Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Ова е прво враќање на културно наследство во регионот и од огромно значење за соработката и почитувањето

„Морам да истакнам дека процесот на враќање на украдените икони пронајдени во Албанија е од огромно значење за регионот, бидејќи ова е прва реституција во регионот воопшто. Она што го овозможимве како две влади, двајца премиери и две министерки е од огрмно значење“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Дневникот на МТВ.

Таа додаде дека ова е важно не само од политички аспект, туку и од аспект на почитување на меѓусебното културно наследство.

„Последните две години работевме на процесот за враќање, кој беше долг и комплициран. Но, за среќа, стручниот тим кој беше инволвиран во нивното препознавање и зачувување беше од огромно значење“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Министерката објасни дека иконите во следните 30 до 45 денови ќе бидат во Музејот на Северна Македонија, каде ќе поминат процес на реставрација и конзервација.

„По 45 дена ќе бидат отворени за посета на јавноста во Музејот, а потоа ќе бидат вратени на црквата, бидејќи тие се нивна сопственост“, посочи Костадиновска-Стојчевска.

„Од 37 икони, 33 се веќе препознаени и идентификувани. Уште за четири треба да се дополни постапката. Сега беа вратени првиот комплет на икони, 20 кои беа препознани првично“, рече Костадиновска-Стојчевска во Дневникот на МТВ.

Таа додаде дека стручниот тим кога прв пат отишол таму и ги видел, во самото разгледување ги препознале и другите икони кои потоа биле групирани.

„Од она што дискутиравме, веќе наредната недела ќе се допрати целата документација. Сега го знаеме начинот, патот и процедурата за да можеме да ги вратиме сите икони назад“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката рече дека разговарала и со амбасадорката на Грција, за и со нив да се започне процес на меѓусебно разбирање за зголемување на безбедноста и креирање на регистар на заштитено национално богатство.

„Такви иницијативи има не само со соседните држави, туку и со дел од стратешкиот дијалог со САД, каде ги завршивме формалните сослуувања со Конгресот, со нивната комисија и очекувам во најбрз рок да потпишеме договор и тој договор да се занимава со заштита од криумчарење на културни добра“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека со тој договор ќе се заштити криумчарење не само на икони, туку и помали предмети и артефакти кои може да се предмет на криумчарење.

„Се доработуваат Законот за заштита на културното наследство, Законот за прогласување на охридското старо јадро за културно наследство и Планот за управување со Охрид. За жал, она што недостасува е стручен кадар кој соодветно ќе одговори на потребите, бидејќи имаме богато културно наследство“. потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека со предложените законски измени, кои веќе се во Собрание, ќе се предвидат стипендии и гарантирано вработување на студентите на овие студии.

„Реагираме соодветно, но кога се работи за човечки ресурси, мора да помине процесот на едукација и доедукација. Правиме се во наша можност, дали е за зголемување на безбедноста или за подобрување на законите кои владеат во тоа поле“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Зачлени се на нашиот е-билтен