Уставниот суд ја одложи седницата за Законот за употреба на јазиците: „Страв лозје чува или…“

На официјалната веб страница на Уставнит суд, осамна соопштение во кое пишува дека ја одложува подготвителната седница по предметот за Законот за употрба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни оваа година.

Соопштението ви го пренесуваме во целост.

Уставниот суд денеска го прими дописот од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 од 15.05.2025 година на Управниот суд на Република Северна Македонија. 

Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд. Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето  на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности. 

На денешниот работен состанок,  поради големиот интерес на јавноста за приоритетни прашања, Судот одлучи:

  •  Да се одложи подготвителната седница по предметот за Законот за употреба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни 2025 година, од причина што судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со пресудата на Управниот суд е судија-известител на конкретниот предмет, а дополнително Судот има донесено Заклучок според кој постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав на Судот.
  • Во врска со правните импликации по Пресудата на Управниот суд, укажуваме дека согласно со член 112 став 2 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, Уставниот суд нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувал судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со Пресудата на Управниот суд. 

Ова значи дека ниту во јуни нема да има подготвителна седница на Уставниот суд за Законот за јазиците – откако првично таа беше презакажана поради трагедијата во Кочани, сега е одложена на неодредено, откако Управниот суд го поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска, која е судија-известител за овој предмет.

Одлуката ја донеле уставните судии на работниот состанок денеска, меѓудругото и поради тоа што Судот има заклучок за Законот за јазици да се постапува само во полн состав од 9 члена. Околу останатите одлуки во чие носење учествувала Дуковска, од Уставен велат дека се конечни и извршни и нема по службена должност да ги преиспитуваат.

Управен го поништи изборот на Дуковска, постапувајќи по тужба од Антоанета Димовска, сега членка на Судскиот совет, која во 2023 беше меѓу трите кандидатки за уставен судија, што треба да биде избран од редот на судиите. Но, откако Дуковска добила над 8 гласа, гласањето не продолжило за двајцата преостанати кандидати, што Управен го смета противзаконско..

„Судот наоѓа дека со ваквиот начин на гласање на членовите на Советот, односно со не гласање по останатите два предлози оневозможена е еднаква примена на правилата на постапката за сите кандидати, со оглед дека само еден кандидат добил можност за реална поддршка преку гласање, а на другите два кандидати им е ускратена можност да имаат ист третман и еднакви можности при изборот иако претходно сите три кандидати биле поддржани од членовите на Советот“, информираат од Управен суд.

Од Судскиот совет нема официјален став за пресудата на Управен, но Министерот за правда смета дека тие се одговорни за нејзино спроведување.

„Надлежност за извршување на пресудата од Управниот суд има Собраноето, односно, во конретноот случај има Судскиот совет. Должност на Судскиот совет е да постапи согласно пресудата и препораките и да ја повтори постапката. Да ги земе в предвид препораките на Управниот суд и да достави нов предлог до Собранието“, рече Филков.

Сепак, во пресудата не пишува, а надлежните инситуциите засега немаат одговор што ќе биде сега со мандатот на Елизабета Дуковска, избрана за уставен судија од Собранието на 9 години. Според Уставот, тој може да биде прекинат или со оствака или со правосилна пресуда која предвидува затворска казна од најмалку 6 месеци. Разрешеување не е предвидено.

Зачлени се на нашиот е-билтен