Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЦИВИЛ на Меѓународниот ден на човековата солидарност: Политичките актери имаат обврска да произведуваат решенија, а не кризи!

Меѓународниот ден на човековата солидарност, 20 декември, е ден се одбележува единството во различноста, да се подигне јавната свест за важноста на солидарноста, да се поттикне дебата за начините на промовирање на солидарноста и постигнување на Целите за одржлив развој, потсетник на владите да ги почитуваат своите обврски кон меѓународните договори. Ден на солидарноста е и ден на човековите права и на напорите за искоренување на сиромаштијата, гладот, болестите, како и на заштитата на планетата и обезбедување на достоинствен живот за сите.

ЦИВИЛ – Центар за слобода како организација за човекови права, формирана во 1999 година, ја вгради солидарноста како една од своите основни вредности, заедно со почитувањето на различностите и борбата за демократија, правда, еднаквоста и слобода.

Организацијата, во континуитет спроведува активности и проекти во земјата и регионот, и се приклучува кон меѓународни иницијативи во кои се вградени овие вредности и определби. ЦИВИЛ апелира дека ова е време кога целото човештво треба да се сплоти во одбрана на цивилизациските вредности, мирот и слободата, наспроти кршењето на човековите права и слободи, воените агресии и злосторствата против човештвото.

Мирот, демократијата и развојот се загрозени во целиот свет, во прв ред, поради руската брутална воена агресија против Украина во која главни цели се цивилите и цивилната инфраструктура, со депортација на речиси 20.000 деца, срамнување цели градови со земјата, ужас кој трае речиси две години. Пред повеќе од два месеци, изби нов ужасен воен пожар, по грозоморниот терористички напад на Хамас со 1.200 жртви во Израел, по што уследија воените дејствија на израелската армија во Појасот Газа во кои гинат огромен број цивили.

Овие и други конфликти и кризни состојби во светот го прикажуваат ужасот и деградирањето на сѐ што подразбира човечност.

Солидарноста не подразбира само финансиска и материјална помош, туку таа подразбира и колективна свест дека борбата за фундаменталните човекови права и слободи е обврска на сите заедно и на секого поединечно.

Солидарноста е морален императив против неправдите што ги доживува украинскиот народ веќе две години, како и секој човечки живот изгубен во Израел, Појасот Газа или било која точка на светот, каде што загубата на човечки животи се мери во секунди.

Иако солидарноста е индивидуален порив, во човековата историја токму колективната солидарност спасувала цели цивилизации.

Затоа:

ЦИВИЛ повикува на  обединување на мислата и делата на секој човек во борбата против насилствата и војните, како во Украина и Газа, така и во сите останати жаришта во светот. Човековата солидарност е најмоќното оружје во услови на војна!

ЦИВИЛ ги повикува меѓународните институции да ги надминат своите разлики и да се солидаризираат, да се обединат во заедничка акција каде меѓународните конвенции, договори и право ќе се почитуваат во целост во одбрана човековите права и слободи

ЦИВИЛ ги повикува и македонските институции, граѓанското општество и медиумите, да бидат дел од солидарноста во светот, во заедничката борба против насилствата, војната и последиците што тие ги носат со себе, со конкретни мерки и проекти.

Според ЦИВИЛ, мора веднаш да се преземат итни мерки да се престане со поделбите, омразата, кршењето на човековите права и слободи, уништувањето на животната средина и деградацијата на општеството во целина.

ЦИВИЛ порачува:

Политичките актери имаат обврска да произведуваат решенија, а не кризи!

Патот до излезот од кризните состојби води преку дијалог, меѓусебно почитување и солидарност.

ЦИВИЛ

Зачлени се на нашиот е-билтен