Американските претседателски избори ќе имаат големи последици за целиот свет, вклучително и за Западен Балкан. Победата на Доналд Трамп би донела големи проблеми за Балканот, додека можната политика на Камала Харис за многумина е нејасна, сметаат експертите што говорат за „Европски Западен Балкан“ („European Western Balkans“).
Во изминатиот период имаше многу оценки за тоа што би значела победата на поранешната потпретседателка на САД Камала Харис за Западен Балкан, а што триумфот на Доналд Трамп за Западен Балкан, но главно мислењата се сведуваа на фактот дека прозападните сили кои се стремат кон ЕУ и НАТО најмногу би посакале победа Харис, а оние другите, кои често се нарекуваат „проруски“, „автократски“ или „дестабилизирачки“ – враќањето на Трамп во Белата куќа.
Вториот претседателски мандат на Доналд Трамп би бил протолкуван како „добра вест“ од страна на националистичките политичари од Западен Балкан, кои би го гледале како моќен сојузник во спроведувањето на нивните политички агенди. Од друга страна, изборот на Камала Харис би значел одреден континуитет со политиката на актуелниот претседател Џо Бајден, како и шанса за редефинирање на евроатлантската политика, пишува „Европски Вестерн Балканс“.
Аналитичарите сметаат дека, доколку републиканскиот кандидат Трамп победи на изборите, постои можност за „оживување“ на таканаречениот Вашингтон договор за нормализација на економските односи меѓу Белград и Приштина, потпишан есента 2020 година. Победата на демократската кандидатка Харис би можела да ги забрза процесите на ЕУ-атлантска интеграција во регионот. Сепак, останува да се види кои се нејзините надворешнополитички приоритети, бидејќи се уште не ги прецизирала клучните точки во оваа област.
Трамп водеше во анкетите пред повлекувањето на Бајден, кој минатиот месец одлучи да не бара реизбор под притисок на сојузниците поради загриженоста за неговата возраст. Најновите анкети му даваат на Харис благо водство.
Сепаратистите за Трамп
Зборувајќи за влијанието на реизборот на Трамп врз Западен Балкан, Курт Басенер, висок соработник на Советот за политика за демократизација со седиште во Берлин, изјави за European Western Balkans дека сепаратистичките агенди ќе добијат замав.
„Трамп е тип на политичар кој е многу добро познат овде на Балканот – вклучително и неговото мешање на лични и семејни работи со функцијата што ја извршува. Тој се вклопува во политиката на „силниот човек“ што е присутна во регионот. Тоа јасно го покажуваат деловните договори во кои неговиот зет Џаред Кушнер и ќерката Иванка неодамна беа вклучени во Белград и во близина на Валона во Албанија“, оценува Басенер.
Басенер потсетува дека за време на администрацијата на Трамп, САД активно ја поддржуваа „размена на територии“, односно „приспособување на административната линија“ или „корекција на границите“, што често се смета за поделба на Косово.
„Овој концепт беше предложен од претседателот на Србија Вучиќ и тогашниот претседател на Косово Тачи во 2018 година, а беше поддржан од канцеларијата на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ (Фдерика Могерини), но без согласност на многу членки на ЕУ. Ричард Гренел беше клучна фигура во ова – и сè уште е често присуство во регионот. Неговиот ангажман по претседателствувањето на Трамп покажува дека нема вистинска разлика помеѓу начинот на кој тој и Трамп гледаат на политиката и нивните лични агенди. Да се потсетиме особено на Гренел, како и на другите пратеници на Трамп, кои направија се за да создадат тензии со Европа и во неа. Додадете го на тоа отворено реакционерниот, националистички елемент што го споделува со многу од балканските лидери, како и со оние во соседните земји-членки на ЕУ – особено Виктор Орбан од Унгарија“, нагласува тој.
Камала за европска интеграција
Тој смета дека доколку Камала Харис победи на претседателските избори, ќе има одреден степен на континуитет во надворешната политика на САД, како и можно забрзување на патот кон ЕУ и НАТО за земјите од Западен Балкан.
Басенер забележува дека Харис би била нова во извршната улога, но на европските сојузници би им олеснало доколку таа биде избрана. Тогаш таа би имала можност да помогне во дефинирањето на агендата што ќе продолжи да се поставува од оваа страна на Атлантикот, заедно со формирањето на Европската комисија.