Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Опозицијата да не го спречува донесувањето на Законот за македонски јазик, апелираат од високообразовните и научните институции

Блокирањето на опозицијата на донесувањето на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик е блокада и за сите процеси што ги поредвидува законското решение, како што е изработката и на Стратегијата за македонскиот јазик. Од голем дел од тие процеси зависи и мотивирањето на младите и нивна поддршка во изучувањето на македонскиот јазик коишто треба да ја продолжат мисијата на сите претходници кои себеси се вградиле во создавањето, кодификацијата и светската афирмација на нашиот јазик како автентичен.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Иако во фазата на јавната расправа и сите засегнати страни, широката јавност, научните и високо-образовните институции и политичките партии консензуално го поддржаа процесот и нацртот на новиот закон за македонски јазик, за време на парламентарната пленарна седница за прифаќање на предложеното решение да ја помине процедурата за усвојување, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица не гласаа за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик.

Со гласовите на останатите од владеачкото мнозинство, законот сепак влезе во собраниска процедура, но блокадите на опозицијата не дозволуваат законското решение да ја помине комисиската расправа за повторно да се врати на пленарна седница за да биде конечно усвоен.

Костадиновска-Стојчевска: Апелирам да се заврши оваа процедура

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во едно неодамнешно интервју потсети дека Законот за употребата на македонскиот јазик е заглавен во Собранието поради пратениците од опозицијата.

„Апелирам до Комисијата за култура да седне на маса и да се заврши оваа процедура, бидејќи тековниот Закон е од 1998 година и потребни се овие измени“, рече во интервјуто министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во гостувањето во вестите на МРТ1, Костадиновска-Стојчевска напомена дека со донесување нов закон за употреба на македонскиот јазик ќе се прошират областите во кои задолжително се користат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо и дека тоа ја дава основата за усвојување национална стратегија за македонскиот јазик што овозможува, како што истакна, дополнително да го чуваме неговиот интегритет.

Поддршката за Законот за македонски јазик како патриотски чин

Коментар за оваа состојба Рацин.мк побара од научниците и професорите од нашите високо-образовни и научни институции кои го афирмираат, чуваат и негуваат македонскиот јазик.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ (ИМЈ), проф. д-р Елена Јованова-Грујовска вели дека „со донесувањето на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик од страна на Собранието, ќе се  овозможи поцелосна институционална заштита на стандардниот македонски јазик. Апелирам Комисијата за култура при Собранието да ја заврши евентуалната амандманска постапка и Законот да биде донесен“.

Проф. д-р Елена Јованова-Грујовска: Актуелниот Закон е од 1998 година и одамна ја изгубил актуелноста. Време е за нов.

– Актуелниот Закон е од 1998 година и одамна ја изгубил актуелноста. Време е за нов. Новиот Закон за употреба на македонскиот јазик е придонес кон подигнувањето на јазичната култура во државата и патриотски чин за заштита на личните македонскиот идентитет затоа што, според Мисирков “јазикот е наше духовно богатство”, истакна за Рацин.мк Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ проф. д-р Елена Јованова-Грујовска.

За проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, вонреден професор на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, „донесувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик, значи да се зацврсти арматурата вградена во цврстиот темел врз кој македонското општество ќе продолжи да се гради и издигнува по вертикала“.

– Тоа е столбот на кој се потпира целокупната книжевно-историска дејност на нашите претходници, чие дело е вградено во создавањето на современата македонска држава. Кога говориме за македонскиот јазик, неговото изучување, примена, негување и чување, тогаш неминовно говориме за нашето опстојување и континуитет како народ и како држава, потенцира во изјавата за Рацин.мк проф. д-р Витанова-Рингачева.

Соговорничките на Рацин.мк се едногласни дека треба да се деблокира процесот за донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик за да се донесат и применат сериозни промени во односот на поединецот, но и на колективот, кон македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Со години се дискутира за нужноста од носење ваков Закон кој ќе овозможи да се постават вистинските координати по кои треба да се движи македонското општество, кога е во прашање примената на македонскиот стандарден јазик.

Проф. д-р Ана Витанова Рингачева: Донесувањето на овој Закон е нужност

– Донесувањето на овој Закон е нужност. Само со негување на свеста за значењето на македонскиот јазик, ние како генерација интелектуалци ќе можеме достоинстевно да кажеме дека сме го исполниле долгот, што во аманет ни го оставиле кирилометодиевците, преродбениците, Мисирков, Рацин, Конески и сите други по нив. Грижата за јазикот е нашата заедничка мисија и врв на родољубието и на почитта кон татковината. Не залудно Конески опоменуваше: „Од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не“, потенцираше во разговорот за Рацин.мк проф. д-р Витанова-Рингачева од Катедрата за македонски јазик на УГД во Штип.

Блокадата на опозицијата ги блокира придобивките

За нашите соговорнички донесувањето на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик во себе носи поттик за промена на односот кон македонскиот јазик и можности за негово натамошно сериозно проучување и претставување на научните вистини надвор од земјата, на меѓународните научни конференции и симпозиуми.

Директорката на Институтот за македонски јазик проф. д-р Елена Јованова-Грујовска укажува дека новото законско решение „стимулира стипендирање на студенти по македонски јазик. Се воведува задолжително лекторирање на сите акти и документи во локалната и централната власт, како и во медиумите. За чистотата на јазикот ќе биде задолжен инспекторат при Министерството за култура“.

– Се отвора можноста за Национална стратегија за македонскиот јазик со која ќе се планираат и финансираат нови национални проекти од областа на македонистиката. Со овој Закон се воведува државна награда “Блаже Конески” за поединци и институции што придонесуваат за развојот на македонистиката, посочува директорката на ИМЈ.

Новопредложениот закон уште предвидува стипендии за јазични студии што ќе ги обезбеди Министерството за образование и наука, како и лиценци за професионалните лектори.

Проф. д-р Ана Витанова-Рингачева од Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вели дека за професорите кои работат на едукација на младите македонисти, „насушна е потребата од донесување на новиот Закон кој предвидува:  стипендирање на студентите од прв, втор и трет циклус на студии коишто ќе студираат на Катедрите за македонски јазик и книжевност“.

– Законот значи поттикнување на младите кои негуваат посебна љубов кон македонскиот јазик, дополнително да се мотивираат и да пристапат кон проучување на јазикот и книжевноста воопшто; Секоја институција (државна и локална), како и медиумите да вработат лектор кој ќе се грижи за употребата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, неговата применливост и чистота (ова самото по себе значи и вработување на дипломираните македонисти). Овде би го нагласила и моментот на подигнување на јавниот интерес за правилната употреба на македонскиот јазик и кирилското писмо на ниво на заедница, што подразбира дополнителни напори и вложувања. Афирмација на работата на веќе постоечките лекторати и секако, отворање нови, што веќе го гледаме како активност за почит на Меѓународниот семинар за македонски јазик и многу други придобивки, рече за Рацин.мк проф. д-р Витанова-Рингачева.

Блокирањето на донесувањето на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик е блокада и за сите процеси што ги поредвидува законското решение, како што е изработката и на Стратегијата за македонскиот јазик. Од голем дел од тие процеси зависи и мотивирање на младите и нивна поддршка во изучувањето на македонскиот јазик коишто треба да ја продолжат мисијата на сите претходници кои себеси се вградиле во создавањето, кодификацијата и светската афирмација на нашиот јазик како автентичен.

Треба да знаете
Moже да ве интересира