Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Патриотска дипломатија – Во Косово го заборавија македонскиот јазик, во Бугарија знамето

На понеделничката меѓувладина конференција меѓу Македонија и Косово, одржана во Приштина по повод 15-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, беше забележан значителен дипломатски пропуст, но и Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, но и Министерството за надворешни работи молчат. Имено, сите официјални материјали, позадини и банери беа претставени само на албански јазик, без превод на македонскиот, кој според закон е единствениот официјален јазик за меѓународна комуникација на Република Македонија.

Редакцијата на Рацин.мк испрати прашања до Владата и МНР за тоа кој е одговорен за овој пропуст и дали ќе има некаква реакција, но до објавувањето на текстот одговори не беа добиени.

Оваа ситуација предизвика реакции во дипломатските кругови, бидејќи досега во вакви средби со други држави, како Црна Гора и Унгарија, практиката беше двојазично претставување – на македонски и јазикот на партнерската земја.

И покрај очекувањата, македонскиот премиер Мицкоски, кој имаше заедничка средба со косовскиот премиер Албин Курти, не се осврна на овој пропуст.

Наместо тоа, во својата изјава тој ја нагласи позитивната атмосфера и гостопримството. „Почитуван Албин, ви благодарам за гостопримството и позитивната енергија. Се надевам дека ова ќе даде поттик за поблиски односи меѓу нашите земји,“ изјави Мицкоски.

Курти, пак, истакна дека двете земји имаат силна соработка. „Косово и Северна Македонија немаат несогласувања. Ние сме соседи, пријатели и партнери, поврзани преку трговијата и блиските семејни и бизнис врски,“ рече Курти.

Дипломатите кои ги консултираше редакцијата на Рацин.мк истакнуваат дека протоколот треба да почитува реципроцитет – ако една страна користи повеќе јазици, треба да се врати со истата почит. Северна Македонија на претходни настани ги пречекала косовските претставници со три јазици (македонски, албански и англиски), што ја прави едностраноста на овој настан уште повпечатлива.

Пропустот се забележува на неколку нивоа – од МНР, преку кабинетите на премиерите, до одговорните за протокол. Такви грешки испраќаат пораки кои можат да влијаат врз добрососедските односи.

Ова е втор дипломатски пропуст на македонската Влада, пред повеќе од еден месец во Бугарија претседателката Гордана силјановска Давкова беше пречекана само со бугарско знаме, тогаш од институциите вината ја префрлија на бугарска страна. Овој потег предизвика реакции во македонската јавност, бидејќи ваквата ситуација беше оценета како непочитување на дипломатскиот протокол.

Зачлени се на нашиот е-билтен