Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гаши: Вештачките тензии се залудни, граѓаните добро се согласуваат

Претседателот на Собранието Африм Гаши апелира, никој во државата да не си игра со безбедносната состојба, бидејќи на опозицијата и стојат на располагање сите демократски алатки.

„Во последно време, сведоци сме на некои обиди за вештачко кревање на тензии. Мислам дека граѓаните во нашата држава живеат и се согласуваат добро, без разлика на нивните култури. Партиите кои се обидуваат да прават политичка кариера од меѓуетнички тензии, не му сакаат добро ниту на својот народ, ниту на својата држава“. рече Гаши, коментирајќи ги последните тензични настани во државата.

Тој, денеска од Охрид, каде беше во посета на пратеничката канцеларија од овој град, рече дека ‘интерпелацијата е демократско право пропишано, дозволено и предвидено со Устав, закон и Деловник и дека секој пратеник и пратеничка група може да покренат постапка за интерпелација’. Ваквиот одговор следеше откако спикерот Гаши, беше прашан за поднесените интерпелации од опозициската ДУИ, за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ. Тој и за интерпелацијата поднесена за него, нагласи дека ‘дебатата е во рамките на демократијата и така треба да биде’.

Во однос на барањата на СДСМ за лидерска средба поврзана со безбедносната состојба во државата, Гаши рече дека не се чувстува компетентен да одговори во својство на претседател на Собранието и оти не е лидер на политичка партија.

„Мене ми се битни пратениците, Собранието и јас се обидувам да се апстрахирам објективно и колку што можам од политичка припадност, сакам да бидам близок со сите. Ако лидерите мислат дека е тоа добро, они ќе си одлучат дали ќе има средба или не, зависи од нив. Мислам дека дијалогот е добар, треба да се среќаваме, треба да се гледаме, да разговарме. Тоа добро и за политичките партии и воопшто за политичката култура во државата“, изјави Гаши.

Зачлени се на нашиот е-билтен