Во Брисел денеска почнува дводневното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК), на чии маргини утре шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцински и високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ќе го потпишат Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
Советот денеска ќе заседава на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кои се очекува да ги изнесат своите ставови и мислења по предлогот на Борел за прекин на политичкиот дијалог во рамки на Договорот за асоцијација меѓу Израел и Унијата.
Дебатата за руска агресија врз Украина ќе започне со неформална размена на мислења преку видео конференциска врска на европските шефови на дипломатија со украинскиот министер за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха за најновите случување на бојното поле.