Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За аерозагадувањето чекаме да дувне ветрот: Многу ветувања, малку мерки

Иако заштитата на животната средина добива рекорден буџет од 103 милиони евра за 2025 година, аерозагадувањето останува еден од најголемите нерешени проблеми во Македонија. Од вкупните средства, над 77,8 милиони евра се наменети за капитални проекти како изградба на водоводи и канализации, но недостасуваат клучни инвестиции за директно справување со загадувањето.

Сепак по неколку дена енорми загадувања, дождот и ветерот малку го расчистија воздухот денеска, но сепак според екологистите тоа не е решение за проблемот.

Граѓанската иницијатива „О2“ укажува на голем број пропусти во предложениот буџет:

Нема средства за модернизација на системите за греење на јавните установи и домаќинствата, иако министерот за здравство најави промени во 10 болници следната година.
Недоволно средства за мерни инструменти за следење на квалитетот на воздухот – 29 инструменти моментално не функционираат.


За планираните когенеративни централи и гасификација се предвидени само 1,8 милиони евра, што е далеку од потребното.

Загадената почва и подземните води од жешките еколошки точки остануваат нерешени.
Паралелно, алармантни се бројките поврзани со здравјето: во просек, над 3.500 луѓе годишно умираат прерано поради аерозагадување, додека според УНИЦЕФ, секое деветто новороденче умира како последица од загадениот воздух. Околу 18% од вкупната смртност во земјата е поврзана со загадувањето. Најчестите заболувања предизвикани од лошиот воздух се срцеви и мозочни удари, хронични белодробни болести и рак на белите дробови.

Според Светската банка, аерозагадувањето ја чини Македонија меѓу 500 и 900 милиони долари годишно – износ кој претставува 5-8,5% од БДП. Европската агенција за животна средина, пак, проценува дека овие бројки се двојно поголеми, што би значело економска штета од 1-1,8 милијарди долари годишно.

Невладините организации сметаат дека е време за драстични промени:

Воведување закон за контрола на индустриски емисии со построги гранични вредности.
Обврзување за еко-категоризација на возилата и ограничување на движењето на најзагадувачките возила.
Инвестиции во јавен сообраќај со ниски емисии и иновативни системи за греење.
Јасна стратегија и акциски план за координирано справување со сите извори на загадување.
„На секоја власт, приоритетите се на друго место. Наместо долгорочни решенија, се прават популистички потези со цел добивање гласови. Аерозагадувањето останува тема само кога партиите се во опозиција,“ велат од „О2“.

Според нив, државата мора да се обврзе на конкретни чекори и да разгледа механизми за репарација на граѓаните, особено со транспонирање на новата ЕУ Директива за квалитетот на амбиентниот воздух. Времето за одложување на решенијата е завршено – последиците веќе се чувствуваат и ги плаќаат сите граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен