Кога времето застана – Џебниот часовник на Данец што загинал на Титаник излегува на продажба

На 15 април 1912 година, светот стана сведок на една од најголемите поморски трагедии во историјата. Бродот што се нарекуваше „непотоплив“ – Титаник – удри во санта мраз за време на своето прво патување преку Атлантикот. Судирот се случил во 23:40 часот на 14 април, а само неколку часа подоцна, во 2:20 часот по полноќ, колосот исчезнал под мразот на Северниот Атлантик.

На бродот се наоѓале повеќе од 2.200 патници и членови на екипажот. Од нив, само околу 700 преживеале. Останатите ги снемало во темните, ледени води, додека спасувачките чамци – недоволни и неправедно распределени – ги носеле среќниците подалеку од бродот што тоне.

За многумина од третата класа, судбината била запечатена дури и пред ударот. Бавната евакуација, недостигот од јасни инструкции и ограничениот пристап до палубата за спасување значеле дека нивните шанси за преживување биле речиси никакви.

Преживеаните подоцна сведочеа за ужасната тишина што ја заменила вревата од бродот – прекинувана само од лелекањето и повиците на оние што останале во водата. Тие часови, поминати во мракот и студот, останаа врежани како симбол на човечката ранливост и на трагичните последици од ароганцијата и пропустите во безбедноста.

Денес, 113 години подоцна, Титаник останува потсетник – не само на самата трагедија, туку и на жртвите, надежите и животите што останале замрзнати во времето под површината на океанот.

Џебен женски часовник, пронајден меѓу личните предмети на патник кој се удавил при првото патување на Титаник, би можел да се продаде на аукција за над 64.000 евра.

Данецот Ханс Кристенсен Гивард (27) патувал во втора класа и бил еден од 1500-те загинати откако бродот во 1912 година удрил во санта мраз. Гивард патувал за Соединетите Американски Држави со двајца пријатели, кои исто така загинале во несреќата. Часовникот бил пронајден кога телото на Гивард било извадено од северниот Атлантик, а подоцна било погребано во Халифакс, Канада.

Во неговите џебови биле најдени штедна книшка, клучеви, малку пари во паричник, сребрен часовник, компас и пасош, како и позлатен женски џебен часовник на кој солената вода оставила траги од корозија. Сите негови предмети биле вратени на неговиот брат во Данска, а часовникот сега го продаваат неговите потомци.

Трагичната приказна за Гивард била инспирација за кустосот Јеспер Хјерминд и неговата внука, новинарката и американска државјанка Мете Хјерминд Меккол, да ја напишат книгата „Титаник – Дански приказни“, во која се споменува и часовникот.

Часовникот ќе биде понуден на аукција на 26 април, организирана од аукциската куќа Henry Aldridge and Son во Девизис, Вилтшир.

„Овој предмет е документиран на официјалниот список на предмети кои им припаѓале на Ханс, составен од властите во Халифакс, Нова Шкотска, во неделите по катастрофата на Титаник и оттогаш останал во неговото семејство. Тој беше еден од централните експонати на изложбата за Титаник одржана во 2012 година во Тиволи, Копенхаген, што сведочи за неговото значење“, изјави аукционерот Ендрју Олдриџ.

„Механизмот на часовникот е замрзнат во времето, во моментот кога студените води на северниот Атлантик го проголтаа не само неговиот сопственик, туку и најпознатиот прекуокеански брод на сите времиња – Титаник, на 15 април 1912 година“, додаде тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен