Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Циркус на денот: Ковачки како бодигард на Христовски

Пратеникот Драган Ковачки и директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски. Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ
Пратеникот Драган Ковачки и директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски. Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Навиките на ВМРО-ДПМНЕ да ги блокира процесите во Собранието кога беше опозициска партија, сега ги практикува и како мнозинска партија во парламентот и како владеачка партија.

Само така може да се протолкува денешниот маневар во Собранието во обидот да се одржи седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Со предлози за дополнувања со точки на седницата, за кои беше јасно дека не може да бидат ниту прифатени, ниту спроведливи, ВМРО-ДПМНЕ, всушност, ја оствариле својата цел, да не се отвори точката на дневниот ред на која беше „Информација за незаконското именување на директор на Агенцијата за национална безбедност“.

„ВМРО-ДПМНЕ потврди: Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ. Ова што денеска го видовме на седницата на комисијата за надзор над работата на АНБ е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста за ова прашање. Злоупотребувајќи го мнозинството тие денеска спречија одржување на седница и расправа за прашања чии одговори ги чека целата јавност, како македонска, така и меѓународна. Ова денешно однесување на власта, покажува само едно: Дека има тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократските капацитети за владеење на правото!“, оцени пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, на чија иницијатива беше и предлогот и закажаната седница на комисијата.

Но, она што беше очигледно и за време на седницата, која практично се отвори за да се прекине и откаже, беше заштитничкото однесување на пратеникот Драган Ковачки во однос на директорот на АНБ Бојан Христовски.

Тоа особено дојде до израз откако заврши седницата, кога Ковачки ги попречуваше новинари да земат изјава од директорот на АНБ Бојан Христовски и ја обвини новинарката на СДК.мк Соња Делевска дека додека зборува со Христовски, тајно го снимала.

Ковачки ја прекинал комуникацијата меѓу Соња Делевска и Христовски во моментот кога новинарката на СДК.мк го праша за ТОЕФЛ-сертификатот од Пловдив, кој директорот на АНБ треба да го достави до Антикорупциската комисија до задутре (четврток).

„Исклучи го микрофончето. Снимаш”, и рекол Ковачки на Делевска, по што таа им го дала на Христовски, а потоа и на Ковачки да проверат.

Ковачки не го проверил телефонот, зашто му станало јасно дека веќе прави скандал пред групата новинари, но не престанал да повторув „Снимаш, снимаш на микрофончето”.

На однесувањето на Ковачки реагираше и Здружението на новинарите на Македонија. Во реакцијата се вели дека ЗНМ го осудува непрофесионалното и недолично однесување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој денеска ја попречувал новинарката од онлајн медиумот СакамДаКажам.мк, Соња Делевска, додека ја вршела нејзината професионална работа во Собранието.

Новинарката Делевска, како што известува во дописот до ЗНМ, ја извршувала својата професионална должност и поставувала легитимни прашања до директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Додека Христовски одговарал на прашањата на Делевска, во врска со неговиот сертификат за англиски јазик, пратеникот Ковачки ѝ се обратил со зборовите: „исклучи го микрофончето, снимаш“ и воедно покажувал на нејзиниот телефон. Делевска го понудила својот телефон на пратеникот, по што тој одбил да го земе и го повикал Христовски да си замине.

„Ги повикуваме сите политички претставници да покажат соодветно ниво на почит и конструктивен однос кон медиумите и нивните претставници, да одговараат редовно на нивните прашања, и да се воздржат од какви било форми на притисок и клевети. Потсетуваме дека слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања се основни принципи на демократското општество. Секој обид за попречување, заплашување или дискредитација на новинарите претставува директен напад врз слободата на изразување и транспарентноста на институциите“, велат од ЗНМ.

Со тоа заврши уште еден циркус што ВМРО-ДПМНЕ го приреди во Собранието, овој пат за да го заштитат од јавноста Бојан Христовски којшто се соочува со серија обвинувања за незаконското именување на кое, всушност, го подложи пертијата што го предложи и чијшто висок партиски функционер беше до крајот на 2023 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен