Продолжува дивеењето на малолетниците во скопски Капиштец. Во текот на изминатата ноќ, во паркот во скопската населба Капиштец каде што се изведуваат реконструктивни работи, тие, обиле багер, го стартувале и управувале со него. Со таквото дејствување, удриле во паркирано возило, информираа од Општина Центар.
Од Општината велат дека уништени се и каблите за системот за наводнување и направена е значителна материјална штета, додавајќи дека „направен е увид, а истрагата продолжува“.
Ова не е првпат малолетници во Капиштец да вандализираат врз општествени добра. Пред неколку месеци беше обиен и ограбен комуналниот пункт на Општината, велат од Центар.
Во објавата на социјалните мрежи апелираат до родителите да разговараат со своите деца за последиците од ваквите постапки, бидејќи „јавното добро е за сите нас“.
„Преминати се сите граници! Оштетен е јавен и приватен имот. Нарушена е безбедноста и јавниот ред. Не смее да се дозволи уништување на јавниот и приватен имот. Ваквото однесување мора да запре пред да се случи и нешто полошо. Повикувам на свест и одговорност“, порача градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Општината во јули објави видео снимки доставени од граѓани, на кои се гледаат сцени во кои млади лица уништуваат реквизити на детско игралиште во истата населба.