Администрацијата на Доналд Трамп пред еден месец донесе одлука која шокираше голем број на земји, можеби да не подготви на новата трговска војна со која воведе реципрочни царини за речиси сите земји од светот. Со укинувањето на повеќе од 90% од програмите за странска помош на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и замрзнувањето на 4.100 грантови од вкупно 9.100 на Стејт департментот, вкупната вредност на блокирани средства достигна речиси 60 милијарди долари. Ваквата одлука остави многу земји, особено оние од развојниот свет, во страв дека ќе се лишат од критични фондови кои поддржуваа нивниот напредок.
Соња ТАНЕСКА
Но, како што се очекуваше, ова решение не ги потресе властите во Македонија. За премиерот Христијан Мицкоски, ниту одлуката за укинување на овие програми, ниту новите 33 проценти царини наметнати за Северна Македонија од страна на САД, не се повод за загриженост. Медиумите кои се блиски до власта веќе се радуваат што ќе престанат финансиските текови кои ги поддржуваа „предавниците“ и „странските платеници“ – оние кои преку невладини организации и медиуми го ширеле, како што велат, либералниот и левичарскиот дискурс, кои, според нив, ја дестабилизирале Македонија.
За власта, како и за многу од поддржувачите на режимот, целата ситуација воопшто не е загрижувачка. Барањето помош за хуманитарни проекти како болници, земјоделие, заштита на животната средина, културни манифестации и обнова на историски споменици е минимално или сосема маргинализирано. Наместо сериозна стратегија што ќе прави земјава без тие пари, како и како ќе се справи со толку високи царини, Мицкоски изрази само увереност дека Македонија продолжува да биде во постојана комуникација со стратешкиот партнер САД и со нетрпение очекува “убава вест” за економијата.
Тој дури и даде една несериозна изјава која во јануари беше анализрина од „Вистиномер“.
-Не мислам дека ќе има државни институции кои што ќе бидат афектирани од оваа одлука на претседателот Трамп, но правиме анализа и ќе видиме, ќе носиме стратегија и заклучоци, рече тогаш Мицкоски.

Како доаѓа(ше) помошта од САД за Македонија?
Во рамки на триестгодишното партнерство, Северна Македонија добива финансиска помош од САД преку две програми, Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и грантови на Стејт департментот, а најголем корисник на парите според официјалната страна за состојба на странската помош на САД е владата и државните институции, а потоа невладиниот сектор.
Само во изминатите пет години во рамки на двете програми во земјава влегле над 600 милиони долари, од кои во 2020 година 35,595,427 долари со најголема ставка 22 милиони за државните институции, во 2021 година 37,102,222 од кои 24 милиони за државните институции. Потоа во 164,511,253, од кои 150 милиони исто така за државните институции, во 2023 година 30,621,065 долари од кои повторно најголем дел се за државните институции, а остатокот за економски раст, развој на бизнис клима и невладин сектор. Сумата предвидена за 2024 година беше 29,531,283 долари.
За пример, Соединетите американски држави, преку Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), доделија 330.000 американски долари за справување со КОВИД-19 во земјава преку грант за Црвениот крст на Северна Македонија. Според статистиките до 2020 година, САД имаат инвестирано над 11,5 милиони американски долари само за здравството.
Средствата кои САД ги инвестираа во Македонија се насочени кон различни клучни области на развој.
За што се трошеле парите на американските даночни обврзници?
Проектите кои вклучуваат економски развој, образование и еколошка одржливост играат значајна улога во модернизацијата на земјата. Помошта беше обезбедена за борба против корупцијата, зголемување на одговорноста и транспарентноста, промовирање на граѓански активизам и младината. Но не само тоа, помошта беше исто така за економскиот развој, зајакнување на енергетскиот сектор, и за сајбер безбедноста.
И покрај континуираните американски инвестиции во зајакнување на демократијата и институциите, Македонија продолжи да се соочуваа со еден од најголемите непријатели на владеењето на правото, корупцијата. Амбасадорите постојано даваа директни критики за недостатокот на резултати, особено во борбата против корупцијата и организираниот криминал, кои се можеби една од причините зошто земјата е напуштена од страна на младите луѓе.
Во економскиот развој, фокусот беше на подобрување на земјоделството и бизнис климата во Македонија. УСАИД инвестираше во проекти како што е „е-Влада“, кој ја воспостави платформата за едношалтерски систем, овој систем значително ја поедностави администрацијата и ја направи побрза и поефикасна комуникацијата помеѓу бизнисите и јавните институции. Дополнително, проектите за поддршка на конкурентноста и поддршка на рециклирањето продолжуваат да играат важна улога во создавањето на одржливи бизнис модели и подобрување на еколошката свест во земјата.
Проектите за образование се уште една клучна компонента на американската поддршка. Беа отоврени повеќе од 71 кариерен центар низ земјата покрај тоа, УСАИД ги поддржуваше реконструкцијата на училиштата и развојот на IT инфраструктура во образованието, каде што беа инсталирани компјутерски лаборатории во сите основни и средни училишта, што ја направи Македонија првата земја во светот која беше целосно безжична. Дополнително, американската поддршка помогна во обука на наставници, особено во IT секторот, што ја зголеми ефикасноста и квалитетот на образованието.
Од 1993 година, кога САД започнаа со поддршката само преку УСАИД, до денес, во земјава речиси една милијарда долари се инвестирани во развојот на Македонија. Средствата беа користени и за јакнење на демократските институции, поддршка за медиумската слобода, како и трансформација на институциите и да изградата стабилни врски меѓу владата и цивилното општество.
Кои се стопираните проекти?
Според „Балкан инсајт“ станува збор за 22 тековни проекти во вкупна вредност од 72 милиони долари. Податоците што ги наведуваме во оваа проверка се од американската влада, поточно сублимирани податоци од УСАИД и Стејт Департментот и се однесуваат на фискалната 2024 година.
Според податоците на американската администрација во 2024 година за проекти во земјава требало да легнат вкупно 22 милиони долари, при што најголем дел или 21,3 милиони долари се пласирани преку Американската агенција за меѓународен развој, попозната кај нас под кратенката УСАИД.
Доколку се види структурата на проектите од вкупната сума од 21,3 милиони долари ќе се види дека 14,2 милиони долари се наменети за проекти што се раководени од Владата или од невладиниот сектор.
Притоа, меѓу најголемите со 2 милиони долари, на пример, е проект за развој на енергетски добра кој треба да заврши во септември 2027 година. Овој проект чија цел е опишана како, „да се подобри безбедноста, доверливоста и ефикасноста на регионалното снабдување со енергија преку поддршка на инвестиции во сите сегменти на енергетскиот сектор, вклучително и топлинска и електрична енергија“, секако дека ќе има извесни последици, ако ништо друго со доцнење од три месеци, доколку по одмрзнувањето добие дозвола да продолжат активностите.
Со 1,65 милиони долари се финансира и проект наменет за централната власт и локалната самоуправа, а целта на проектот е „да се подобри квалитетот на системите за наплата на општински даноци и такси, да се зголеми капацитетот на владата за пристап до надворешни ресурси од фондовите на национална влада или од фондовите на меѓународните организации и пазарот на капиталот“. Рокот за завршување на овој проект е до крајот на јануари 2026 година, па важи истата констатација од погоре, дека најмала последица би била доцнењето од три месеци.
Со три проекти за Дигитализација на критичната инфраструктура, вредни над 2,2 милион долари, се финансира дигитална трансформација на сопствениците и операторите на критичната инфраструктура со цел зголемување на отпорноста од кибер напади. Проектот е наменет за следните сектори: „пренос и дистрибуција на електрична енергија/природен гас/вода, производство на електрична енергија, телекомуникации, централно греење, нафта, здравствена заштита, финансии/банкарство и транспорт“. Рокот за завршување на проектот е септември 2026 година, па оттука и за него важи констатацијата дека најмала последица би било доцнењето во спроведувањето од три месеци.
Вакви проекти има повеќе, на пример два проекта за кибер сигурност на серверите на владата или нејзини институции во вкупна вредност од околу 1,55 милиони долари (завршува во декември 2028), два проекти наменети за борба против корупцијата во вкупна вредност од околу 2,6 милиони долари, (од кој поголемиот треба да заврши во февруари 2028 година), итн.
Американската помош игра значајна улога во развојот на целото македонско општество. Само во 2022 година таа помош изнесувала над 164 милиони долари и секако дека тие пари, што секоја година доаѓаат во земјата се значаен инпут и за развојот и за целата економија.