Нема „црвени линии“ кога станува збор за поддршката за Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи за Би-Би-Си.
Жан-Ноел Баро рече дека Украина може да истрела француски ракети со долг дострел во Русија „во логиката на самоодбрана“, но не сакаше да потврди дали веќе е употребено француско оружје.
„Принципот е поставен… нашите пораки до претседателот Зеленски се добро примени“, рече тој во неделното ексклузивно интервју со Лаура Куенсберг.
Францускиот претседател Макрон укажа на подготвеноста на Франција да дозволи нејзини проектили да бидат истрелани кон Русија претходно оваа година. Но, коментарите на Баро се значајни, особено денови откако ракетите со долг дострел на САД и Велика Британија беа употребени на тој начин за прв пат.
Баро, кој во петокот имаше разговори со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами во Лондон, рече дека западните сојузници не треба да поставуваат никакви ограничувања на поддршката за Украина против Русија и „да не поставуваат и изразуваат црвени линии“.
Запрашан дали тоа може да значи дури и француски трупи во борба, тој рече: „Не отфрламе ниту една опција“.
„Ќе ја поддржуваме Украина интензивно и онолку долго колку што е потребно. Зошто? Бидејќи нашата безбедност е во прашање. Секој пат кога руската армија напредува за еден квадратен километар, заканата се приближува за еден квадратен километар до Европа“, рече тој.
Баро навести дека Франција е подготвена да ја покани Украина да се приклучи на НАТО, како што побара претседателот Зеленски. „Ние сме отворени за упатување покана, и затоа во нашите дискусии со пријателите и сојузниците, и пријателите и сојузниците на Украина, работиме да ги приближиме до нашите позиции“, рече Баро.
И тој сугерираше дека западните земји ќе мора да ја зголемат сумата што ја трошат за одбрана, забележувајќи: „Се разбира дека ќе треба да потрошиме повеќе ако сакаме да направиме повеќе и мислам дека треба да се соочиме со овие нови предизвици“.
Коментарите на Баро доаѓаат по една недела значајна ескалација во Украина – со ракети со долг дострел на Велика Британија и САД кои беа истрелани во Русија за прв пат, Русија истрела интерконтинентална балистичка ракета и Владимир Путин сугерираше можност за глобална војна.
Еден извор од британската влада го опишува моментот како „точка на криза“ пред зимата и пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.