Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

И кога зборува за АСНОМ, светите букви околу кои се обединија Македонците, тој ги продлабочува делбите

Болката на Мицкоски не може да биде болка на целиот народ. Ако него го боли да прифати дека сме таму каде што треба да бидеме – земја членка на НАТО и земја кандидат со отворени преговори за членство во ЕУ, без негова заслуга, тое е негов личен проблем, а не проблем на „меѓународен“ собир за АСНОМ и на јавноста во Македонија.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Се моли ВМРО-ДПМНЕ да го потсети нивниот претседател Христија Мицкоски дека од 26 јуни оваа година е претседател на Владата. Влада која, според законот, е извршна власт за спроведување на политиките од интерес на сите граѓани, иако половина од нив не гласале за него.

Треба да го потсетат на тоа зашто тоа ќе биде првиот чекор со кој ќе му се укаже дека на неговите пејџови, профили, што и да е, на социјалните мрежи, не треба да постира настани од партиските активности.

Тоа нека си го прави на медиумските платформи на неговата партија.

До 22:00 часот, кога се пишува овој текст, на неговите профили на социјалните мрежи има информации само за партиската забава наречена „Скопје се буди“, во организација на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Оној истиот што го раководеше сега ТОЕФЛ проблематизираниот директор на АНБ, Бојан Христовски.

Партиска активност на фејсбук профил на кој пишува Government Official, демек Владин службеник, а над таа титула стојат и партиската и владината адреса. Демек партијата и Владата, едно е.

А премиерот денеска беше поканет и зборуваше и на меѓународниот собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“, по повод 80 години од првото заседание на АСНОМ, што ќе трае до 15 ноември.

Прво, нејасно е зошто сега се одржува собир за АСНОМ, кога 2 август одамна помина. Второ, меѓународен, а на отворањето и на првиот, не видовме ниту еден „меѓународен“. Сите домашни.

Трето, на веб страниците на организаторите на овој собир нема никаква информација за него, освен онаа која датира уште од август обаа година кога беше најавен дека ќе се одржи. Нема агенда, нема листа на учесници. Ајде, бидејќи е најавено дека ќе трае до 15 ноември, да видиме. Можеби ќе бидеме демантирани.

Но, не е тоа најважно за циркусот на денот. Најважно е дека дури и на еден ваков собир, Мицкоски не пропушти да ја повторува мантрата од последните 5-6 месеци.

Тој рече дека треба многу мудро денеска да се носат одлуки, за да се може да се стигне онаму каде што се сака. Потоа се осврна на тоа што овие нецели пет месеци го затекнал и го видел како прв човек во македонската Влада.

– Само силна демографија, економски силно развиена држава и одбрана на она што на маса е изгубено изминативе седум години, може да нѐ однесе онаму каде што треба да бидеме и каде што како народ целиме да бидеме. Нема да кажувам за катаклизмата што ја наследивме, порази и капитулации што во изминатите седум години се случија, нагласи тој.

Болката на Мицкоски не може да биде болка на целиот народ. Ако него го боли да прифати дека сме таму каде што треба да бидеме – земја членка на НАТО и земја кандидат со отворени преговори за членство во ЕУ, без негова заслуга, тое е негов личен проблем, а не проблем на „меѓународен“ собир за АСНОМ и на јавноста во Македонија.

Прави циркус од неговата лична фрустрација. Ама зошто сите ние да бидеме дел од тој циркус. Всушност, ако има такви што сакаат да бидат публика во тој циркус, ок, тоа е нивен избор, ама не на целиот македонскиот народ на кој премиерот му се обраќа.

А ако не му се обраќа на целиот македонски народ, тогаш го прави тоа што е поента на овој циркус на денот: Светите букви на АСНОМ и значењето на 2 Август не се тема за која некој смета дека може да ги става во контекст на делби. Макар бил и премиер.  

Зачлени се на нашиот е-билтен