици од корупција во правосудството. Овој заеднички напор на Државната комисија за спречување корупција, Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители на Република Северна Македонија обезбедува патоказ за идното креирање политики и дизајнирањето поефективни антикорупциски стратегии – алатки кои ќе бидат клучни за постигнување прогрес во оваа борба.

Една од областите во која сме особено фокусирани е реалноста дека корупцијата не е родово неутрална. Истражувањата постојано покажуваат дека женските јавни службеници се значително помалку склони кон впуштање во коруптивни практики за разлика од машките колеги. А, кога станува збор за оние кои се негативно засегнати од корупцијата, жените носат непропорционален товар, и личен и економски.

Кога зборуваме за жени во политиката, Северна Македонија има добра приказна за раскажување; 42 проценти од пратениците се жени, огромен скок во споредба со четирите проценти во 1994. Во однос на негативните ефекти врз жените, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Владата на Северна Македонија се спротивставуваат на проблемот на „сексторција“, особено кога се однесува на јавните институции. Оваа одвратна практика вклучува изнуда на сексуални услуги во замена за услуги од јавните институции па заеднички работиме на тоа да се осигура имплементацијата на Кривичниот законик.

Друг позитивен момент е што Мисијата во Скопје и Министерството за правда работеа напорно за да обезбедат поголема заштита на жртвите на родово и сексуално базирано насилство, вклучително и со најновите измени на Кривичниот законик од оваа година, кои беа развиени во рамките на обемната поддршка на процесот на подготовка од страна на Мисијата.

Ова се важни примери за нашата заедничка заложба за родова еднаквост и правда.

Во Северна Македонија, ширум Југоисточна Европа и пошироко, ОБСЕ обезбедува сериозна поддршка за владите да работат на зајакнување на владеењето на правото, борба против корупција и подобрување на родовата еднаквост. Ова е од суштинско значење со оглед на тоа колку корозивна може да биде корупцијата – ја поткопува довербата во владите и институциите и ги разнишува темелите на нашите општества. Покажавме дека е возможно да се бориме против корупцијата со заедничка работа. Задачата не е лесна, но ги имаме алатките кои ни се потребни за да негуваме доверба, да ги ревитализираме нашите институции и да изградиме иднина во која корупцијата повеќе не е пречка за безбедност и просперитет на сите.

Хелга Мариа Шмид

Генерална секретарка на ОБСЕ

Извор МИА,

Треба да знаете
Moже да ве интересира