Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Просечната плата достигна 34,364 денари – зголемување од над 10 илјади денари за само пет години

Љубиша АРСИЌ

Просечната плата порасна на 34,364 денари. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2022 година, во однос на декември 2021 година, изнесува 114.8. Ако се погледе статистиката очигледно е дека на месечно ниво има раст на просечната плата. За ноември 2022 година таа изнесуваше 33 000 денари, за месец потоа да биде повисока за 1 300 денари.

– Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Преработувачка индустрија (20.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Административни и помошни услужни дејности (19.0 %). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање (10.4 %), Дејности во врска со недвижен имот (10.2 %) и Уметност, забава и рекреација (8.4 %), соопштија од Државниот завод за статистика.

Износот од 34 000 беше ветување за крајот на 2024 година

Ваквите бројки покажуваат дека неполни две години пред истекот на мандатот на Владата е исполнето едно од главните ветувања во предизборната кампања на СДСМ. Тогашниот претседател на партијата, Зоран Заев, во рамки на кампањата „Можеме“, изјави:

– Просечната плата до крајот на мандатот да порасне за 30%, а минималната до 40%. Со тоа до крајот на мандатот постигаме просечна плата за вработените ширум целата земја од 34 илјади денари. Минималната плата којашто беше во 2016 година, за времето на Мицкоски и Груевски, девет илјади денари ќе ја достигнеме до 2024 година да биде 120% повеќе од тие девет илјади денари. Ќе ја покачиме за 40%, односно ќе постигнеме минимална плата од 20 илјади денари. Пензиите ќе ги покачиме согласно порастот на животните трошоци и со секој раст на економијата ќе имаме ново покачување на пензиите. Најниските пензии ќе бидат покачени 21% до крајот на следниот мандат, кажа  Заев на предизборен митинг во Штип, во јуни 2020-тата година.

Со новиот износ на просечната плата доколку се земе предвид дека просечната плата во декември 2017 година изнесувала 23,850 денари растот за само пет години е 10,514 денари.

Нов раст на минималната плата и пензиите

Економските експерти оценуваат дека дополнително зголемувањето на минималната плата директно влијае на зголемувањето на просечната плата.

За споредба, пред само десет години, во ноември 2012-тата година, просечната плата била 20.857 денари, додека пак минималната 8.050 денари. Оттогаш започнуваат иницијативите на Сојузот на синдикатите за утврдување минимален износ на плата, кога во првичната верзија на законот минимална плата е дефинирана како најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок.

Сепак, со последните измени на законот, како што анализира Сојузот на синдикати на Македонија, минималната плата континуирано расте, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Растот на просечната плата се припишува на зголемувањата на платите и во платите во приватниот и во јавниот сектор. Инаку, по сектори, само во ребалансот од минатата 2022 година беа испланирани средства за раст на платите од 15% во правосудството, средното и основното образование и детската грижа, 7% раст на платите во високото образование и 5% раст на платите во МВР и во здравството.

Од март минималната плата се очекува да порасне на 20.500 денари, за разлика од досегашниот износ кој 18 илјади денари. Од власта појаснија дека со измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, се воспостави нова методологија, која е системско решение и која доведува до постојан раст на минималната плата.

Во меѓувреме, ќе растат и пензиите. Новата методологија за пресметување на пензиите даде резултати и таа предвидува континуиран раст согласно трошоците за живот и просечната плата, а не како порано, кога пензиите се зголемуваа пред избори, еднократно. Односно за една година пензионерите ќе добијат зголемување од минимум 16 проценти. Новата методологија за пензии Владата ја донесе заедно со Партијата на пензионерите, Сојузот на пензионерите. Со новото зголемување во март, од март 2022 до март 2023 – а со оглед на тоа дека има методологија во којашто 50 проценти е раст на инфлација, а 50 проценти е раст на просечна плата, зголемувањето ќе биде сигурно.

Треба да знаете
Moже да ве интересира