Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе сработат ли нешто министрите за време на Винскиот саем во Белград? – Еве што сработија претходните

Прес центарот на Владата соопшти дека од денес, петок, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски е во дводневна посета во Република Србија.

Во агендата за оваа посета, за денеска се најавени тет-а-тет средби со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и со претседателот на Владата на Република Србија Милош Вучевиќ.

Од она што е соопштено се нагласуваат активностите по повод третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во кои ќе учествува бројна македонска делегација во состав на Љупчо Димовски заменик-претседател на Владата за политички систем, Иван Стоилковиќ заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Игор Јанушев генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Љутков министер за култура и туризам, Цветан Трипуновски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Минчев министер за јавна администрација и Максим Димитриевски градоначалник на Општина Куманово.

Отворен Балкан не е само ревијална иницијатива

Од приложената агенда доминираат главно ревијални активности кои започнуваат со отворањето на настанот каде што свое обраќање пред присутните ќе има претседателот на Владата, Мицкоски. По завршување на обраќањето следува прошетка низ саемот.

Несомнено, ова е уште еден доказ дека иницијативата „Отворен Балкан“ го одржува континуитетот и дава резултати во областите што ги договорија лидерите на иницијативата од Србија, Албанија и Македонија, а која постојано беше мета на критика на ВМРО-ДПМНЕ додека партијата беше во опозиција.

И добро е што, барем според одлуката да продолжи учеството на оригиналниот настан произлезен од оваа иницијатива „Винска визија на Отворен Балкан“. Саемот е одлична промоција на македонското вино во рамките на Отворен Балкан, а поврзувањето на производителите на вино и на трговците од регионот за заеднички настап со српските и албанските винарии дава резултати што е голем успех за пласманот на македонското вино.

Но, не е само виното и соработката во бизнисот со вино. Отворен Балкан донесе неколку важни договори за граѓаните од трите земји.

Седум клучни придобивки од иницијативата Отворен Балкан, до сега

01. Една од првите придобивки беше договорот за заедничко помагање меѓу трите влади во случај на несреќи и катастрофи, ќе се сетите пред две лета за време на пожарите ние имавме интервентна помош со српски хеликоптери благодарение на мерката од Отворен Балкан.

02. За време на енергетската криза како резултат на договорот во рамките на Отворен Балкан трите држави си помагаа во делот на недостаток на струја и храна.

03. Зелените ленти на Ќафасан и Табановце за брз проток на транспортери со цел побрзо да оди извозот и увозот на стоки и на производи се во полна функција.

04. Електронската патарина М-тагот функционира со еден уред и во Македонија и во Србија граѓани од двете земји непречено можат да се движат низ патарините бесконтактно доколку го имаат тој уред рампата се крева сама, наплатата оди електронски.

05. Се поедностави движењето на работниците во регионот со укинување на работните дозволи односно се обезбеди слободен пристап до пазарот на труд.

06. Има многу бенефиции во делот на туризмот, како што е договорот за заеднички кружни тури, што го претставуваат регионот како единствена туристичка дестинација.

07. Одличната промоција на македонското вино во рамките на Отворен Балкан и на саемот во Белград и настапување заедничко со српските и албанските винарии… Што е голем успех за пласманот на македонското вино.

Континуитетот во поврзувањето на регионот е добредојдено

Ова потсетување е само колку да укажеме дека од посетата на владината делегација и по повод манифестацијата „родена“ од иницијативата Орворен Балкан, очекува континуитет во регионалното поврзување и зајакнување на постоечките иницијативи.

Паралелно со ревијалните настани, секогаш имаше јасна работна агенда, самит лидерски, работни групи и билатерални средби со конкретни резултати кои резултираа со конкретни проекти, а на винскиот саем во 2022 година, гости беа и министрите за надворешни работи на Турција и на Унгарија.

Освен тоа, јавноста очекува да биде транспарентно информирана за сите средби во Белград на бројните членови на делегацијата.

Оваа година од Северна Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 винарии и дестилерии.

Зачлени се на нашиот е-билтен