Дојран – Медитеранско прибежиште со гастрономска шареноликост

Дојран, гратче на самиот крај на југоистокот од Македонија, со околу 3.500 жители ја има магијата на медитеранската клима и природните убавини кои создаваат чувство како да сте на море. Овој туристички бисер со своето топло езеро, лековитата кал, богатата гастрономска понуда и специјалитетите од регионот привлекува повеќе од 10.000 посетители во текот на летото, не само од Македонија, туку и од соседните земји.

Соња ТАНЕСКА

Во ладните денови гужвата ја снемаува, но затоа пак тука можете да уживате во мирот, чистиот воздух и прошетките по убавите патеки покрај езерото и секако да уживате во неверојатно вкусната храна.

Честотпати гледаме наназад за да видиме кои сме, или да видиме колку се сигурни нашите идентитети. Кога мислиме на тоа кој ја пренесува традицијата и кој ја продолжува, најчесто на ум ни доаѓа некој поединец. A кога сме веќе кај поединците, личноста која со голема љубов, од колено на колено го пренесува вкусот на традиционалната дојранска кујна е Танка Ајцева, членка на здружението „Дојрана“ и дел од организацијата на „Дојранска софра“, која се одржува секој ноември, за да биде мост помеѓу традицијата и современоста.

Денот беше студен и врнежлив, но Танка во својот ресторан “Калдрма“ не пречека со топла насмевка и неверојатна чорба од сом која ја приготвила со своите вредни раце.

„Природата овде нуди нешто поразлично, вели таа за Рацин.мк, „Езерото е познато по своите лековити својства, особено кога станува збор за калта која се користи од страна на оние кои страдаат од респираторни проблеми и реума а голем број луѓе се радуваат на доброто чувство што го носи престојот покрај езерото. Од друга страна, не треба да се заборави и гастрономијата која е еден од најголемите адути на овој регион“.

Таа ни раскажа за убавината на живеењето во Дојран, дека еднаш го напуштила кога учела средно училиште во Скопје и никогаш повеќе, а како што растела така и се зголемувала  нејзината страст кон готвењето. Танка ни откри дека тајните рецепти всушност од малечка ги учела од своите баби.

-И веднаш се знае дека штом се спомене Дојран секој го помислува истото, а тоа е дојранската риба , начините на приготвување и видовите на риба која се служи. Црвеноперката на трска, кременадла од крап, рибја чорба и плескавица од икра се само некои од специјалитетите кои задолжително треба да ги пробате. Печењето на риба на трска е традиционален начин на приготвување, при што самата трска се залепува за рибата, создавајќи уникатен вкус што го прави овој метод најстар, многу мачен, но и највкусен, раскажува Танка.

На трпезите во рестораните во градот, на фестивалите и познатите софри како и во домовите на дојранчани секогаш ќе најдете по некое од овие вскуни јадења, а ако ги има сите на едно место тогаш тоа е вистинска гозба, печен крап, тава со перкија – костреж, тава со сом – плакија, пепелени белвички, фригана риба, платица со ориз, крашник со крап, пржен крап, кавијар. За љубителите на слатките деликатеси секако тука е алвата со гриз, фиделија пилаф но и уникатната дојранска баклава.

– Во нашето здружение, но и на кулинарските манифестации „Дојранска софра“ и „Дојранскиот гурмански фестивал“  кои се одржуваат во градот, учествуваат домаќинки и кулинари од Дојран, и не станува збор само за јадењето, туку за една културна мисија која носи со себе богатство од вкусови и сеќавања и ги поврзуваат луѓето од различни краишта, создавајќи нови можности за заедничка работа и размена на искуства.

Органски мандарини, калинки, маслинки

Гастрономската понуда на Дојран не се завршува тука. Овој регион е исто така познат по органското производство на калинки, маслинки, киви, смокви и мандарини. Ако сакате да се поврзете со локалните производители, има можности за купување на овие вкусни и автентични плодови, кои ќе го обогатат вашиот престој во Дојран. Многумина од посетителите велат дека сонцето, мирисот на маслинките и слатките смокви го прават Дојран не само туристичка дестинација, туку и вистинско место за опуштање и уживање, но верувајте незаборавно искуство е овој град и во зима.

Иако расте бројот на туристи, иако инфраструктурата се подобрува, и додека природните и културните атракции продолжуваат да привлекуваат, цените во Дојран остануваат релативно пристапни. За разлика од некои други туристички дестинации во Македонија, Дојран сѐ уште останува достапен за семејства и туристи со понизок буџет. Кај езерото можете да уживате во вкусна храна по разумни цени, како што е шопската салата за 150 денари, пиво за 100 денари, или рибна чорба за 150 денари.

Секако, историските и културни знаменитости на Дојран, како Саат кулата, Турската бања и црквата Св. Илија, кои се не само архитектонски, туку и историски значајни, се дополнителни привлечности кои ги збогатуваат посетите на туристите. Со вложувања во реставрација овие објекти стануваат сѐ попознати и за музички настани како Д-фестивалот и други културни активности.

Реновирани плажи, уредени паркови

Дојран беше туристички рај пред половина век, но, како и многу други места, со времето започна да ја губи својата популарност. Сепак, последниве години, особено во последните десет години, Дојран се врати на голема врата. Туризмот во овој мал град полека се враќа и денес, благодарение на реновираните плажи, уредените паркови и многуте новоизградени капацитети. Местото сега има голем број хотели и одморалишта, повеќе од 600 приватни капацитети и 300 викендици, а заедно со бројот на посетители, зголемува и својата понуда.

Гостите се задоволни од уреденоста на плажите, кои, како што велат, се редовно чисти, а на секој чекор има корпи за отпадоци.

Градоначалникот Анго Ангов е оптимист за развојот на туризмот во Дојран. Според него, најголемите предизвици остануваат во развојот на инфраструктурата и усогласувањето на урбанистичките планови, но Дојран постепено се развива и постојано се инвестира во нови сместувачки капацитети. Зголемувањето на бројот на апартмани, хотелски соби и реконструкцијата на стари објекти значат нови можности за развој на туризмот и нови вработувања во регионот.

Сепак, во Дојран не се гледа само туристичката иднина, туку и инвестициите во инфраструктурата и во купување на градежни парцели. Многу семејства од Скопје и другите делови на Македонија започнаа да купуваат викендички, а општината размислува за проширување на урбанистичките планови, што ќе го отвори патот за поголеми инвестиции и нови хотелски комплекси.

Зачлени се на нашиот е-билтен