Пар загрозени желки од Галапагос, старeни речиси 100 години, станаа родители за прв пат во зоолошката градина во Филаделфија, соопштија од институцијата.
„Пресреќни сме што можеме да објавиме дека четирите младенчиња се родени“, се наведува во соопштението на зоолошката градина, која ја бележи оваа значајна пресвртница по повеќе од 150 години постоење.
Потомците на женката Мами и мажјакот Абразо се првите во историјата на оваа зоолошка градина. Младенчињата се чуваат во Куќата на влекачи и водоземци и се соодветно згрижени, соопштија од зоолошката градина. Нивната тежина е меѓу 70 и 80 грама, што е приближно колку јајце од кокошка.
„Ова е голема пресвртница и со нетрпение ја споделуваме оваа радосна вест со сите посетители, локалната заедница и светот“, изјави претседателката и извршна директорка Џо-Ел Могерман. Мами, која пристигнала во зоолошката градина во 1932 година, е најстариот жител, а сите кои ја посетувале во последните 92 години, вероятно ја виделе.
„Целта на нашата зоолошка градина е овие младенчиња да бидат дел од стабилна популација на желки од Галапагос, која ќе опстане на нашата планета и за 100 години“, додаде Могерман.
Зоолошката градина планира да ги претстави младенчињата на јавноста на 23 април, кога ќе се одржи и натпревар за избор на нивните имиња.