Грчкиот европратеник Емануел Кефалојанис на седница на Европскиот парламент, рече дека македонскиот јазик е 90 проценти бугарски и немало потреба претставниците на Северна Македонија да ставаат слушалки за превод кога некој зборува на бугарски.
„Гледам дека кога зборуваат моите бугарски колеги, вие не ставате слушалки. Ајде да направиме експеримент. Зборувајте на вашиот јазик, за нас европратениците, да видиме дали нашите бугарски колеги ќе стават слушалки за да го слушнат преводот на тоа што имате да го кажете. Затоа што дури и многу официјални претставници на вашата земја и министри прифатија дека вашиот јазик е 90% сличен на бугарскиот“, рече Кефалојанис.
Кефалојанис, повторно го покрена прашањето за употребата на уставното име на Македонија од страна на власта во Скопје.
„Новата влада што се појави по неодамнешните избори во вашата земја продолжува да го користи терминот „Македонија“ и „македонски“, прекршувајќи го најважниот услов во Договорот со Грција: ерга омнес“, додаде грчкиот европратеник Кефалојанис.
На 17 јуни, во 2018 година, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји. Потпишувањето беше организирано во малото село Нивици на брегот на Преспанското езеро. И по нешто помалку од шест години грчкиот парламент ги нема ратификувано трите меѓународни договори:
Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ:Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје се трите потпишани меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа.
Станува збор за три меѓународни договори, два од Министерството за надворешни работи на Грција, кои беа потпишани за време на првата меѓувладина седница одржана во април 2019 година во Скопје и еден од Министерството за одбрана, потпишан пет месеци подоцна, а во грчкиот парламент се донесени како предлог закони.
Предлог законите имаат два члена, во првиот се меморандумите во целина, а вториот се однесува на стапувањето во сила, односно по неговото објавување во „Службен весник“ на Грција, откако претходно ќе биде ратификуван од парламентот.
Согласно процедурите што се следат во грчкиот Парламент, следниот чекор е да бидат разгледани на надлежната комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а откако членовите на комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе биде на седница на Парламентот.