Промоции на книги од Пламен Тотев и Сашо Кокаланов во Куманово и Скопје

Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, заедно со Факултетот за драмски уметности во Скопје и НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ги промовираат книгите „Среќните луѓе не слават родендени“ од македонскиот автор Сашо Кокаланов и „Животот на литературната класика“ од бугарскиот автор Пламен Тотев.

На 11 јануари 2024, со почеток од 19:00 часот, во Малата сала на Центарот за култура во Куманово, литературните дела ќе бидат претставени од Петар Андоновски, Стојан Синадинов и Сашко Насев.

На 12 јануари 2024, со почеток од 19:00 часот, во Бифето на ФДУ, промотори на книгите ќе бидат Петар Андоновски, Нове Цветаноски, Сашко Насев и Стојан Синадинов.

Промоциите на делата од овие двајца значајни автори за македонската и бугарската литература ќе се одржат во присуство на авторите Сашо Кокаланов и Пламен Тотев.

Новиот роман на Кокаланов, во издание на „Или-Или“ од Скопје, е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, Струшко, инспирирана од вистинска приказна. Романот е краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот.

Динамиката на романот е филмска, описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат создавајќипривид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже Бернардовски, во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица.

Сашо Кокаланов е професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје, писател и сценарист, филмофил, драмаџија, поранешен новинар, редовен читател на „Забавник“, долгогодишен претплатник на „Њујоркер“ и страстен навивач на Наполи.

Пламен Тотев е бугарски книжевен истражувач, критичар и издавач, добитник на македонските литературни награди „Рациново признание“ (2023) и „Македонски книжевен Дедал“ (2019), како и на награди за литературна критика во Бугарија.

Дипломирал бугарска филологија на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, специјализирал историска поетика на бугарската литература. Објавил стотици литературно-критички и книжевно-историски написи, рецензии на книги, статии за проблемите на литературата, издаваштвото и културата. Автор е на три книги од областа на историјата на книжевноста, на дваесетина учебници и учебни помагала по бугарски јазик и литература, составувач е на антологии со светска и бугарска класична поезија.

„Македоника литера“ е издавач на книгата „Животот на литературната класика“ од Пламен Тотев. Книгата фрла светлина врз историскиот развој на античката и европската литература, давајќи упатства кој е кој и каде е во книжевно-историскиот процес, кои се моделите во развојот на големата светска литература, кои се закономерностите во развојот на големите светски литератури низ вековите, кои се најважните особености на класичните епохи и правци од древноста до денес.

Освен информациите за главните литературни епохи и правци од антиката и ренесансата до модернизмот, книгата вклучува и анализи на класични дела како што се „Илијада“ на Хомер, „Цар Едип“ на Софокле, „Подвизите на Александар“ на Калистен (Псевдо-Калистен), „Робинсон Крусо“ на Д. Дефо, „Грофот Монте Кристо“ на А. Дима, „Чичко Горио“ и „Изгубени илузии“ на О. де Балзак, „Црвено и црно“ на Стендал, „Ругон-Макарови“ од Е. Зола, „Бел Ами“ на Ги де Мопасан, „Големите надежи“ на Дикенс, „Панаѓур на суетата“ на В.М.Текери, „Злосторство и казна“ на Достоевски… Напишана разбирливо и читливо, книгата придонесува за популаризација на врвната светска литературна класика кај широк круг читатели. Преводот на книгата е на Предраг Димитровски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира