Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска ќе одржат средба со Македонската банкарска асоцијација за да ги прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250 милиони евра од унгарскиот заем. Владата најави дека каматната стапка ќе остане 3,25 проценти, истата како и при земањето на заемот, но во јавноста се појавија дилеми околу вистинската цена што ќе ја плаќаат компаниите, како и околу транспарентноста на целиот процес, бидејќи каматна стапка од 3,25 проценти ќе му наплатат и банките на стопанството, со што висината на каматната стапка ќе биде всушност двојна.
Министерката Димитриеска-Кочоска изјави дека досега само една банка изразила подготвеност да учествува во субвенционирање на каматата и условите за отплата. Таа нагласи дека намерата на Владата е сите банки да се вклучат за да им се олесни на клиентите пристапот до кредитите преку банките со кои соработуваат.
„Каматната стапка од 3,25 проценти останува непроменета. Тоа е истата каматна стапка со која беше обезбеден кредитот од унгарската Експорт-Импорт банка. Сепак, важно е да се напомене дека од 2011 година досега, преку кредитни линии со државно субвенционирани камати, се повлечени 650 милиони евра. Ова е продолжение на таа пракса,“ рече министерката во интервју за 360 степени.
Бурата околу кредитот од Унгарија се крена веднаш штом Мицкоски стана премиер. Главните прашања кои го следеа заемот беа: од каде се парите, дали се кинески и каква е нивната политичка тежина. Мицкоски, на овие дилеми, одговараше кусо: „Да“, „Не“, „Ќе видите“, „Не е од Кина“.
Според официјалните информации, станува збор за заем од 500 милиони евра што ќе се повлече во една трансакција со рок на отплата од 15 години, вклучувајќи три години грејс-период. Каматната стапка е фиксна – 3,25 проценти, а заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. Иако теоретски звучи едноставно – 250 милиони евра се наменети за општински проекти, а 250 милиони евра за компаниите – дилемата е под кои услови компаниите ќе ги користат средствата.
Министерката нагласи дека Владата разгледува опции за субвенционирање на каматната стапка со цел да се намали товарот врз фирмите. Но, економистите предупредуваат дека субвенционирањето на каматите од буџетот значи директен товар врз граѓаните. Прашањето е зошто од буџетот, во кој учествуваат сите граѓани, да се субвенционира каматата за компании, од кои некои остваруваат милионски профити.
Во меѓувреме, јавноста се прашува дали каматната стапка навистина ќе остане 3,25 проценти или ќе се зголеми до 6,5 проценти. Оваа зголемена стапка се појави како можност кога дел од банките изјавија дека за нив ризикот на отплата не е покриен со почетната камата.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, апелираше до банките да не ги зголемуваат каматите, додека премиерот Мицкоски ги повика да бидат „патриоти“. Сепак, економистите предупредуваат дека нејасностите околу каматната стапка создаваат ризик за правната сигурност и довербата на фирмите.
Најавен е нов кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. Владата тврди дека со овие средства ќе се поддржат стратешки проекти, но опозицијата предупредува дека овој модел е ризичен и носи скриени трошоци за економијата. Експертите сугерираат дека е неопходно Владата однапред да ја информира јавноста за сите детали, за да се избегне дополнителна бура од шпекулации и недоразбирања.