Нови инциденти во салата се случија во Собранието на Србија. Салата е целосно бела откако еден од пратениците активираше противпожарен апарат.
Претходно денеска, во 11 часот, во Собранието беа фрлени димни бомби, а пратениците од владејачкото мнозинство беа гаѓани со јајца. Имаше хаос, па дури и тепачка во неколку наврати.
Повредени се две пратенички, Јасмина Обрадовиќ, според тврдењата на Ана Брнабиќ и министерот Златибор Лончар, доживеала мозочен удар и е во тешка состојба, а другата Јасмина Каранац од СДПС била погодена со предмет во главата. Ѝ се слошило на пратеничката Соња Илиќ која е во осмиот месец од бременоста.
Седницата продолжи и покрај инцидентите.
Дежурниот јавен обвинител на Првото основно јавно обвинителство во Белград испрати барање до МВР на Србија и до Управата за криминалистичка полиција за прибирање на потребните информации во врска со инцидентот што се случи на првата пролетна редовна седница на Народното собрание на Република Србија, се вели во соопштението од обвинителството.
Врховното јавно обвинителство (СЈО) соопшти дека најостро го осудува секое однесување кое води до „загрозување на физичката безбедност на пратениците, нивно повредување или загрозување на нивните животи, без разлика од кого доаѓа таквото однесување, вклучително и од самите пратеници“, и нагласи дека имунитетот не ги штити пратениците од кривично гонење за сторени кривични дела во согласност со Уставот и законите на Србија.