Уставните сидии, Осман Кадриу и Насер Ајдари, нема да учествуваат во работата на Уставниот суд, во среда наредната недела, кога на седница ќе биде Законот за албанскиот јазик. Отсуството го оправдаа со тврдењето, дека ќе бидат надгласани. Уставниот суд треба да донесе одлука, дали некои одредби од Законот се уставни или, пак, не.
Кадриу за медиумите рече дека ‘за нив не е разумно да се дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански национален карактер’.
Инаку, Кадриу и Ајдари беа именувани од Собранието во времето кога ДУИ беше владејачка партија.
Од Уставниот суд засега немаат коментари за одлуките на двајцата колеги, ниту пак за нивните ставови поврзани со Законот за употреба на јазиците.
ДУИ во изминатиот период предупредува, дека не е ‘правно’ да биде укината која било одредба од Законот за употреба на јазиците и дека тоа ќе претставува ‘директен удар врз стабилноста и мирот на државата’.
Во партиското соопштение на интегративците, пишува дека ‘Законот за јазиците е производ на сложен компромис, постигнат со макотрпни преговори во изминатите години и дека претставува темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит’.
„Одлука, која би го загрозила Законот за јазиците, би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина“, наведуваат во соопштението, од партијата на Али Ахмети.
Премиерот, Христијан Мицкоски, смета дека има поединци кои сакаат да ја нарушат безбедноста на државата.
„Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Сме предупредувале дека има обиди да се наруши безбедноста и ова е еден од тие обиди. Има некои места каде што се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Влада ќе сториме се за да гарантираме безбедност“, рече Мицкоски.
Уставниот суд, предметот за Законот за јазиците, го оформи во 2019 година. Тој е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии и здруженија. Против одредени одредби во Законот за јазиците, негативно се произнесе и Венецијанската комисија.