Неидентификуван дрон прелета над руската Амбасада во шведскиот главен град Стокхолм и истури боја во дворот, соопшти шведската полиција.
Британските медиуми го пренесуваат портпаролот на шведската полиција кој изјави дека засега не се уапсени и не се идентификувани осомничени за инцидентот во амбасадата.
-Инспекторите ќе проверат дали инцидентот е на некој начин поврзан со вчера пријавениот вандалски чин во шведската Амбасада во Москва, изјави портпаролот на полицијата.
Руската амбасада и руското Министерство за надворешни работи не одговорија веднаш на барањата за коментар.
По инцидентот во Москва, шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Стенергард ја повика Русија да обезбеди заштита на шведската дипломатска мисија и нејзиниот персонал, но не го коментираше конкретно инцидентот со дронот во Стокхолм.
Портпаролот на шведското Министерство за надворешни работи изјави дека шведската Амбасада во Москва е во контакт со руските власти за расчистување на околностите на инцидентот.